Европската вселенска агенција (ЕСА) објави дека ја испраќа роботската рака „Sample Transfer Arm“ (STA) и ќе ја користи во мисијата за праќање примероци од почвата од Марс на Земјата.

-Тоа е роботска рака долга 2,5 метри што ќе ги подига цевките полни бесценета почва од Марс и ќе ги пренесе во ракетата, за историска меѓупланетарна испорака. Роботот може да изведе низа потези со седум степени на движењата и со помош на две камери и редица сензори. Има држач сличен на рака, што може да ги фаќа и ‘да ракува’ со садовите за примероци под различни агли, соопшти ЕСА.
STA, всушност, е самоуправувачка машина и, според Агенцијата, е прилично прецизна, што ја прави идеална за својата единствена мисија. Роботот сѐ уште не е на Марс, но ЕСА вели дека наскоро ќе слета на „Црвената Планета“.
-Раката има способност да гледа, чувствува и да донесува автономни одлуки, како и да ги отстрани цевките од роверот, да ги подигне од земјата и да ги стави во контејнер, а потоа да го затвори капакот пред полетувањето од Марс, се додава во соопштението.
Роверот „Упорност“, инаку, ќе ја прослави својата прва годишнина на Марс. Тој минатиот февруари слета на планетата, а мисијата чини 2,7 милијарди долари.
Вселенските агенции ширум светот со следниот потфат се надеваат дека ќе најдат фосилизирани организми во примероците почва, но веројатноста тие да содржат живи организми е многу мала. Исто така, се поставува прашањето дали е безбедно да се доставуваат такви организми на Земјата, бидејќи тоа ја зголемува опасноста од можна биоконтаминација. Меѓутоа, стручњаците сметаат дека можноста за тоа е речиси на нула.