Ситните стаклени зрна расфрлани низ површината на Месечината кои содржат милијарди тони вода би можеле да бидат мошне корисни за астронаутите во идните мисии на Месечината, велат истражувачите.

Откритието се смета за едно од најважните откритија за вселенските агенции кои се насочени кон изградба на бази на Месечината, бидејќи значи дека на Месечината има достапен извор не само на вода, туку и на водород и кислород.
-Со ова откритие, потенцијалот за истражување на Месечината на одржлив начин е поголем отколку што бил досега, вели Махеш Ананд, професор по планетарна наука и истражување.
Повеќе од половина век откако луѓето последен пат беа на Месечината, НАСА и другите вселенски агенции се подготвуваат за враќање. Мисијата Артемис на НАСА има за цел да ја стави првата жена и првата личност во боја на Месечината, додека Европската вселенска агенција има планови за село на Месечината.
Ананд и тим кинески научници анализираа фини стаклени зрна од примероци од лунарната почва вратени на Земјата во декември 2020 година од кинеската мисија Chang'e-5. Зрната, чија големина е помала од еден милиметар, се формираат кога астероидите удираат во Месечината и испраќаат дождови од стопени капки. Тие потоа се зацврстуваат и се мешаат во месечевата прашина.
Тестовите на стаклените честички открија дека заедно тие содржат значителни количества вода, што изнесува помеѓу 300 и 270 милијарди тони низ целата површина на Месечината.
Од претходните мисии се појавија навестувања дека Месечината можеби не е целосно сува пустелија. Во 1990-тите, орбитерот Клементин на НАСА најде докази за замрзната вода во длабоки, стрмни кратери во близина на половите на Месечината.