Родителите кои размислуваат за првиот телефон или таблет на своето дете сега ќе можат да имаат поголема контрола на содржините. Имено, „Apple” воведе подобрени контроли во новата верзија на „iOS 26” и „iPadOS 26” што ќе го олеснуваат управувањето со содржината, апликациите, комуникацијата и безбедноста за децата на паметните уреди.

Покрај постоечките функции како „Screen Time” ограничувањата за комуникација и содржина, на „iPhone“ сега ќе има и други опции. Меѓу нив е и контролата преку уредот на родителот, кој ќе има директен пристап до телефонот на детето и без физички пристап. Новост е и тоа што почнувајќи од оваа есен, ќе може постоечки уред да се преобрази во детски профил без ресетирање на податоците.
Преку „Screen Time” родителите ќе можат, не само да управуваат со времето минато пред екран, туку и да го ограничат пристапот до одредени апликации. Тука е и опцијата „Downtime” (кога уредот ќе биде исклучен) и да контролираат со кого и кога може детето да комуницира.
Сега возрасните ќе имаат и можност за известувања доколку детето се обиде да ја внесе или да ја погоди лозинката за ограничувања, што дополнително го зголемува надзорот.
Меѓу функциите се: „Communication Safety” - автоматско препознавање и замаглување експлицитни слики, со едукативни пораки приспособени на возраста; „Screen Distance” што го предупредува детето ако го држи екранот премногу блиску до очите; филтрите „засновани на возраст“ - за апликации, музика, игри, филмови и ТВ-содржини, блокирањето купување купување преку интернет, а најпосле овде е и апликацијата „Find My” за пронаоѓање на локацијата на детето во реално време.
Имено, родителите ќе можат во секое време да видат каде е нивното дете, или да добиваат известувања кога детето ќе пристигне или ќе го напушти училиштето, домот итн.
Покрај постоечките функционалности, најавени се и дополнителни безбедносни мерки кои ќе бидат достапни со новите системи, како што се проширена заштита од експлицитна содржина и повици. Иако ниту една технологија не може целосно да го замени родителскиот надзор и разговорот, овие алатки можат многу да помогнат кон воспоставување здрави навики за користење уреди и лична кибербезбедност.