Покрај вчера завршениот Макфест, пастрмајлијата, Исарот и бањата Кежовица, Штип има уште еден препознатлив симбол. Рубриката LoveMK Ви го претставува Игор Киров, наш реномиран балетски уметник. Своето образование го започнал во Македонија, продолжи на Codaris Rotterdam dance academy, а во моментов професионално е ангажиран во Градскиот театар во Клагенфурт, Австрија. Кога го прашав како себе си би се опишал, тој одговори:

„Како личност обожувам да патувам, зашто секое ново место и секој неоткриен простор ми е предизвик. Сакам искрени луѓе на кои можам да им верувам, кои знаат да ме направат среќен и кои се секогаш до мене кога ќе ми требаат. Како креативец сакам да творам, да откривам, да се забавувам, да сликам и да танцувам”.
На што посебно се гордеете како роден Штипјанец?
Разбира се дека сум штипјанец, хаха. Посебно се гордеам на фактот што да не бевме ние штипјани немаше државата кој да ја направе, ништо без нас, хаха (ова е кажано со штипски акцент, хаха).

А, што мислите за нашиот народ?
Ние сме супер како народ, ама ни недостасува едно нешто. Тоа е почитувањето, т.е. треба повеќе меѓусебно да се почитуваме. На тој начин ќе бидеме уште подобар народ, а вака...всушност вакви сме затоа што сме Македонци.
И затоа не одиме напред?
Да. Друг проблем е зависта. Додека си завидуваме и се гледаме лошо едни спрема други никаде нема да мрднеме. Кога секој ќе си го гледа својот живот и ќе мисли само на себе, тогаш ќе тргнеме напред. Но, за тоа да се случи потребно е уште многу време.

Што најмногу Ви недостасува од земјава?
Храната, јадењата од нашата кујна, а посебно лутко ајварче со сирење и најдобрата „штипска” пастрмајлија. Инаку сакам да готвам и често готвам наши јадења.
Дали употребувате македонски пцовки и која Ви е омилена?
Многу ретко. Ама, кога пцујам ја употребувам онаа „УПМ”(У п....матер).

Конечно, зошто Ве нема на нашата балетска сцена?
Македонската опера и балет воопшто не се заинтересирани за тоа што го работам. Министерството за култура се чини дека нема потреба од уметници без партиска книшка. Инаку, во моментов се подготвувам за првата премиера сезонава во Клагенфурт која ќе се одржи на 27. Октомври. Станува збор за модерна верзија на балетот Оревокршачка. Предвидени се 25 претстави. По неа на 15. Декември следи нова премиера за која се планирани 30 претстави. Во меѓувреме подготвувам дует со колешка од Словенија за балетот во Штутгарт. Сезонава треба да одиграм 100 претстави и како кореограф ќе имам мои креации за националните балети на Естонија и Кина.
И. Николовски