Тијана Дапчевиќ со песната „To the sky” (Кон небото) ќе ја претставува Македонија на 59-то издание на изборот за Песна на Евровизија во Копенхаген, Данска. Таа ќе настапи на 8-ми мај, на втората полуфинална вечер под реден број 11. Со сета љубов и почит кон Македонија, прво посакува пласман во големото финале на 10-ти мај, а потоа и пласман меѓу најдобрите десет.
На што посебно се гордееш како Македонка?
Горда ме прави фактот што ми приоѓаат и ми честитаат припадници на сите етнички заедници од Македонија и од секоја можна политичка провиниенција, без оглед на пол, професија и возраст. Нивната искреност и поддршка ме прават горда што сум Македонка. За мене Македонија е една и единствена. Секоја земја всушност ја чинат нејзините граѓани и горда сум што се вбројувам во нив.
Како во една реченица би ја опишала земјава?
Македонија е една сончева и топла земја во која љубам да се враќам...таа е мојот прв дом.
Кога патуваш што најчесто те прашуваат за Македонија, за што се интересираат луѓето кои не биле тука?
Многу често патувам и постојано среќавам и запознавам многу нови луѓе, кои се интересираат за Македонија. Најчесто ми ги поставуваат следниве прашања: Дали е вистина дека Македонците се толку гостопримлив и топол народ, дали е вистина дека имаме најубаво вино и ракија во свет, дали Македонија е навистина толку убава како на фотографиите? На сите тие прашања, јас им одговорам: „Да, вистина е! Македонија е една и единствена!"
Вино или ракија?
Вино.
Омилен македонски збор?
Виножито. Тоа е збор кој во себе содржи спектар од бои и во него има многу симболика.
Што од Македонија најмногу ти недостасува во Белград?
Ми недостасува мајка ми и татко ми и сестра ми најмногу. Но, немам време за носталгија, затоа што секој слободен момент го користам да отидам дома во Скопје.