Никола Младенов

Бранко посеа, а Груевски жнее

Никола Младенов е сопственик на најдолговечниот и најуспешниот политички неделник во Македонија, „Фокус“. Од 1995 година во своето издание пишува за политичарите и за нивното владеење, примарно анализирајќи ја работата на оние што се во моментот на власт. Во тој контекст, како упатен новинар, нема многу позитивно мислење за луѓето кои ка одредуваа нашата судбина во изминатите 20 години. Според него, сите кои ја имаа моќта придонесоа во своето време да биде сериозно загрозена македонската демократија. Разговорот го почнуваме со проект кој може наскоро да доживее реализација - нов дневен весник...

Во последниве недели низ новинарските кругови се зборува за прераснување на „Фокус“. Дали е тоа точно и постои ли кај Вас желба за нешто такво?

Да. Тоа беше дел од замислата кога почнувавме со неделникот „Фокус“ - еден ден да прерасне во дневно издание. За жал досега, условите не ни овозможија реализирање на таа идеја. Од неодамна, со гаснењето на „Време“ и „Шпиц“,на пазарот се создаде простор да се појави нов дневен весник, кој критички ќе ја опсервира стварноста. Но, како и повеќето слични проекти, наидува на две клучни пречки. И ние сме соочени со ситуација да нема рото-печатница, за која може да бидеме сигурни дека ќе ни обезбеди рамноправен третман со конкурентските изданија, а истото важи и за дистрибуцијата. Таа е во најголемиот дел (60 отсто) „покриена“ од „МПМ“, односно од главниот конкурент во дејноста. За да се надминат овие два проблема, потребни се прилично многу средства и енергија, па дали ќе успееме, останува да се види. Во секој случај, додека не најдеме соодветен одговор на овие прашања, тешко е да се зборува за конкретно влегување во проектот.

Шпекулациите беа подгреани со доаѓањето на Бранко Героски во „Фокус“. Сега во импресумот пишува дека тој е заменик главен уредник, но дали е дојден за тоа или за водење дневен весник, што повеќе одговара на неговата досегашна работа.

Видете, Героски дојде да разговараме околу негово ангажирање во неделникот „Фокус“ и тоа беше нашата главна тема. Тој е дел од редакцијата, а како ќе се развива таа понатаму е прашање за кое мора да му оставиме на времето да ни го одговори. Во секој случај, Јадранка Костова останува главен уредник на неделниот или, евентуално, дневниот „Фокус“.

Сепак, се зборува дека кон крајот на септември би можело да се почне со функционирање на весникот?

Тој термин веројатно е избран во чаршиските муабети, бидејќи и таму има упатени луѓе, кои знаат дека е битно ваков тип проекти да стартуваат со работа пред или по зимата, зашто кога ќе почнат снегот и студовите, многу е потешко да се промовира нов печатен медиум. Луѓето кои имаат печатници треба да почувствуваат дека им се отвора простор за проширување на бизнисот. Во спротивно може да се доведеме во ситуација, против која сум бил отсекогаш - да мора тој што го издава весникот да биде и печатар и дистрибутер, што е против здравата логика и конкуренција. Меѓу другото, таквите затворени системи се фин модел и за перење пари. За жал, кај нас тоа се дозволува.

Како ја оценувате слободата на новинарството во последниве 25 години? Вие ја почнавте уредничката кариера на крајот од социјализмот, во „Млад борец“и ја продолживте низ целата самостојност на Македонија. Имало ли значајни разлики во односот на власта кон медиумите, во зависност од тоа кој седи во Владата?

Нема голема причина за задоволство. Напротив, имам чувство дека во однос на слободата на изразување, не само во новинарството, бележиме стравотен пад. Можеби причината лежи во отсуството на демократска традиција, бидејќи ние не паметиме вистински слободен период. Многу е тешко да му зборувате за слобода некому кој не знае што е тоа. Како да му зборувате на слеп човек за бои. Ние никогаш не сме имале протести за општествена слобода. Либертијанската идеја овде не наидува на плодна почва. Најголемата слобода ја имавме на крајот од 80-тите, кога значајно попуштија комунистичките стеги, но тоа повеќе беше рефлексија на случувањата од север, пред се’ во Словенија, од каде секогаш доаѓале полиберални ветришта. Тој период на „изнудена слободија“ или „слободија од немајкаде“ заврши со апсолутното мнозинство на СДСМ по изборите во 1994., па потоа, во 1995 и 1996, се појавија „Фокус“ и „Дневник“. Во времето на Љубчо Георгиевски имаше можеби најголема слобода да се пишува, но тоа не значи дека добивме и демократија, која е всушност, реализирана слобода, кога власта ги слуша критиките од јавноста и сериозно размислува за нивната аргументација. Логиката на Георгиевски и неговата влада беше: вие слободно пишувајте што сакате, а ние ќе правиме што сакаме. Во второто владеење на СДСМ , во 2004 година, Стејт департментот во својот извештај за Македонија укажа дека „медиумите се уценети со реклами кои селективно се насочуваат кон изданија и телевизии блиски на власта“. Тоа не се однесува само на владините огласи, туку и на компаниите, чии раководства се како нова олигархија, креирани во времето на Црвенковски. Значи, ова што ни се случува денес не го измислил Никола Груевски или некој од неговиот табор, туку токму другата страна. Разликата е што СДСМ, тоа го изведуваше посуптилно, покултурно, пософистицирано, во ракавици..., додека тимот на Груевски настапува директно, арогантно, грубо, без пардон и без ни малку водење сметка за мислењето на другите. Ова сега е кулминација на лошо поставениот темел од самите почетоци на македонскиот плурален живот. Се надевам дека поради апсурдноста до која Груевски го доведе тој процес, се наоѓаме блиску до неговиот зенит и оти не ќе може уште долго да опстои.

Имате лично искуство со тужби за клевета, па и за фалсификат. Што значи судски процес во кариерата на еден новинар?

Секое одење на суд е како одење на лекар. Тоа е прилично непријатно доживување, особено што судот секогаш бил во подредена позиција во однос на извршната власт. Подаништвото е толку длабоко навлезено во свеста на тие луѓе, што веќе не е потребно некој да се јавува на телефон и да сугерира судска одлука. Судиите сами знаат што се очекува од нив. Тие не ја заштитуваат слободата на изразувањето, загарантирана со Уставот, туку се формално правни чувари на ликот и делото на нашите „големи водачи“. Што се однесува до мојот судски процес со Бранко Црвенковски и со Хари Костов, јас бев принуден да ја платам најголемата парична казна пресудена во цела Југоисточна Европа - 52.000 евра. Педесет илјади беше отштетата и судската глоба, а уште 2.000 евра, затоа што Црвенковски сакаше да го наполни џебот и на својот извршител. Тие воопшто не дадоа сметка каде треба да ја уплатам казната, туку ми пуштија извршител да го направи тоа. И покрај целата апсурдност, против тоа немате начин да се борите. Беа одбиени сите мои жалби, и среќна околност е што ги имав тие пари, па пресудата не се почувствува врз работењето на „Фокус“. Тогаш, Црвенковски воспостави многу лоша практика, која требаше да биде „педагошка“ мерка за сите што ќе се дрзнеа критички да ја анализираат неговата работа. И подоцна се врати на најлошиот начин. За жал, огромниот дел од колегите тогаш се ситеа, за набрзо да се соочат со новонастаната ситуација, кога Груевски поучен од примерот на Црвенковски во однос на мене, го „репна“ Љубомир Фрчкоски со 30.000 евра. Денес секоја „шуша“ од власта или блиска до неа, тужи новинар зашто се почувствувал наклеветен или навреден, и главно, ги добива сите тие спорови. Неодамна констатиравме дека во септември главната уредничка на „Фокус“, Јадранка Костова има по две судски рочишта неделно за написи во нашиот неделник. Тоа несомнено влијае врз работата и го дефокусира човек од секојдневните професионални ангажмани. Доведува и до автоцензура само за да не ја нарушите „честа“ на тие што се одамна обесчестени. Никој не му верува на „Петко“, но мислат ако „Петко“ нешто пресуди дека народот ќе поверува. Таков беше случајот и со мојот судски процес. Убеден сум оти и денес никој не верува во она што Црвенковски го доби како тапија од судот. Но, очигледно, и тие работи се дел од детските болести на демократијата низ кои мора да поминеме.

Не се каете за објавениот напис во врска со тој случај?

Не, без оглед на исходот. Времето покажува дека тоа бил еден од пресудните моменти, во кој за жал, е закопана слободата на општеството да промислува и да ја става под критичка лупа работата на највисоки функционери во земјава. Ако вие немате право да се сомневате во нечија чесност или успешност, како ќе функционирате?

Прашањето е дали аргументите што ги изнесовте беа релевантни?

Тоа беа сомнежи кои требаше некој да ги истражува. Кај нас се бара во постапката, тој што наводно клевети, и да докажува. Меѓутоа, тоа е прилично ригидно толкување на законот, бидејќи во него пишува дека „по вистината не трага само странката, туку трага и судот“. Во тој случај се работеше за банкарски сметки во земји кои се познати по строгото чување на банкарските тајни. Како очекувате новинар да го открие тоа? Такви докази се обезбедуваат според максимално контролирана постапка на обвинителството, по претходно барање на судот. Намерата ми беше да тестираме дали општеството сака да трага по вистината. За жал, тогаш и огромниот дел од новинарите застанаа во одбрана на митот за чесноста и неприкосновеноста на Бранко Црвенковски. Тоа како бумеранг ни се враќа денес.

Велите дека сакавте да трагате по вистината, но дали главниот мотив, всушност не Ви беше атрактивен наслов во Вашето издание?

Нема сомнение дека таквите материјали се атрактивни. Тоа го напишав тогаш, а го кажав и на судот. Но, некој требаше да навлезе подлабоко и да прочита нешто повеќе отколку самиот наслов. Мојата теза беше дека прилично сомнително коинцидираат некои датуми со одредени настани - префрлување пари на сметка со нешто што се случило во земјава во процесот на приватизација, при делење тендери и слични моменти. Ако тоа не го објавите, макар и во форма на сомнеж, како што беше објавено, вие сте соучесник во прикривањето на нешто незаконско, за што сте пишувале толку долго. Се разбира не тврдам дека она што го кажувам секогаш е единствено точно, исправно и совршено, но во тој момент толку знам и тоа го изнесувам во јавноста. Овде партиите ќе ви дозволат се’ освен да бидете свој човек. Вие мора да сте „нечиј човек“. Јас таа позиција никогаш не сум ја прифаќал, бидејќи сум самостоен човек, кој максимално се труди да размислува толку колку што му дал Господ.

Дали во 2006 година верувавте дека Груевски ќе биде премиер-технократ, кој ќе се фокусира на економијата и главната политичка агенда ќе му се однесува на подобрувањето на параметрите во таа област?

Јас немам дилема околу него уште од конфликтот во ВМРО ДПМНЕ во 2004 година, кога зборував за неговата лицемерна политика во однос на изборот за претседател на Бранко Црвенковски. Тогаш му го намести Сашко Кедев за овој да се прошета на изборите. Тоа беше како боксер од перолесна категорија да спротивстави на некој од супертешка. Затоа напишав дека „Груевски го избра Црвенковски“. Според мене тоа е период кога тие двајца почнаа да шуруваат меѓу себе, во желбата да се ослободат од Љубчо Георгиевски. Тогаш и многу од про-СДСМ медиумите гледаа со симпатии кон сегашниот премиер, бидејќи проценуваа дека е опозиционер по нивна мерка: човек кој има говорна мана, не е добар оратор и кој не поседува апсолутно никаква лична харизма. Поверуваа дека тој ќе биде изборната „вреќа за тренинг“ на СДСМ, која редовно ќе ја победуваат. Јас никогаш не сум имал очекувања од Груевски, па затоа и не можам да кажам дека се тие изневерени. Не сум бил „очаран“ за да бидам сега разочаран.

А, дали имавте морална дилема кога во „Фокус“ ангажиравте новинари, со кои претходно сте поминале низ жестока јавна полемика?

Па, немало многу такви случаи, а ако мислите на Мирка Велиновска или на Бранко Героски, мојот став е јасен. Има периоди кога одредени квалитетни новинари, власта посакува да не постојат. Кога ќе им го укине медиумот, кога ќе станат проскрибирани во јавноста, кога врз нив ќе се фрли анатема дека „имаат сида“... Тие луѓе одеднаш немаат каде да пишуваат. Мојот став е спротивен. Јас мислам дека на квалитетните новинари треба да им се даде простор да мислат и да говорат слободно и врз основа на тоа да бидат оценувани, па и побивани. А не, со нивно бришење од списокот на вработени или со ургенции кај газдите да бидат замолчени.

Но, не е спорно дека дел од тие квалитетни новинарски пера, правеле политички лупинзи, кои се граничат со професионална перверзија. Кога се определувате за соработка со некого дали Ви е поважна новинарската вештина на човекот или неговиот морален кредибилитет?

Нормално, и едното и другото. Меѓутоа, не може да барате по 20 години плурализам луѓе со Исусови карактеристики. Тогаш не би останал никој ни за пиење кафе, а камоли за работа во медиум. Кој е денес безгрешен, освен Груевски, кој нели, од секој лупинг излегува уште поневин, хахаха...? Не е спорно дека во Македонија постои криза на кредибилитетот, криза на веродостојноста и затоа граѓаните ја губат довербата во политичарите, во новинарите, во се’ што го формира јавното мислење.

Има ли воопшто во државава кредибилни личности, кои никогаш не би се „продале“?

Не сакам да споменувам имиња затоа што веднаш ќе ме прогласат за нечиј апологет, но бездруго ги има. Малку, ама сепак постојат. Втора причина зошто одбивам да споменувам имиња јавно, е тоа што постои опасност утре и тие да се покажат како разочарување (се смее).

Дали постои рекетарско новинарство во Македонија?

Веројатно, да. Сакајќи да го заштитам мојот медиум од таквата слика, секогаш сум прашувал: дали некој новинар од „Фокус“ постапил така и дали имате забелешка кон мене, но конкретна. Генерално гледано, таквите обвинувања се фино алиби за луѓето кои направиле нешто валкано во животот, а се вадат со тезата: „ме напишаа во весник, зашто не сакав да им платам рекет“. Инаку, дека постои уценување во соработка со политичарите, при што се користат меѓусебните валкани досиеја, што си ги знаат едни со други, тоа е точно. И со оглед на тоа дека новинарите не излегоа од таа пропагандистичка, слугарска позиција кон политичарите, и тие придонесуваат за таквата состојба. Но, сметам дека дури и тоа зло е помала опасност од стравот за критичкото согледување на нештата и автоцензурата која е наметната како амбиент во Македонија.

Каква е позицијата на „Фокус“ по 16 години постоење, од аспект на стабилност и на економски предизвици? Дали и вас ве погоди падот на тиражите, кој се случува во сите печатени медиуми?

Ние имавме среќа што уште од почетокот работата ја поставивме на здрави темели, а тоа е да зависиме од читателите. Значи, прво да се има тираж, а потоа ако дојдат огласувачите, тие се добредојдени. Со оглед што сме работеле секогаш со сопствени пари, спечалени на пазарот мора да бидеме задоволни. Тоа ни ја овозможи основната намера - критички да ја опсервираме секоја власт. Што се однесува до тиражите, и кај нас се забележува кризата, но може да бидеме задоволни дека со оглед на тоа што сме неделник и со цена над трипати повисока од дневните весници, бележиме пад не поголем од 20 проценти. Ако сме имале печатени 10.000 примероци, сега печатиме околу 8.000, ако порано сме продавале просечно по 8.000 неделно, сега сме задоволни со 6.000-6.500, што е поголем тираж и од многу дневни весници.

Дали сте оптимист за иднината на земјата во која живееме?

По природа сум оптимист, а по општество песимист (се смее). Секогаш верувам дека мора да постои излез и оти работите ќе се движат кон подобро. Трагично е што ние не учиме ништо ниту од сопствените грешки, а камоли од туѓите. Трагично е што дозволивме да не’ поминат сите земји пред кои бевме до пред неколку години. Трагично е што ќе се соочуваме со загуба на многу време, а тоа влијае врз нашата позиција, од економски до демократски аспект. Но, тоа е тоа. И ние си имаме толку, колку што сме си заслужиле. Сепак, верувам во подобра иднина.

Имате ли проекција кога би можел да се случи пресвртниот момент?

Тоа зависи од многу работи, кои не се само македонски. Мора да се има во вид и регионалниот, како и меѓународниот контекст. Неблагодарно е да се зборува за тоа. Тешко е да го анализирате Груевски, бидејќи тој е човек кој многу често работи надвор од логиката. Прави премногу потези со желба денеска да им се допадне на луѓето. Тој е политичар на денот. Би дал се’ за денеска да го сакаат него, а како ќе и’ биде утре на земјата, не му е баш најважно. Тоа воодушевување од „човек на денот“ и одбивањето да се размислува што стои зад планината, може да ни испорача многу сериозна казна. Сепак, би сакал да се надевам дека таа казна ќе ја плати, пред се’ Груевски, а не и ВМРО ДПМНЕ и општеството во целина.

Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
- Што е тоа мало црвено, по малку бело?
- Мравка со нога во гипс.

webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Меѓународен ден на спомениците на...
1797.- Роден е францускиот државник и историчар...
1820.- Роден е австрискиот композитор и диригент...
1882.- Во Лондон е роден Леополд Стоковски,...