Игор Трпески

Морав да го бранам МекКејлеб од странските обожаватели

Игор Трпески го помина целото Европско првенство на местото на настанот, со нашите кошаркари во Литванија. Впечатоците се бројни и силни, а покрај тоа има и многу интересни доживувања за раскажување...

Се смируваат ли полека емоциите?

По она што го доживеавме во Литванија, а особено по спектакуларниот пречек во Скопје, не може да се смират чувствата и верувам уште долго ќе биде така. Не поминува минута без да ми излезе пред очи сликата од еден дедо, кој стоеше на автопатот додека поминувавме на враќање и во исто време плачеше и се смееше, извикувајќи: „Вие сте гордост македонска, вие сте наши јунаци“. Тогаш и јас заплакав. Такво чувство не може да те напушти бргу.

Кој натпревар го доживеа најдраматично?

Речиси сите, бидејќи сите беа тесни, со исклучок на дуелот со нашиот јужен сосед. Нив ги добивме лесно, без никакви проблеми, па и покрај целиот набој околу тој натпревар со Грците, „тројката“ на Влатко Илиевски против Литванија за влез меѓу четирите најдобри, дефинитивно, беше момент кој го одбележа првенството за Македонија. Можеби требаше истото да се обидеме да го направиме и во дуелот со Русија за третото место, зашто играчите многу сакаа да победат, но се случи таа мала незгода и загубивме. Како и да е, тие два натпревари остануваат за антологија.

Во Македонија пристигнуваа многу информации за симпатиите што нашите играчи ги привлекуваа таму, како главно изненадување на шампионатот, освежување, најголем хит... Како тоа изгледаше на самото место?

Ние бевме најсликаната, најфалената, најбараната и најомилената репрезентација. Во разговори што ги имав со селекторите, почнувајќи од Душан Ивковиќ, кој според мене ја измисли модерната кошарка, па преку Божидар Маљковиќ, Дејвид Блат, сите беа фасцинирани од нашата игра. А како врв на се’ да дојде изјавата на шпанскиот селектор Серџо Скариоло, кој не штедеше пофални зборови за желбата, мотивацијата, срцето и храброста што ги прикажаа кошаркарите, но и за вештината. А исто толку импресионирани беа и медиумите. Само јас добив 11 покани да дадам изјава за странски телевизии, вклучувајќи ги Би-би-си и францускиот Канал плус. Еден од најголемите поддржувачи на македонската репрезентација беше стручниот коментатор на „Канал плус“, кој по мечот со Русија стана, ме прегрна и ми рече: „Заслуживте да бидете на пиедесталот“. Голема наклонетост имавме и од Турците, а да не зборувам за колегите од Екс-Ју просторот. Играчите, пак, постојано беа следени од фанови, фотографирани, замолувани за автограми. Имавме многу интересен случај, и тоа само ден откако ја победивме Литванија. Нашите кошаркари, како впрочем и сите учесници на првенството беа незадоволни од храната во хотелот, па излеговме да побараме нешто посоодветно на нашиот вкус. Бев во група со МекКејлеб, браќата Стојановски, Димчевски..., кога во еден трговски центар луѓето ги препознаа момчињата. Се направи таква мешаница, особено околу Бо, што човекот мораше речиси 60 минути да потпишува автограми и да се фотографира со Литванците, а беше мртов гладен. И побара помош, да го заштитиме, да го тргнеме настрана. Тогаш јас ја презедов улогата на негов пи-ар, одев пред него и на сите барања за фотографирање или автограм, само повторував: “Not now”, “Later, please”, “Mister McCalleb must go”… Потоа, Бо ми беше многу благодарен додека го јадеше својот хамбургер.

А имаше ли антипатија за нас од некого?

Не, освен можеби малку од грчкиот коментатор. Со него влегов во дискусија на почетокот за тоа од каде сум јас, а од каде е тој, но брзо сфативме и двајцата дека таму не е место за политика и оти треба да се посветиме на спортот. Беше еден од ретките нелитванци на кои не им се допадна нашата победа во четврт-финалето и не дојде да ми честита. Меѓутоа, освен него, мислам дека односот на сите беше многу добронамерен и поддржувачки, што и го заслужија кошаркарите.

Дали имаше можност за комуникација со учесниците во текот на првенството?

Што се однесува до нашите, јас имам изградено толку близок однос што неколку пати ми рекоа дека ме сметаат за дел од екипата. Вчера, на една прослава тоа го потврди и капитенот Антиќ. За мене е привилегија да ме чувствуваат така. Пред секој натпревар со селекторот Марин Докузовски имавме брифинг за стручниот дел - ни кажуваше што очекува, како ќе се браниме, како ќе напаѓаме. А, што се однесува до странските кошаркари, имав среќа еден ден по поразот од Шпанија, а пред мечот за третото место и финалето, јас и колегата Радуловиќ од „Македонски спорт“ да го сретнеме Хуан Карлос Наваро, човекот кој ни даде 35 поени. Му честитавме на добрата игра, иако не ни беше драго, но мора да му се признае на човекот дека е мајстор на оваа игра. Фотографирањето со него ќе ми остане драг спомен.

Како селекторот ги мотивираше играчите да го дадат и тоа што веројатно ни самите не верувале дека го поседуваат?

Марин е одличен стратег и психолог. Точно знаеше како да му пристапи на секој поединец и што да му каже во одреден момент. Второ, голема улога одиграа и резултатите. Секоја победа влеваше самодоверба дека можеме уште еден, па уште еден и така натаму. Тоа е секогаш силен мотив. Голем пресврт донесе првиот пораз, од Црна Гора, за кој сите веруваме дека ќе биде клучен. Тогаш играчите рекоа: „По овој несреќен пораз, нема враќање назад. Одиме на се’ или ништо“. И така тргна серијата. По првата фаза, кога веќе и заморот го направи своето, се чувствуваа целосно истоштени, физички и емотивно. Фантастичен потег беше доаѓањето на членови од нивните семејства. Кога ги видоа како да се вратија во живот, како од празен резервоар да станаа повторно полни до врв и желни за докажување. Да не беше тоа, не сум сигурен дека ќе игравме толку добро во вториот круг. Многу важен е и ангажманот пред првенството на Сандро Бакардино, кондициски тренер од Италија, кој дојде на покана од Врбица Стефанов. Во еден момент играчите се жалеа поради напорните тренинзи со Сандро, но во Литванија, сите беа свесни дека без тоа, по третото коло ќе се пакуваме за враќање дома. Тој не дојде со нас на првенството, бидејќи има нов клуб во Италија (помина од “ Монтепаски Сиена ” во “ Болоња ” ), но пред тргнувањето , на играчите им рекол: „Момци, се гледаме во полуфинале“. И дојде да ги поддржи во дуелот за бронзата, против Русија. А, колку е добро самиот физички подготвен, ќе илустрирам со податокот дека е таканаречен Ironman (Железен човек), односно се занимава со двоен триатлон, каде делниците во пливање, велосипедизам и трчање се двојно подолги отколку на редовните натпревари. Направи да имаме тројца играчи меѓу првите пет со најголема минутажа на првенството: Владо Илиевски - прв, Перо Антиќ - трет и Бо МекКејлеб - петти.

Кога сме кај Италијанците, имаше и еден за кој не постоеја толку симпатии во Македонија - судијата Луиџи Ламоника. Каков беше твојот поглед кон него за кој рече во преносот дека си му го упатил, односно што се случуваше меѓу вас во салата?

Не се работеше толку за остриот поглед, туку за одредена гестикулацијата со раката, упатена кон словенечкиот судија. Тој му досуди на Перо Антиќ непостоечка лична грешка на 20 секунди пред крајот на третата четвртина, и во паузата, јас му направив движење со раката, во смисла: „престани да судиш некоректно“. Тоа го забележа Ламоника, кој го викна и шпанскиот судија и разговараа неколку минути покажувајќи со прст кон мене. Јас повторно одмавнав со рака, по што тој отиде да се пожали кај делегатот. Во моментот кога делегатот се сврте кон мене и сакаше да реагира, се обидов да станам, но турскиот колега, ме фати за рамо и ме седна, давајќи ми поддршка. А босанскиот коментатор, пак, скокна и почна да вика на нив. Тогаш видоа дека не можат да направат ништо, бидејќи сите новинари сметаа дека Македонија е оштетена, и се повлекоа, па немаше дисциплински последици поради мојот потег. Но, не заврши тука приказната со Ламоника. Следниот ден околу полноќ се случи да се затекнеме во исто кафуле, на различен крај од шанкот. Му пристапив да ја објасниме ситуацијата и имавме многу коректен разговор. Сфатив дека можеби и јас не сум требало да реагирам така, но сепак, упорно опстојував на ставот дека тоа е испровоцирано од судиска грешка. Откако сфати дека не може да ме убеди, предложи да ме почести пијалак, па си заминав со дупло виски од Ламоника (се смее).

Имавте ли таму претстава каква еуфорија се создава дома со текот на првенството? Дека работното време се скратува за да ги гледаат луѓето попладневните натпревари?

Не. Ние разговаравме со нашите блиски и гледавме клипчиња на YouTube , но немавме сознанија за вистинските димензии на интересот во Македонија. Очекувавме да има некакво славје, меѓутоа за онаков пречек не можевме ни да сонуваме. Инаку, момчињата читаа на интернет, и за нив беше многу важно што се почитува нивниот напор и пожртвуваноста. По првиот пораз од Русија, многу несреќен, кога сите македонски медиуми излегоа со ставот: „ова не е пораз, туку победа“ им беше многу драго и се почувствуваа сигурни.

Од Македонија отидоа многу навивачи да дадат поддршка во Литванија. Кои од нив тебе ти оставија најсилен впечаток?

Данчо до Скопје, кој дојде со својот соработник и со двајцата синови на почетокот, а патуваа со автомобил. Тие беа најфотографираните луѓе во публиката, со препознатливите шлемови од македонската фаланга. Мораа заради работни обврски да се вратат назад по првата фаза, и криво ми е што никој не се сети на нив, иако сите ги имаат нивите фотографии, дека тие заслужуваат да бидат присутни на полуфиналето. Беа подготвени и да платат за да се најдат во некој од авионите, бидејќи веќе не можеа повторно да возат 2.000 километри. Инаку, Данчо е човек што беше и на првенствата во Полска и во Хрватска. Заслужува посебно признание за лојалноста кон репрезентацијата. А, две момчиња од Тетово, ден по победата над Грција решиле да заминат за Литванија со автостоп. На излезот од Полска налетале на струмичани кои оделе исто така на првенството, со автомобил, и така стигнаа заедно. Како се вратија, не знам. Има уште доста интересни приказни, но овие се меѓу покарактеристичните.

Како го доживеаја Литванците првенството?

Во Литванија кошарката е религија, начин на живот. Нешто како фудбалот во Англија или во Бразил. Нивните играчи ги третираат како божества. Секој од нив имаше снимено по десетина реклами за најпознатите брендови во земјата. Речиси сите излози беа аранжирани во дизајн на шампионатот. Во бутик на BOSS, каде што се продаваат свечени костуми, куклата место глава имаше кошаркарска топка. Дваесет и четири часа беа со баскетот и за баскетот. Целата нација живееше за првенството и очекуваа само злато. Ништо помалку од тоа. Но, не успеаја, А, беа фантастични домаќини и многу коректни. Како што реков, дури и веднаш по поразот од нас, бараа автограми од нашите играчи и им честитаа. Подоцна и навиваа за Македонија во другите натпревари. Русија не е многу омилена на тие простори, и тоа го очекував, но ме изненади позитивниот однос на мечот против Шпанија. Инаку, генерално, Литванците се многу културен и гостопримлив народ. Имавме случај кога една вечер сакавме да одиме во ноќен клуб со двајца колеги, и девојка на улица која ја прашавме за насоката се понуди за влезе во колата со нас и да не’ однесе. Дури не’ збуни - да влезеш во возило со тројца непознати странци. Такво нешто тешко ќе ви се случи кај нас или во нашето окружување.

За крај, кој е за тебе твојот омилен лапсус?

Ха ха, знам дека има коментари за моите лапсуси. На работата и’ приоѓам емотивно, сакам Македонија да победува и поради тоа понекогаш излегувам од вообичаениот вокабулар на коментаторите. Но, мене ми е целта гледачот да се соживее со играта, да се почувствува како да е долу, на теренот, и мислам дека успевам во тоа. А, омилен лапсус... Па, ај да речам оној што најмногу беше коментиран: „шутирај од таму колку сакаш...“. Оние што ја разбираат кошарката знаат зошто е тоа така кажано, но не им се лутам и на тие што не ја разбираат и прават шеги. Кога се нафатив да работам како спортски коментатор, го прифатив и ризикот дека некои мои зборови ќе бидат потсмешливо интерпретирани. Но, тоа не е важно, барем додека Македонија победува. Досега коментирав три европски првенства на кои учествуваше нашата репрезентација, а ќе го коментирам и четвртото, во Словенија за две години.



Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Малата камила која мечтае да се омажи доаѓа во посредничка агенција. Подготвувајќи се да даде податоци, признава:
-Само, знаете, имам една физичка мана . . .
-Навистина? А...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на танцот
1429.- Жан д'Арк (Јованка Орлеанка) на чело на...
1628.- Шведска и Данска во Штраслунд склучија...
1769.- Роден е Артур Велингтон, англиски...