Жарко Димитриоски

Градиме автентичен стенд-ап и во Македонија

Жарко најмногу го знаеме од емисиите што како новинар ги водеше на „А1“ телевизија. Сега ги прави првите чекори во малку поинаква област, односно решен е сериозно да се зафати до организирањето на стенд-ап настапи, кои стануваат се’ попопуларни во Македонија. Веќе соработува со најдобрите од Балканот, во што досега публиката можеше да се увери двапати, а наскоро ќе добие уште една потврда за тоа, со гостувањето на најголемата стенд-ап ѕвезда во регионот, Срѓан Јовановиќ...

Како дојде до тоа да влезеш во промотерските води?

Па не знам точно, ама веројатно од мојата лична потреба за ваков вид забава. Ми недостасуваше ова, бидејќи многу сакам да гледам стенд-ап настапи, и тоа во што пооригиналната форма. Нашите луѓе се’ уште немаат видено што е вистински, автентичен и рафиниран стенд-ап. Доста често тој поим се меша со мјузикл, кабаре или дури со театарска претстава. Затоа си поставив цел и во Македонија да се развие стенд-ап сцена, какви што одамна има во Словенија, Хрватска и во Србија. Тоа значи, стоечка комедија со еден човек, кој застанува на сцената потполно сам, без никакви помагала и реквизити, и ја засмејува публиката 30, 45, 60 минути или подолго.


Досега веќе организираше два сериозни настана...

Почнавме на 20 декември 2010 со првиот „Балкан Стенд-ап “, кој се одржа во „Хард рок“. Од Македонија настапија Сашко Коцев и Игор Џамбазов, а од другите поранешни југословенски републики по еден комичар од секоја. Знаевме дека ќе биде добро и привлечно за народот, но никој од нас не очекуваше така голем интерес. Едноставно, бевме затечени од масовноста на публиката, и до денес се кајам што не го предвидовме тоа, за да се организираме подобро. Внатре влегоа 1.300 луѓе, набиени како сардини, а пред вратата на „Хард рок“ останаа најмалку 700 души. Но, ни беше првпат и не знаевме што да очекуваме. За среќа, се’ помина во најдобар ред, а комичарите беа извонредни. Поучени од првиот, на вториот „Балкан Стенд-ап“, кој се одржа во клубот „69“ на 15 и 16 ноември, ја поделивме програма на два дена и тие 1.300 гледачи што дојдоа сега, ги имаа сите услови да си поминат фантастично. Билетите беа продадени осум дена порано, но сепак, решивме да не продолжуваме со нови вечери (иако можевме да направиме барем уште четири). Како што реков, целта е да се изгради сцена, што подразбира и квалификувана публика, а тоа не се прави со искористување на одреден момент за да се заработи повеќе.

Имаш ексклузивци во твојата продукција?

Имам договор со неколку куќи од соседството, со кои градиме мрежа на соработка, за која верувам дека во иднина ќе се шири и ќе вклучи и наши комичари. Кога почнав, пред една година, во голем дел од организацијата имав помош од екипата на „А1“, зашто ова го правевме како заеднички проект. Откако телевизијата беше затворена, продолжив соло и настапите ги организирам преку „Балкан Стенд-ап“, кој сакам да стане бренд на овие простори. Кога луѓето ќе го слушнат тоа име и ќе го видат нашето лого да знаат точно дека добиваат комедија, која е на повисоко ниво од она што се правело досега. Уште на првиот „Балкан стенд-ап“, сфативме дека тоа може да биде сериозен проект и оти е идеја на која вреди да и’ се посветиме. Затоа се договоривме со гостите од надвор, нивните настапи во рамките на Македонија да одат преку мене и јас ќе се грижам за тие да бидат точно дозирани - ни премногу чести, а ниту со голем временски интервал меѓу нив. Во секој случај, еден стенд-ап комичар не смее да изведе ист материјал на две гостувања. Тоа ни е правилото. Што се однесува до македонски ексклузивци, засега немам, бидејќи се’ уште сите функционираат самостојно, на проект. Можеби како што ќе се развива сцената, нив ќе им затреба продуцентска куќа која ќе се грижи за нивните настапи. Уште сме на почетокот, кај темелите. Допрва треба да ја градиме куќата. Инаку, имаме прилично квалитетни стенд-ап комичари: Сашко Коцев, Марјан Ѓоргиевски, Весна Петрушевска , како единствената жена која се занимава со ова во Македонија. Се надевам дека наскоро ќе се појават талентирани девојчиња, зашто тоа би претставувало големо освежување и чекор напред.

Ти како дете беше актер, а подоцна во новинарската кариера имаше прилично неформален стил. Си размислувал ли и самиот да станеш стенд-ап комичар и да настапиш пред публика?

Ха, ха. Во стенд-апот е непишано правило домаќинот на забавата да излезе прв на подиумот и да ги најави учесниците. Според начинот на кој го правам тоа, а и од дружењето со комичарите, многумина од нив ми рекле дека треба да се обидам. Но, не знам. Се’ уште не се чувствувам подготвен за таков чекор. Јас сум човек, кој сака темелно да ги прави работите, особено кога треба да се претстави во јавноста и да се нарече себеси професионалец. Засега, немам доволно време за да седнам и да напишам текст каков што би сакал да изведам. Можеби ќе се случи тоа, можеби спонтано, ако е добра атмосферата. Во моментов уживам во оваа работа и не чувствувам потреба да променам нешто. Меѓутоа, не се знае. Никогаш не велам никогаш (се смее).

Имаш ли желба за глумење?

Секако. Јас влегов во тој свет многу рано и сонував да станам актер. Но, токму актерите ме разубедија. Сите со кои бев во контакт, од Димче Мешковски, Гоце Тодоровски и Блајога Чоревски, до Роберт Вељановски и Мартин Трпчевски и кој уште не, ми велеа: „какво актерство, најди си нешто друго, ќе ти биде подобро“. Можеби и се шегуваа, но јас сепак, се запишав на новинарство. Понекогаш, кога ќе отидам во театар, посакувам да сум на сцената, меѓутоа не се кајам што донесов таква одлука. Професијава е фантастична.

Што се случува во моментов со тебе како новинар?

Иако сериозно се посветив на „Балкан Стенд-ап“, во никој случај не се откажувам до работа во медиумите. Сигурно ќе се прави нешто и моментно сум во финални преговори за мое враќање на екраните. Дали тоа ќе биде „Еден на еден“ или друг проект, ќе видиме. Мислам дека има многу простор за работење. Телевизиската понуда во Македонија е толку еднолична, што би рекол дека е релативно лесно да се направи нешто што ќе го надмине сегашното ниво на квалитет. Публиката гледа телевизија од навика, бидејќи не знае што друго да прави навечер, но не ужива во програмата и е желна за нешто добро. Мислам дека можам да направам емисија, која луѓето ќе ја гледаат со задоволство, пред се’, зашто мене ќе ми биде убаво додека ја подготвувам. Трагедијата е што голем дел вработени во телевизиите не работат со кеф, со душа, и тоа се чувствува во етерот. Затоа нема програми кои те држат „запелен“ за телевизорот, и те оставаат со емоција кога ќе завршат.

Зошто траеше толку кратко твојата соработка со „Канал 5“?

Едноставно, ни се разидоа гледиштата. Тие четири месеци, колку што поминав таму, беа некој вид на пробен период, по кој требаше да почне да се случаат нештата, но констатиравме дека немаме што да правиме, ни тие со мене, ни јас со нив. И толку.

Ја прежали ли „А1“?

Откако се затвори „А1“ се чувствува голема дупка во медиумскиот простор и мислам дека за тоа се свесни сите. Кога ме прашуваат пријатели за начинот на кој се работеше во „А1“, им велам дека тоа беше контролиран хаос. Доста конфузно и често неорганизирано, но никогаш работите не излегуваа надвор од контрола.

Често се зборува за диктаторскиот однос на газдите кон одредувањето на уредувачката политика и кон вработените. Какво е твоето искустов од тој аспект?

Јас воопшто не сум имал лоши моменти во таа телевизија. Релативно брзо ме препознаа како свој адут, поради што добив убави позиции, можнст да се докажам, а и солидни примања. Кога работам нешто, па макар и за друг човек, јас сакам да дадам се’ од себе. Можам да кажам дека во „А1“ баш давав се’ од себе и тоа со целосно задоволство.

Колку траеше процесот од изложувањето нова идеја, до застанувањето пред камера?

Тоа е многу различно. Можеше да бидат два дена, а можеше и две години. Во тој дел постоеше одредена инертност, што не ми се допаѓаше. Во секој случај, мене ми даваа голема слобода и во ни еден момент не се почувствував спречен да ги реализирам моите замисли. „А1“ беше голема фирма, со пријателски дух меѓу вработените, во која можеше да се докажуваш. Тоа нема врска ни со газдите, ни со парите, туку со луѓето што беа таму.

Дали се сметаш себеси за дел од естрадата?

Апсолутно не. Професионално се занимавам со естрада, тоа ми е дел од милјето во кое се движам, но самиот бегам од идентификување со тој поим. Веројатно затоа што не сакам да сум таблоиден тип. Луѓето од списанија како „Свет“ и „Крема“ знаат дека не ми е драго да ме сликаат без да знам, ниту пак некогаш им се јавувам со молба: „ај дојди, сликни ме“. Имам со нив супер однос, коректен и професионален, но останува на тоа.

За крај, да се вратиме на твојата промоторска активност. На 22 декември ќе го донесеш Срѓан Јовановиќ, најголемата ѕвезда на српската стенд-ап сцена.

Точно, во моментов Срѓан е најбараниот комичар на просторите на поранешна Југославија. Лани беше во „Хард рок“, но со кратко претставување, од 15-20 минути. Овој пат ќе има целовечерен настап од речиси два часа, и тоа ќе биде најблиску до автентичниот стенд-ап перформанс што Македонија го видела досега. Овој пат бројот на влезници ќе го ограничиме уште повеќе, зашто сакаме да ја пренесеме во Скопје атмосферата од лондонските и њујоршките клубови... Секој посетител да си има катче каде што ќе му биде удобно, каде ќе може да застане, да си го пие пијалокот и да ужива во настапот што се случува пред него. Срѓан е проверен комичар, кој редовно го изведува својот перформанс „Групна терапија“ во белградскиот театар „Звездара“ со огромен успех и веќе го има поминато целиот Балкан. Нашиот популарен Марјан Ѓорѓиевски имал можност да го види во живо, и со воодушевување вели: „Срѓан е друга димензија“. Тој, навистина, е еден од ретките кои сами можат да направат да се смееш непрекинато час и половина. Тие што ќе дојдат на 22 декември во клубот „69“ ќе се уверат во тоа.

Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот

Две плавуши прават муабет за култура.
- Си го гледала оној филмот ТИТАНИК?
- Да, да , и тоа три пати.
- А која сцена ти остави највеќе впечаток.
- Онаа кога беа на бродот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на дрвјата
- Денеска е Светски ден на интелектуалната...
121.- Роден е Марко Аврелиј, римски цар...
1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар,...