Ќе „гинеме“ за Македонија како кошаркарите, но не ветувам чуда

На 15 јануари почнува Европското ракометно првенство во Србија, на кое учествува и Македонија. Нашата репрезентација ќе ги игра мечевите од првата фаза во Ниш, што би требало да биде голем адут, поради бројната публика, која ќе отиде од овде да ги следи натпреварите. Голем адут е и Кире Лазаров, еден од десетте најдобри ракометари на светот...

Дали си целосно подготвен за Европското првенство, особено со оглед на тоа што пред неколку дена ти се случи повреда на скочниот зглоб?

Многу поважно е да бидеме подготвени сите, бидејќи ние сме тим и мора да функционираме како едно. Во мала предност сме пред другите затоа што имаме многу играчи од домашната лига, од нашите клубови „Металург“ и „Вардар“, па можеше репрезентацијата подолго да се подготвува. Работевме напорно, дури и во празничните денови, односно ги испрочитувавме адетите, но немаше опуштање како што обично се случува во овој период од годината. Мислам дека целиот тој процес траеше доволно, го изведовме квалитетно и сега треба да го презентираме во Србија тоа што го вежбавме целото ова време. Повредата е од поситен карактер и верувам дека целосно подготвен ќе ги почнам натпреварите.

Што очекуваш резултатски на шампионатот?

Европските првенства се посилни од светските, зашто овде буквално нема лоша екипа, а според рејтингот ние сме пониско рангирани од повеќето други репрезентации. Но, иако нè вбројуваат меѓу аутсајдерите, јас верувам дека можеме да ги изненадиме големите земји, пред сè затоа што долго сме заедно, имаме уиграни финеси и може да се разбереме со поглед... Тоа е голема предност. Колку и да имаш добри тренери и талентирани играчи, некои работи се постигнуваат само со време.

Од твоето досегашно искуство, има ли противници кои „ни лежат“ и такви кои се незгодни за нас?

Ако зборуваме за нашите ривали во групата (Германија, Шведска и Чешка), можеби најзастрашувачки изгледа Германија. Не толку според индивидуалниот квалитет на играчите, колку поради колективниот дух, а ни нивната големина како држава не смее да се заборави. Светот се врти околу парите, па една богата Германија мора да ја има секаде. Сè уште немаат обезбедено олимписка виза и ќе направат сè за да го постигнат тоа. Истото важи и за нивниот пласман во втората фаза од Европското првенство. Шведска е репрезентација со долга традиција, четири пати биле европски шампиони и знаат како се освојуваат титули. И за Честите можам да кажам само комплименти. Предноста за нас е токму во статусот на аутсајдер. Добро е да нè потценат малку, па да се изненадат од нашата игра. Во Ниш ќе бидеме како на домашен терен, со илјадници македонски навивачи и со домашна атмосфера. Ќе биде многу важно тоа да го искористиме како предност, а не да „изгориме“ во желбата да се прикаже најдоброто пред нашите луѓе.

Сè уште се силни впечатоците од успехот на кошаркарите во Литванија. Го гледаше ли и ти првенството таму и дали е тој успех некаков мотив за вас сега?

Секако гледав и секоја чест за кошаркарите. Тие го направија она што секој спортист посакува да му се случи, а тоа е да ја собере целата нација околу себе. Нивниот успех ја подигна повисоко летвичката на очекувањата, и ние сме свесни дека барем потсвесно секој македонски љубител на спортот помислува на нешто такво. Но, треба да сме реални. Ние не одиме по медал во Србија. Таков резултат би бил вистинска сензација, дури и за нас самите. Не сакаме да го „палиме“ народот со преоптимистички ветувања. Меѓутоа сигурно, како што направија кошаркарите, и ние ќе „гинеме“ за својата земја. А, Господ е голем, и ако го заслужиш тоа, може да те послужи среќата. Верувам дека такво нешто е можно. На Светското првенство во Хрватска имавме шанса да влеземе во полуфинале, но не бевме подготвени ментално за таков чекор. Мислам дека сега сме подготвени, и ако ни се отвори таква ситуација нема да ја пропуштиме.

Според тебе, кој е денес најдобар ракометар во светот?

Ќе издвојам двајца. Моментално, број еден е Чехот Филип Јиха, а број два Никола Карабатиќ од Франција.

Во едно интервју од пред неколку месеци, Карабатиќ изјави: „Точно е дека најдобрите ракометари заработуваат ’кикирики’ во однос на фудбалерите или кошаркарите, но сепак не жалам што се занимавам во овој спорт“. Дали е такво и твоето мислење?

Никогаш не зажалив што станав ракометар, ниту си го имам поставено ова прашање, иако целосно го разбирам. Нашиот спорт е многу посиромашен од некои други, и покрај тоа што е поатрактивен за гледање. Барем јас сум убеден во тоа. Но, ние ја имаме прифатено таа ситуација и не размислуваме за друго. Задоволен сум од животот што ми го овозможи мојата ракометна кариера, особено затоа што ја сакам оваа игра. Да ми понудат двапати поголеми примања во нешто друго, нема да прифатам. И во иднина се гледам себеси во ракометот. Покрај семејството, тоа е најважниот дел од мојот живот.

Како го поднесуваш менувањето на животни средини, селењето од еден град во друг, од една држава во друга?

Веќе се навикнав, зашто почнав многу млад. Првпат заминав во странски клуб на 19 години. Многу ми помага приврзаноста со најблиските - сопругата и децата. Сметам дека за професионален спортист е пожелно што побргу да ги реши приватните прашања, а особено основањето семејство. Домот му дава смиреност, стабилност, чувство на сигурност..., кои се предуслов за успешна кариера. Јас посакував да го направам тоа, а и така ми се подредија коцките. Затоа, без оглед каде живееме, со мене доаѓа и топлината на домашниот амбиент, така што немам проблеми со прилагодувањето.

Кога се решаваш да прифатиш професионална понуда, кои моменти ти се најважни? Дали доминира финансискиот или влијание имаат и другите? За некои спортисти е важно каде ќе живеат, па велат: „Без оглед на парите, никогаш не би отишол во земја со низок квалитет на живот, како Русија или Украина, туку ги преферирам Шпанија, Италија, Германија, Израел...“.

Секако дека финансиите се битни, и веројатно се највисоко на таа листа. Но секако, не се единствениот критериум. Јас досега немам живеено во земја со исклучително лош стандард, така што не можам да го коментирам тој дел. Мене секогаш ми беше важно екипата за која што играм да придонесе во развојот на мојата кариера и на мене како спортист. Прво правам анализа каква е таа средина и дали јас ќе можам да се вклопам таму, односно дали игра ракомет во кој ќе го дадам најдоброто од себе. Тоа е примарно. Потоа се гледа државата и градот каде што ќе се живее. Кога јас заминав од Македонија во Хрватска, сè уште бев тинејџер, но се покажа дека е тоа мојот најдобар потег. „Загреб“ е клуб со голема традиција и ми помогна многу да ја унапредам играта. Потоа, отидов во унгарскиот „Веспрем“, кој беше во тоа време еден од најквалитетните тимови во Европа, па се вратив во „Загреб“ и сега сум во шпанската лига, во „Сиудад Реал“, исто така една од водечките екипи. Значи, кариерата на градев чекор по чекор, водејќи сметка за финансискиот аспект, но и за тоа што ќе придонесе да станам подобар ракометар.

Како е да се живее во Шпанија?

За мене, многу убаво. Народот е опуштен, непосреден, дружељубив... Климата, исто така, ми одговара. Практично немаат зима. Најтопла облека што може да ти затреба е пролетна јакна. Моите тамошни пријатели почнуваат да се жалат кога ќе се спушти температурата под десет степени, а јас им кажувам дека сум навикнат да тренирам на минус 20, без парно греење (се смее). Шпанија е идеално место за живеење за еден врвен спортист.

Како се снаоѓаат децата, Благојчо (6) и Лана (4)?

Одат во градинка, го научија јазикот и супер им е таму.

А, како се снаоѓаш ти со јазиците?

Хаха, кариерата ме принуди да станам полиглот, односно од сите јазици да научам барем по малку. Унгарскиот го знам солидно, иако не перфектно, и можам да остварам комуникација. Англискиот ми е сосема добар, а сега навлегувам и во шпанскиот, до ниво да се разбирам целосно со соиграчите.

Има ли шанси за заиграш повторно во македонски тим? „Металург“ и „Вардар“ значајно инвестираат во последниве години, и имаат забележителни резултати, а веројатно со тебе во своите редови би се приближиле до самиот европски врв.

Никогаш не се знае, а сигурно е дека сакам кариерата ќе ја завршам во Македонија. Започнав овде и желба ми е овде да ја ставам точката. „Металург“ константно вложува и е на добар пат да прерасне во вистинска ракометна институција. Истото важи за „Вардар“. Доколку бидат упорни и трпеливи, може да постигнат значајни резултати. Не смее да им се случи и нив судбината на „Кометал“ - од европски шампион да дојде до целосно потонување. Најважен е континуитетот, а можеби во некоја добра комбинација, ќе се вклопам и јас. Тоа, сепак, повеќе зависи од клубовите.

Што ти е животен сон?

Покрај оние нормални работи за секој човек, како што се здравје, сигурност и хармоничен семеен живот, многу би сакал во иднина да го пренесувам моето знаење на помладите. Не треба да бидеме себични и да не отвораме врати за новите генерации. За жал, кај нас постои застрашувачки дефицит на работа со младите категории. Воопшто немаме правилен однос кон тоа, па ни се случува неверојатни таленти во Македонија, многу поголеми отколку во другите земји, да не успеат да израснат во квалитетни спортисти.

Сепак, гледаш ли нов Кире Лазаров на повидок?

Пепи Манасков е легенда на македонскиот ракомет, а јас посакувам неговиот син да биде уште подобар. Затоа, како што Пепи ми беше мене капитен во репрезентацијата и ми помогна да напредувам, сега како капитен на неговиот син, јас правам сè, со совети и поддршка, да помогнам синот да стане голем како што беше татко му. Ако успееме во тоа сите заедно, ќе имаме повторно голем ракометар во Македонија.

Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Мујо му раскажува па Суљо:
"Замисли, Суљо, со Хасо бевме во шумата кога почна страшно невреме. Отидовме кај него дома, ама дождот не престануваше, па останав да преспијам. И така...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Светски ден на Црвениот крст и на Црвената...
1688.- Роден е Ален Рене Лесаж, француски...
1794.- Во Париз умре Антоан Лавоазје, француски...
1828.- Во Женева е роден Жан Анри Динан,...