Мојсовски - Миркуловски - Лазаров се најдоброто бековско трио на првенството

Европскиот шампионат во ракомет е главна тема на разговор во последниве денови. И покрај тоа што резултатски испуштивме три натпревари, играта на тимот е за секоја пофалба. Што мисли за тоа Аце Станковски, легендарното крило на Вардар, Пелистер, Јафа промет, и на македонската репрезентација, човек кој во 1985. освои со Југославија бронзен медал на јуниорско светско првенство и има настапи за А-селекцијата, во времето на поранешната држава, а денес работи како тренер...

Веројатно и Вие го делите општиот позитивен впечаток за досегашните настапи на репрезентацијата, иако на три натпревари добриот резултат ни избега во последните моменти.

Апсолутно. Момците играат со максимумот од своите можности, се борат за секоја топка и веќе ја нема старата болка на нашиот ракомет - кога ќе се загуби топката да се остане во напад. Многу се трча, се игра агресивно, не се бега од директен контакт со противникот..., и сето тоа ни го создава тој главен впечаток дека играме квалитетно, на нивото на најдобрите екипи. Во првите три меча, клучен елемент беше одбраната, каде особено се истакнаа Велко Марковски, Миркуловски, Митков, Бранче Ангеловски, кои заедно со Јоновски добро ја пополнуваат дупката каде што требаше да се најде повредениот Мите Стоилов. И секако, кога се анализира одбраната, главен збор имаат голманите. Борко Ристовски и Ангелов на натпреварите во Ниш беа извонредни. Да се примаат по 21, 24, 26 гола од Чешка, Шведска и Германија е одличен учинок.

Но, против Данска примивме 33 гола, па и покрај подобрата игра во нападот, останавме без бодови...

Ух, уште е тешко да се зборува за тој натпревар, бидејќи емоциите поради пропуштената шанса се сè уште многу силни. Факт е дека одигравме послаба одбрана, но сепак бевме блиску барем до нерешено. Штета, бидејќи ова беше златна шанса. Мене не загрижи еден момент во првото полувреме, кога имавме водство од пет-шест голови и нашата игра изгледаше идеално. Голманот Ристовски место да ја фрли топката за контранапад, се обиде да даде гол на другата страна. Можам и го разберам потегот во таа еуфорија од добрата игра и резултатот. И јас имав во кариерата неколку такви несериозни ситуации. Но, тоа не смее да се случува на големи натпреварувања, зашто може да се одмазди. Овде се сите репрезентации толку силни, што секое опушање или потценување е многу опасно. Ако ја погледнете снимката од мечот, ќе видите дека токму од тој момент Данците почнаа да се враќаат, а нашата кола тргна надолу. Меѓутоа, генерално гледано, нема место за критика. Сите наши играат со срце, и играат добро. Веројатно ќе бевме и на малку повисоко ниво доколку во подготвителниот период беа одиграни повеќе натпревари во турнирски систем, на секој ден или два, но и покрај се’ засега сме многу, многу солидни. Главата горе и да се влезе храбро во двата преостанати меча од оваа фаза.

Што, освен одбраната, Ви остави досега најсилен впечаток во тимот?

Напаѓачката тројка Мојсовски - Миркуловски - Лазаров е според мене најдобрата на овој шампионат. На било кој противник можат да му дадат гол во секој момент. Во поголемиот дел од играта се смирени, стрпливи, одговорни и знаат да сочекаат вистинска позиција. Секако, и ним им се случуваат избрзани шутови или непрецизни додавања, но тоа е составен дел до ракометот. Не постои играч без барем неколку грешки во текот на еден меч, бидејќи многу често одлуката што да се направи мора да биде донесена во дел од секундата, под притисок на времето, противникот или резултатот. Многумина ја истакнуваат бековската линија на Србија: Вујин - Шешум - Илиќ, за најдобра на првенството досега, но нашите бекови покажаа повеќе.

Многу се коментира играта на Кире Лазаров, како наш најдобар ракометар. Тој е досега прв стрелец на првенството, но процентот во првиот круг му беше релативно низок, под 50 отсто. Дали е тој мало разочарување за Вас?

Не, никако. Не сме навикнати Кире да дава по 12-13 голови на натпревар, па седум на некои луѓе им се чинат како потфрлање. Игра капитенски, за екипата, не за себе, со многу асистенции и разигрување на соиграчите. Имаше малку повеќе промашувања од вообичаеното во првите два меча, но на него е најголемиот товар на одговорноста кога сме во опасност да досудат судиите пасивен напад, па мора да шутира за да не ни биде одземена топката. Плус тоа, Лазаров е добро познат во Европа и сите противници подготвуваат за него специјален „третман“. Секогаш е најдобро чуван од сите наши ракометари. Сепак, веќе го подобрува процентот, и верувам дека до крајот ќе биде најдобар стрелец на ЕП. Ми се чини дека ќе беше полесно и за него и за репрезентацијата да имавме таму уште еден бек, како Раде Стојановиќ, бидејќи е тој одличен шутер и асистент, но од некоја причина не се најде на списокот.

А, што е со седмерците? Да дадевме барем по еден плус против Шведска и Германија, сега ќе имавме два бода повеќе.

Така е, но мора да се знае дека не се даваат така лесно голови ни од пенал. Иако играчот има можност да избере што ќе прави и каде ќе шутира, голманот е во психолошка предност, бидејќи кај него нема оптоварување. Не е виновен ако прими гол, а ракометарот е виновен доколку промаши. Тоа некогаш, ја „стегнува“ раката. Имало и има играчи, кои се специјалисти за седмерци, но никој не е совршен. Покрај тоа, голманите прават анализа, „снимаа“ како изведува пенали некој противник, и знаат дали Кире Лазаров повеќе шутира лево или десно, горе или долу, па се подготвени. Многу е ретко да се биде стопроцентно успешен, дури и кога нешто отстрана изгледа едноставно, како седмерец.

Кого го сметате за откровение на ова првенство?

Стојанче Стоилов, иако за мене тој не е големо изненадување. Ги знам неговите квалитети од Вардар и очекував да ја искористи шансата. Сепак, никој не можеше да предвиди дека вака добро ќе се снајде против најквалитетните одбрани во Европа. Силен е, знае каде да се постави и има одличен фат на топката со една рака, така што се наметна како многу важен човек во тимот. И игра борбено. Да се „’рваш“ на линијата со момци од два метра и 110-120 кила, и да даваш по неколку голови на натпревар е голема работа. Слушам дека веќе доста странски екипи се заинтересирани за него. Верувам дека Стојанче и Дејан Манасков ќе бидат столб на македонскиот ракомет во иднина.

Каква е оценката за судењето?

Многу коректно, вклучувајќи го и оној случај со последниот шут на Лазаров против Германија. И за тоа се покажа на крајот дека судиите биле во право, што можеше да се претпостави и веднаш, бидејќи во моментот немаше никаква реакција од нашите играчи. А, Темелков беше во позиција да види добро каде удрила топката. Штом тој веднаш потрча назад и не реагираше, значи дека сè било регуларно. Не се судиите причина за нашите минимални порази. И тие прават превиди, но не сум забележал пристрасност или тенденција. Го гледав и натпреварот Унгарија - Франција, кој одлично го отсуди нашата двојка Начевски - Николов. Така, и тие се вклопуваат во генерално позитивната оценка за судењето на ЕП.

Дел од севкупната импресија се и навивачите. Во голем број, гласни, расположени, активни во сите 60 минути. И Вие сте имале во кариерата слични ситуации, да играте во таков амбиент, кога Ве бодреле по неколку илјади луѓе. Какво е тоа чувство?

Многу посебно, специфично и мотивирачко. Сум играл многу пати во полна сала и секогаш било исто. Со таква публика забораваш на сè: повреди, стравови, трема, квалитет на противникот. Во тие моменти, кога ќе го слушнеш ехото од трибините, адреналинот се качува до максимум, поминува секоја болка и стануваш убеден дека не постои подобар играч од тебе на тој натпревар. Се сеќавам на мечот против Белорусија во 1997 година. Имав силни болки во половината, дури се движев со напор, а Белорусите беа многу силни во тоа време, со играчи кои настапуваа во германската лига. Пред натпреварот ќе бевме среќни со победа од еден или два гола разлика. Но, кога влеговме во СРЦ „Кале“, и кога дојде до мене навивањето од 4.000 грла, веднаш престана да ме боли половината, сè се врати во нормала, барем привидно, и победивме со 11 разлика. Сето тоа благодарение на публиката. Заради мал хируршки зафат на раката не сум во можност да одам во Србија и да го следам првенството на лице место, но и од телевизија се гледа и се слуша како навиваат нашите. Многу е значајно тоа, и сигурно една од причините што на сите натпревари досега играме добро до крајот, стигнуваме водство на противниците во последните минути, се доближуваме или правиме разлика. Мора рака да остане. Момците што излегуваат на паркетот го заслужуваат тоа.

Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Во лудница оди комисија да ги провери лудаците кој како се понаша и одат од еден до друг, некој се замислува дека е авион, друг скока во празен базен и така натаму. Доаѓаат до...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на слободата на печатот
1469.- Во Фиренца е роден Николо Макијавели,...
1492.- Кристифор Колумбо го откри островот...
1500.- Португалскиот морепловец Педро Алварес...