Сања Ристовска, македонска новинарка во Атина

Левица или десница, разлика за името - нема

Случувањата во Грција се неизбежно интересни за нас. Станува збор за соседна земја, важен економски партнер, омилена дестинација за многу Македонци, но и прилично омразена од политички аспект. Сања Ристовска е две и пол години дописник од Атина на телевизија „Канал 5“, односно живее и известува од местото на настанот, во државата која предизвикува толку многу емоции во Македонија...

Грција повторно оди на избори на 17 јуни, со мошне неизвесен исход. Веруваш дека ќе продолжи јакнењето на партиите од крајната левица и крајната десница или неодамнешните резултати ќе делуваат како некој вид отрезнување за гласачите?

Постои размислување дека на 6 мај граѓаните ги казнија големите партии, па сега на „поправниот испит“ ќе се вратат на старите позиции. Меѓутоа, јас лично, мислам дека Грците се заморени од политиката и на ПАСОК и на Нова демократија. Откако Андонис Самарас влезе во преодната влада и го потпиша вториот меморандум за штедење, рејтингот значително му опадна. И покрај тоа што, тој упорно тврди дека пред да го стави својот потпис постигнал многу во преговорите и спасил многу работи, меѓу кои и 13-тата и 14-тата плата, сепак обичниот Грк не го гледа тоа така. Ми се чини дека последните случувања во Грција, ги натераа граѓаните да размислуваат во крајности, односно да се свртат или кон екстремната левица или кон екстремната десница. Факт е дека до последен момент нема да се знае кој точно ќе победи, но исто така, факт е дека можеби за еден месец Грција ќе ја живее истата драма како и пред десетина дена.

Имаат ли Грците барем некаква визија за излез од кашата во која се наоѓаат сега? Гласаа за партии кои им ветуваат откажување од програмата за драстично штетење, а доколку се случи тоа откажување, државата ќе мора да прогласи банкрот, што пак ќе доведе до прекин на финансиската помош однадвор. Аналитичарите велат дека во таква ситуација за месец или два владата ќе нема пари за плати и пензии, како ни за увоз на храна и нафта.

Грците се многу интересни, не сакаат меморандуми (кои произлегуваат од заемите), не сакаат антикризни мерки, но исто така не сакаат да се вратат на драхмите. Секогаш кога го поставувам прашањето: „Од каде тогаш пари за плати и пензии?“, одговорот од речиси секој Грк е идентичен: „Зошто јас да плаќам? Што сум јас виновен? Нека им скратат на тие што краделе, на богатите“ и слично. Но, има и такви кои на идејата „враќање на драхми“ гледаат позитивно. Тие велат „ќе ни го поништат долгот, ќе почнеме од нула, нема да должиме никому, и нема да бидеме под никакви контроли“. Ова го поткерпуваат со докази од историјата, односно дека Грција на два пати се нашла во иста ситуација и успеала да застане на нозе.

Која емоција преовладува кај обичниот човек: очај или гнев?

Гневни се, дефинитивно. Огорчени од владината политика. Доказ за тоа се и големите мирни собири во минатата година, кога илјадници Грци се собираа секојдневно на Синтагма. Самоиницијативно, мирно, без партиски обележја или пак, организирани од некој синдикат. На тие протести видов обични граѓани, семејства со деца, пензионери, невработени, друштва од млади луѓе, кои наместо да одат во некое кафуле, со фрапе в рака, седеа пред парламентот...

Што најмногу се промени во последниве две години, од обелоденовањето дека се во голема криза и оти ќе мора драстично да штедат? Дали се подготвени Грците да се откажат од начинот на живот што го имаат во изминатите две децении, а за кој се покажува дека не бил заснован на реални економски параметри?

Грците се навикнаа на удобен, да не речам луксузен живот. Тие мора да бидат во тренд, со автомобили, телефони, гардероба... Задолжителни се кафињата по неколку пати на ден, скапите ручеци, таверните, клубовите, бузукито... Ќе им треба многу време да се навикнат да живеат со помалку пари. Најмногу ги лути реченицата: „Платите во Грција да се сведат на нивото на Бугарија“. Не можат да замислат да живеат со помали лични приходи. Сепак, морам да кажам дека за разлика од пред три години, во последно време ми се чини оти полека полека почнуваат да внимаваат каде и колку трошат пари. На пример, ако порано клубовите беа полни од среда до недела, сега голем дел од младите Грци излегуваат само во петок и сабота.

Постои ли можност да се повторат големи и насилни демонстрации, какви што имаше лани во Атина?

Јас лично очекував дека сега, во јуни, ќе има реприза на ланскиот јуни, бидејќи беше најавено дека новата влада прво што ќе треба да направи е да потпише нови антикризни мерки. А по некое непишано правило, демонстрациите се случуваат секогаш кога мерките ќе стигнат за изгласување во парламентот. Меѓутоа, во овој јуни се новите избори, а ситуацијата во Грција е целосно непредвидлива и никој не знае што може да се случи утре. Прво да се избере влада, а потоа сигурна сум оти ќе има демонстрации, макар што мое мислење е дека, доколку Алексис Ципрас од СИРИЗА победи, успее да формира влада и да ја задржи антимеморандумската политика, тогаш можеби ќе изостанат протестите. Меѓутоа Грците се такви, штом нешто не им се допаѓа, излегуваат на улица. Од моето доаѓање во Атина, во 2009 година, па се до денес, сведок бев на најмалку десет насилни демонстрации.

Дали ја погодуваат овие случувања грчката национална гордост?

Не, Грците се гордеат со протестите, горди се кога илјадници граѓани ќе ги наполнат атинските улици, но и улиците на останатите градови низ земјата. Единствено им пречат инцидентите. кои во 90 насто од случаите ги предизвикуваат групи маскирани лица (не секогаш станува збор за анархисти). Но, имало случаи кога полицијата без никаква причина, на едно фрлено пластично шишенце започнувала со тепање и употреба на солзавец. Сепак, им пречи сликата што ја пренесуваат сите светски медиуми, кога Атина од туристичка атракција, се претвора во бојно поле.

Не така одамна се зборуваше дека е можно спасот да го побараат во продавање на националната територија, односно островите. Колку е тоа денес актуелно, и воопшто, реално?

Грција има многу пусти, ненаселени острови, и токму тие се споменуваа дека можеби ќе бидат ставени на продажба. Владата уште лани во јуни донесе одлука за приватизација и издаде целосен каталог кои државни фирми ќе бидат ставени на продажба. Првично беше планирано дел да се исполни еден месец подоцна, дел до крајот на 2011., но ми се чини дека ништо од ова не е исполнето. Некои сметаат дека токму задоцнетата приватизација е причина за толку драматичниот недостиг на пари. Доколку се спроведеше навреме, ќе донесеше некое евро плус во државната каса. Инаку, и оваа одлука Грците ја дочекаа на нож. Зошто да се продава државно земјиште? Сепак, атрактивните острови, како Санторини, Миконос, Парос, Крит, Милос и други, Грција никогаш нема да дозволи да бидат ставени на продажба.

Како реагираат луѓето таму на контакт со македонски новинар? Дали кога земаш изјави на улица им кажуваш во која држава ќе биде емитувано?

Доколку видам дека човекот е океј и не е националистички настроен, си кажувам отворено Република Македонија. Јас верувам дека токму „република“ е она што нашата Македонија ја разграничува од областа Македонија во Северна Грција. Доколку пак, е некој покрут, со насмевка обично велам дека сум од нивната соседна земја, со која што Грција има проблем. Секогаш мора да бидам претпазлива, не сакам да провоцирам, морам да се заштитам самата себе, а мора и да си го задржам правото на самоопределување. Меѓутоа, колку и да се трудам да бидам љубезна и фина со луѓето, и да не дозволам ситуацијата да излезе од контрола, сепак, се случува некој да биде агресивен, да почне да вика дека сакаме да им ја земеме нивната Македонија, дека сакаме да им ја украдеме историјата и слично. И тоа напаѓајќи ме, како од мене да зависи се’ (се смее). Многу често Грците не сакаат да зборуваат пред камера, но кога ќе го видат микрофонот „Канал 5“ и кога ќе им објаснам дека тоа нема да се емитува во Грција, веднаш менуваат мислење. Морам тука да споменам нешто што ми има оставено впечаток. Голем дел од Грците не се целосно запознаени со суштината на проблемот. Еве неколку примери: 1. Воопшто не знаат дека кога некој во Грција ќе каже Скопиа за нашата земја, тоа е поради главниот град. За некои Скопиа е името на државата, без да бидат запознаени дека тоа е нашата престолнина. 2. Велат: да не фигурира терминот Македонија во нашето име, а се согласуваат со ФИРОМ, без да знаат кое е значењето на кратенката. 3. Преовладува мислењето дека ние од неодамна сме решиле да се нарекуваме себеси Република Македонија. Поради ваквите позиции, доста често се наоѓам во ситуација да објаснувам како стојат работите и дека нивните познавања се целосно погрешни. Понекогаш си мислам оти треба да земам со мене некои брошурки, со основните податоци за Република Македонија и да им ги делам на Грците (ха,ха,ха).

На кој степен на важност е за јавноста таму прашањето за спорот со Македонија околу името?

За едни е многу важно, а за други е целосно небитно. Ми се има случено кога снимам анкета поврзана со проблемот за името, и да добијам коментар (секако не пред камера) од типот: „Ние не знаеме што ќе се случува утре, дали дополнително ќе ни ја скратат платата/пензијата, а ти прашуваш за името“. Меѓутоа, има и такви кај кои, најверојатно лошата финансиска и политичка ситуација во земјата ги натерала да размислуваат понационалистички. Што се однесува до официјалната политика, мислам дека Грција нема да направи отстапки и можеби испуштивме шанса за решение додека Јоргос Папандреу беше премиер. Сега, со последниот развој на настаните и влегувањето во парламентот на Каменос (кој е поопасен од Самарас) и на нео-нацистите од Златана Зора (поголеми националисти од Караѕаферис), се плашам дека може да има промена на таканаречените црвени линии и враќање на позициите од 90-те години.

Запознај не’ малку повеќе за тие „нови ѕвезди“ на грчкото политичко небо. Кои се Ципарс и Каменос, и дали ставот на левицата за името се разликува во однос на двете најголеми партии? За десницата е јасен.

Имам правено интервјуа со претставници и на левицата и на десницата. Горе-долу се сведуваат на исто. Ниту едните ниту другите не го прифаќаат нашето уставно име. Конкретно, Алексис Ципрас, лидерот на радикалната левица, во ланското интервју за „Канал 5“ (слика долу) рече дека ги поддржува владините црвени линии: сложено име со географска одредница. Беше многу помек, ако може така да се каже, но сепак се сведува на истата линија со останатите партии во Грција (со исклучок на ултранационалистите). Меѓу другото, рече дека спорот со името мора да се реши за да се подобри соработката меѓу двата соседни народа и оти решението би било од корист и за нас и за Грците. Неговата партија уште од 1992 година предложила сложено име за нашата земја, во кое би бил вклучен терминот Македонија, но во тој период ова, беше незамисливо да се прифати во Грција. За Ципрас, кој е сериозен кандидат за премиерската функција, би кажала дека е харизматичен млад политичар, достапен и пријатен за комуникација, кој цврсто стои на нозе. Панос Каменос, пак, е поранешен член на Нова демократија, а сега претседател на Независни Грци, партијата која освои четврто место според бројот на гласови на изборите од 6 мај. Откако гласаше против вториот меморандум и не ја следеше партиската линија, доби исписница од Андонис Самарас. Формираше партија и ги собра оние гласачи кои ја поддржуваат центро-десницата (Нова демократија), а се против мерките за штедење. Може да се каже дека во предизборниот период, тој играше на картата - Македонија е една и грчка, што му донесе гласови од Северна Грција. Речиси во сите негови предизборни говори не’ споменуваше велејќи дека под името Македонија сакаме да влеземе во НАТО.

Какво ќе биде летово во Грција од туристички аспект? Колку ќе се одрази политичката ситуација на врз тој дел и дали цените ќе паѓаат или ќе растат?

Според некои информации, два дена по изборите, на почетокот од преговорите за формирање влада, резервациите биле намалени за 50 отсто. Од она што го гледам во Атина, туристи доаѓаат постојано, меѓутоа доста често се случува да има некој штрајк, дали на јавниот превоз, дали на таксистите, на бродовите или пак во најлоша варијанта генерален штрајк. Тоа ги плаши, а верувам и дека ги брка туристите, особено затоа што штрајковите најчесто се закажуваат од денес за утре. Нестабилната политичка ситуација, дополнително го намалува бројот на туристи. Претстои неизвесно лето, за тоа нема никаква дилема.

За крај, кажи ни нешто за твојот престој и работен ангажман во Атина.

Овде сум официјално од ноември 2009. Идејата да бидам дописник дојде од „Канал 5“. Тие ми предложија, а јас прифатив без размислување. Беше еден вид предизвик (поради фактот што дојдов како прв македонски новинар по многу години), но и шанса за ново искуство. Мислам дека добро се снајдов, а колегите тука одлично ме прифатија и имам огромна помош од нив. Се трудам да следам се’, не само проблемот со името и актуелната ситуација во Грција, туку и многу други настани, посебно кога има македонски претставници. Како голем љубител на спортот, драго ми е што ги следев настапите на македонските репрезентативци на Европското првенство во карате, фудбалерките кога играа против Грќинките, а посебно сум среќна што го покривав и успешното претставување на Македонија на ланската Специјална олимпијада. Во текот на известувањата од немирите се имам соочено со низа опасни ситуација, „изедов“ доста солзавци, добив клоци од грчките специјалци, избегнав многу молотови коктели, но сето тоа е искуство плус од новинарскиот живот во Атина.

Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот

Две плавуши прават муабет за култура.
- Си го гледала оној филмот ТИТАНИК?
- Да, да , и тоа три пати.
- А која сцена ти остави највеќе впечаток.
- Онаа кога беа на бродот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на дрвјата
- Денеска е Светски ден на интелектуалната...
121.- Роден е Марко Аврелиј, римски цар...
1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар,...