Игор Киров, кореограф и танчар

Преку трње до звездите

Роден е во Штип, живее во Дрезден. Овој уметник со неуморлив дух и несопирлив карактер, чијашто уметност извира од длабочината на душата и држи цврста врска со поднебјето од кое потекнува, години наназад ги пренесува своите уникатни танцови креации и знаење, од Куба и САД, преку Германија, Австрија, Швајцарија, Холандија, сѐ до Кина и Кореја..



Бележитиот авторски поход на Игор Киров кон современата европска и светска танцова сцена започна уште со авторскиот перформанс „He, he, helium“ создаден врз музиката на Горан Бојчевски, со кој постигна широка популарност во повеќе места низ светот, меѓу кои Љубљана, Скопје, Панама, Сеул, Пекинг, Велење, Бусан. Потоа, како танчар и кореограф има работено и во Нирнберг, Цирих, Штутгарт, Абу Даби, Токио. По 15 години интензивно танцување, со по 5 премиери годишно и со најмалку 20 претстави од секоја од нив, лани решава целосно да им се препушти на кореографијата и педагогијата. Така со неговото име ќе бидат потпишани повеќе успешни модерни поставки, како „Дневникот на Нижински“, дуетот „Touch“, „Before I Let you go“, „From that Moment On“, „Помеѓу овде и сега“, мјузиклот „Fame“, како и претставата „14 часа”, во режија на Наташа Поплавска, а на музиката на Кирил Џајковски. Со првенците на Македонскиот балет, Александра Мијалкова и Василиј Чичијашвили во носечките ролји, оваа претстава досега доживеа неколку успешни претставувања и надвор од матичната сцена, па така во нејзината убавина и комплексност уживаше публиката на „Охридско лето“, но и онаа во Виена, Рим и Париз. Но, приказната на ова балетско дело не сопира тука. Наскоро се очекува да ги освои и Берлин, Амстердам и Лондон.

За почетоците, за излегувањето надвор и за наградите

 

Би сакале ли да ни го скицирате вашиот пат до светските танцови сцени и ценетите кореографски кругови? Дали и тој може да се поистовети со онаа познатата латинска фраза Per aspera ad astra („Преку трње до ѕвездите“)?

Имајќи го предвид фактот дека со танцот почнав да се занимавам доста доцна (многу подоцна од вообичаеното за таа професија), морав уште на самиот почеток да се вложам тројно повеќе од моите колеги и да стигнам до тука до каде што сум денес. Единствено пожртвуваноста, упорноста, неуморноста и пред сѐ желбата ме донесоа до овде. Ова место си го изборив самиот, со свој труд. Сега ми е мило кога ќе се свртам назад и ќе се сетам на моите почетоци во Пионерскиот дом во Штип, на настапите на „Макфест“, на натпреварот „Мак денс“ во Куманово и моето конечно влегување во тогашното најпопуларно студио за модерен танц „Ребис“ под раководство на Гордана Деан. Потоа следуваше и формалното балетско образование во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“, но и бројните настапи на разни манифестации и телевизиски програми, кои во деведесеттите ги имаше во изобилие. Работниот дел од денот ми почнуваше во 10, а завршуваше по 23 часот. Во тој период ги исцрпив сите можни начини за едукација и на крајот бев решен дека морам да најдам начин да заминам во странство на доусовршување.

Кое беше вашето прво излегување во странство?

Смогнав сили и со помош на мојата другарка Елизабета Гриовска, која веќе беше дел од престижната ротердамска Академија за уметност „Codarts“ (на одделот за модерен танц), да влезам во редовите на оваа врвна холандска образовна институција. По дипломирањето веднаш добив работа и несопирливо се редеа сезоните со многу претстави и гостувања. Мојот прв професионален ангажман беше во холандската трупа „Galili Dance“ со седиште во Гронинген, за потоа да се префрлам во ротердамската компанија „DanceWorks“. По неа следуваа ангажманите во балетски компании во Германија, Австрија, Белгија и Франција и така по 15 години интензивна професионална кариера како танчар, официјално својата последна целовечерна претстава ја одиграв во Државниот театар во Дрезден, во јуни минатата година.

Кога „стигнаа“ наградите? Кажете ни што сѐ имате направено досега?

Додека се надградував како танчар, чувствував дека во мене има и нешто повеќе од самото чувство за игра. Работата со врвни кореографи кај мене иницираше и потреба за поинакво творење и поттикна создавање лични креации во вид на дуети и триа со кратка содржина и траење. Веднаш произлегоа настапите и наградите, а со тоа и порачките за помали кореографски дела од страна на компаниите. Првата награда ја освоив во 2006 година на фестивал во Нагоја, Јапонија кога бев прогласен за најдобар млад кореограф кој ветува, а подоцна дојдоа и двете награди од престижниот MASDANZA, па наградата во Белград со дуетот „Touch“, потоа влегувањето меѓу финалистите во Манхајм и Хановер и секако специјалната награда за најдобра кореографија во Кина. Овие награди само ме мотивираа да работам повеќе, но со време „возењето“ на три колосеци (како танчар, кореограф и предавач) стана многу напорна и затоа минатото лето се збогував од играњето. За свое прво големо кореографско претставување го сметам она во Операта во Грац, а потоа и она со претставата „Помеѓу овде и сега“ во МОБ. Потоа следеа и поставките во „Orlando ballet“ во САД, па Државните театари во Дармштад, Штутгарт и Келн итн. Моите кореографии се изведувани на реномирани фестивали во Кореја, Шпанија, Германија, Франција, Австрија... Кога вака ми дадовте задача да ви кажам сѐ што сум направил до сега, гледам дека не можам да добројам.

Со или без музика...



Очигледно, музиката многу ви значи. На светските сцени, неретко можеме да видиме и балети без неа или такви кои речиси и да не го следат музичкиот пулс. Можно ли е да работите нарачка на балет врз музика што не ви се допаѓа?

Музиката посебно ми значи и од неа црпам многу за моите креации. Но, некогаш, каков што беше случајот со „Дневникот на Нижински“, таа може и да оди на нерви (се смее). Стануваше збор за модерна атонална музика и не секој е едуциран или има афинитети кон неа. Но, во таквите ситуации јас прво ги создавам чекорите воден од главната идеја, а потоа се обидувам да ги интегрирам во музиката и така да го извадам максимумот од она што е замислено.

Како ви успеа да ја извлечете таа пластичност и нов модерен израз од првенката на Македонскиот балет, Александра Мијалкова, која е позната по својата врвна префинетост и строгост, иманентна на класичната балетска школа? Тоа е дефинитивно нова светла референца во нејзината биографија, но и самиот балет „14 часа“ е ведрина во македонскиот современ танц, дури и пошироко.

Мијалкова е навистина голем професионалец со јасни цели пред себе – да освојува нови простори и да не се откажува сѐ додека не го постигне замисленото. Ваквиот став ми помогна најмногу, па во таа смисла, сите часови на заедничка работа во сала, придружени со критики и корекции, но и пофалби, нѐ донесоа до тоа ниво таа длабоко да навлезе во модерниот танц, иако е врвен класичар, а јас да добијам таков извонреден изведувач на мојата кореографска творба. Тука секако не смееме да го заборавиме и нејзиниот одличен партнер, првенецот на МОБ, Василиј Чичијашвили. Така претставата „14 часа“ прерасна во одличен македонски производ во сите аспекти (кореографија, музика, светло, костими, изведба), полн со свежи идеи кои предизвикаа овации кај публиката која го виде досега. Оваа претстава наиде на големо одушевување и позитивна критика и во Рим и во Виена и неодамна во Париз.

Зошто првин ви требаше интернационална потврда, за потоа да ве сфатат сериозно и во Македонија? Вие не само што игравте и поставувавте на елитни сцени, туку и предававте во реномирани школи. Држевте и тука семинари и предавања во приватните школи и академии (со Рисима Рисимкин успешно соработувате уште од 2010), но дури подоцна ве поканија да подучувате на ФМУ во Скопје.

Тоа кај нас речиси секогаш оди така. Таков ни е менталитетот и таков веројатно и ќе остане и во блиска иднина. Ќе треба да се појави минимум уште една генерација за да дојдат промените, а можеби и повеќе. Сепак, јас сум задоволен од развојот на нештата.

Дали вашето семејно презиме Киров ви помогна или ви одмогна во кариерата?

Познатиот советски балетски ансамбл на театарот „Киров“ (денешен „Марински“) е престиж во светот на балетот. Згора на тоа и името Игор (Стравински) во таа комбинација, ја прави асоцијацијата балетски уште посилна. Но, сѐ се сведува само на тоа. Патот си го трасирав и си го одам сам, со никакво помагање или одмагање во таа смисла.

Конечна цел или конечно задоволство



Кое е главното мото што ве движи напред и која е вашата конечна цел во уметноста? Кога ќе речете дека сте задоволен и дека сте успеале во професионална смисла?

Јас сум секогаш многу самокритичен и тоа се отсликува во мојата работа. Затоа, за да бидам задоволен од играчите кои го изведуваат моето кореографско дело и да речам дека е тоа добро, треба навистина да биде добро. Истраен сум до последниот момент и секогаш верувам дека може повеќе. Мислам дека никогаш нема да кажам УСПЕАВ, бидејќи секој нов проект е нов подвиг. Искрено се надевам дека нема да дојде тој ден кога ќе речам успеав, зашто тоа би значело и дефинитивен крај на креативноста и работата (се смее). Имам многу идеи кои сакам допрва да ги реализирам и ќе се потрудам тоа и да го остварам. Штом можев пред 11 години, откако ми беше дијагностициран артритис (тешко воспаление на зглобовите проследено со силни болки) повторно да застанам на нозе и да продолжам со тоа што е мојот живот – танцот, тогаш сега можам сѐ.




Текст: Б.К.М

Фотографии: Е. Николова-Лиере



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Се фали Трпе пред другарите:
- Јас жена ми никогаш не ја тепам. Само ќе ја турнам по скали, а она сама нека се удира кај што сака!
Мујо и Хасо украле хиликоптер од СФОР. По...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
1521.- На филипинскиот остров Макатан домородците...
1791.- Роден е Самјуел Морзе, американски...
1830.- Јужноамериканскиот револуционер Симон...
1905.- Кај месноста Свиланово, во близина на...