ИЛИЈА ЦВЕТКОВСКИ и ДИОНИС ПАШЛАКОВ – AVEC L’AMOUR

Сонот за олдтајмери на професорот исполни сон на млад режисер

Добар денте, добри ли сте?

Не, ова не се зборови напишани и испеани од групата Фолтин во нивната песна „Дионис“, туку се зборови на Дионис Пашлаков, пензионираниот професор по биологија со пасија кон олдтајмери.


Токму со тие зборови го започнавме муабетот со Дионис, кој срдечно ме прими во неговиот „дом“. Се прашувате зошто во наводници? Затоа што домот е таму каде што ти е душата, а душата на Дионис е каде што се наоѓаат неговите олдтајмери, на излезот од Неготино. Тоа го забележав по самото тоа со каква љубов зборува за колите кои ги поседува и за кои се грижи деноноќно. Со часови ги раскажуваше приказните за секој олдтајмер, за тоа од каде ги купувал и кои видни личности се возеле во нив. Поседува 109 автомобили и уште многу мотори, трактори, комбиња, па дури и авион. Најстарата кола која што ја поседува е изработена во 1950-та година. Откако го купил првиот олдтајмер првично сакал да собира марка Опел, но љубовта кон автомобилите растела и тој не знаел како да запре. Многумина во него не го препознале она што тој го гледал, но тоа не било случај со еден млад режисер, Илија Цветковски.

Илија му бил ученик на професорот по биологија, кој дури и со своите ученици ги споделувал своите приказни за автомобилите. Во Неготино секој со секого се познава, па нормално е сите да го знаат професорот со „љубов кон ѓубре и старо железо“. Но, Илија не мислел така, па затоа решил на секој кој гледал кон пасијата на Дионис со потсмев, да му прикаже што навистина прави тој, преку неговиот прв документарен филм „Avec l’amour“. Како што вели Илија, инспирација му било тоа што и тој честопати се заљубувал во старите автомобили.



- Инспирација за да почнам да ја истражувам темата за олдтајмерството беше црвената Корвета во „The Rum Diary” кога по не знам кој пат се заљубив во старите автомобили. Сфатив дека во нас побудуваат страст кон нешто убаво, а убавото е тесно поврзано со доброто. Решив од поглед на гледач кој не знае ништо за старите коли, да пробам да навлезам во суштината на темата, а олдтајмерството ќе беше само мамка за гледачот да сака да го види филмот. Така, за да направам нешто искрено и свое, морав да почнам од она што најдобро го знам, а тоа е средината од која потекнувам. Тогаш и помислив на Дионис, бидејќи за него знаев колку и сите други, иако ми беше професор во средно, вели Илија.

Откако луѓето ќе го изгледаат филмот, се прашуваат дали навистина постои овој човек или тоа е само глума. Со сигурност може да кажам дека како што го гледате Дионис во филмот, таков е и во живо. Нема ниту еден момент во кој не го препознавате неговиот хумор или неговите длабоки размислувања за тоа како да сподели со семејството дека пикирал нов автомобил.

- Кога автомобилите стигнаа до 90 на број, имав критичен момент во семејството. Поголемиот дел од мојата плата, сега веќе пензија, ја давав дома, а само мал дел си задржував за себе. Сепак, децата и Гоца не ме разбираа, не ми веруваа дека еден ден ова ќе ми се врати, дека љубовта е поголема од сѐ на светот. Во тој момент на мојот син му реков да го продадеме олдтајмерот кој е запишан на негово име, затоа што тој ми позајми пари за да го купам, но не сакаше. Му прирасла колата за срце и тогаш знаев дека потајно во себе и тие имаат љубов кон моите „девојки“, низ смеа раскажа Дионис.



Режисерот вели дека иако професорот знаел кога го снимаат, сепак си бил свој. Целата екипа работела тимски и била отворена за секакви идеи.

- Интересно е тоа што секој снимател (а се сменија шест) со себе носеше посебна енергија и секое снимање имаше различен дух и пристап. Тонецот пак беше тој што постојано го слушаше Дионис и најдобро знаеше што се случува во моментот. Бев отворен за секакви идеи од нивна страна и секогаш излегуваше нешто интересно. Сепак работев со многу поискусни луѓе и им верував. Многу често и тие учествуваа и предложуваа што би било интересно да се следи. Беше поважно ние со камерата во моментот да откриеме нешто ново, отколку да пробаме да го реконструираме. Затоа што пред сѐ, најважна ми беше слободата на Дионис. Можеби немаше секогаш да сме од помош, но никако не смеевме да одмагаме. Причина што никој во филмот не ја забележува камерата е тоа што секој од екипата беше своеволно инволвиран и инспириран од Дионис. Беше тимска работа.

Кога пак го прашав за тоа каков е Дионис како „актер“ и дали било тешко да се работи со него, Илија изјави дека додека го снимале документарецот секој си работел на својот сон – тој на колите, тие на филмот.



- Она што сите нè фасцинираше беше неговата присутност и фокусираност. Знаеше дека му го документираме животот, но бидејќи е постојано активен и ужива во своето хоби немаше многу време да мисли на нас. Не пробуваше да ни влезе во главата и да нè испитува што правиме. Заедно работевме. Тој на колите, ние на филмот. Ни дозволи да ѕирнеме во неговата интима, бевме со него цело време, навивавме за него, но моравме да ја видиме и другата страна на приказната, односно општеството, додава режисерот.

Сепак, како првенче, преку овој филм успеал и сонот на Иле, да добие огромни позитивни реакции од публиката. Филмот „Avec l’amour“ беше прикажан во Торонто, Минхен, а се натпреваруваше и на „Сараевскиот филмски фестивал“ во категоријата документарци. Најдраго му било кога го прикажуваа филмот токму во Македонија, каде што за прв пат ја почувствувал поврзаноста со публиката.

- Иако претходно го видовме филмот со публика во Торонто, Минхен и Сараево, и поминавме одлично, сепак македонската премиера беше незаборавна и фантастична. До половина филм не можев да проценам дали публиката се забавува или се досадува. Но кога почна да аплаудира и буквално да навива на една реплика на Дионис, сфатив дека веќе се соживеале со цел филм. Ми беше многу драго. Почувствував солидарност и емпатија од публиката. Некаква поврзаност. Прекрасно чувство. Најважно ни беше да направиме филм со кој ќе се гордееме, и затоа бевме отворени за секаква критика. Тоа нè научи да бидеме скромни и тешко е да ги предвидете крајните реакции од публиката, бидејќи кога филмот ќе излезе, веќе ништо не е во ваша контрола. Секако, за ваков успех само сонувавме.



Македонски документарец, но со француски наслов. Кога ќе го преведете, ќе сфатите дека токму тоа е и суштината на филмот – со љубов.

- Како гледач можете да најдете повеќе нијанси што одговараат на насловот и сите би биле точни, во тоа е и убавината. Една од причините зошто насловот на филмот е на француски јазик е тоа што Дионис предава на француска билингвална паралелка. Но, оставам на гледачите сами да ја најдат пораката што ја носи насловот и се надевам ќе почувствуваат од каде ни е идејата која на крај одлично се вклопи со суштината на филмот. Интересно беше дека насловот постојано ни бил пред очи, само чекаше да биде откриен, додаде Иле.

Љубовта кон олдтајмерите се гледа и по тоа што за Дионис слушнале многумина. По прикажувањето на филмот, многу луѓе од целата земја покажале интерес за овој мал дел од музејот на професорот. Кога јас го посетив, истовремено дојдоа и неколку групи од Битола, Кичево и Прилеп, сите да го видат и да се уверат во неговата пасија.

- За мене ова е огромна сатисфакција, да ме посетуваат луѓе од целата земја па и пошироко за да видат дека ова е вистинско културно наследство. Иако некои други се глуви и неми пред оваа убавина, се надевам дека некогаш ќе успеам со помош да ја изградам халата, која ја имам во готов проект и конечно ќе го исполнам мојот сон – музеј на олдтајмери, со огромна надеж зборува професорот по биологија.

Имено, Дионис самиот има изградено неколку покриви за автомобилите, цигла по цигла, шипка по шипка, за барем колку-толку да ги заштити од надворешните влијанија.


Го запрашавме и Илија, кој сепак е главниот виновник што сторијата за Дионис се прочу во целата држава, па и пошироко, дали верува дека преку неговиот филм конечно Дионис ќе си го исполни она што го сака, односно да добие парична помош за целосно да си го среди музејот, а пред сѐ да добие признание од сите кои до сега му викале дека се занимава со ѓубре.

- Искрено мислев дека со завршувањето на филмот, ќе престане и мојата одговорност, но сфатив дека за Дионис, авантурата допрва започнува. Затоа што со филмот некако ги подгреавме неговите соништа и желбата за нивно остварување сега е уште поголема. Сонот на Дионис е само оживеан, не е остварен. Не знам дали ќе успее да го изгради музејот што го замислува, но во најмала рака се надевам дека неговото семејство ќе почувствува поддршка и почит од страна за неговото хоби, и тоа ќе му даде чувство на вредност, а не на понизност какво што ни создава општеството. Тоа и него би му дало сила и храброст да се „справи” со своите соништа, бидејќи сепак се работи за опсесија. Неговото дело е за почит, не само затоа што му е комплетно предаден, туку и поради тоа што има стил, смисла за хумор и што е најважно позитивно ве обзема и инспирира, заклучува режисерот Илија.

Неговото семејство со сигурност сега е уверено дека старите автомобили навистина вределе, дека секој потрошен денар не е потрошен за џабе, дури и повеќето луѓе кои не веруваа во него – почнаа да го посетуваат и да му аплаудираат. Овациите од публиката се неверојатно добри и громогласни, а професорот се надева дека луѓето за него ќе зборуваат уште долго време, особено откако целосно ќе си го исполни својот сон.

И. Витановска

П.С. Филмот веќе се прикажува во Cineplexx, а во Неготино ќе почне да се прикажува од 2 септември.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Студенка по медицина полага
испит.
-Колешке,во тестисите на
мажите колкаво количество спер-
ма има?
По кратко размислување.
-Паа,голтка -голтка ипол!
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на бабите, празник...
1472.- Роден е италијанскиот сликар Бартоломео...
1483.- Во Урбино е роден Рафаело Санти,...
1749.- Во Бомон ан Ож е роден Пјер Симон Лаплас,...