Во животот на Софија Теодор жените се инспирација и од нив црпи енергија. Преку жените креира, патува, снима...Се што досега креирала и ќе креира се базира на чувствата кои ги има кон нив. Вели:
„Знам да ги почувствувам жените, знам како дишат, знам што им треба и тоа само после првите два реда муабет кои ќе ги размениме по запознавањето”.

Што работите во моментов?
Продуцент сум за Македонија на српски серијал. Станува збор за серијал кој се прикажува во Србија и БиХ на ТВ. Снимени се 20 епизоди од по 30 минути. Работам и на мојот нов филм во соработка со германски и американски продуценти. До 20-септември ќе бидам во Македонија, а после се враќам во Белград до февруари 2014. Потоа заминувам во САД кај моите продуценти каде ќе имаме договарања и преговарања околу филмовите кои ќе ги реализираме таму. Во преговори сум со германски продуценти кои или ќе се приклучат кон оваа приказна или ќе работиме посебен германски филм. Тоа ќе зависи од тоа како и колку ќе се договорат моите американски продуценти.
Кој би глумел во тие филмови?
Во најголем дел американски артисти. Ја посакувам Шерон Стоун која премногу убаво би се вклучила во главната женска ролја, зашто практично и за неа е напишана. Моја желба е и Софија Лорен, како и една позната хрватска актерка. И мојата драга другарка Ванеса Радман е дел од тимот. Што ќе зацртам го исполнувам, зашто таков ми е карактерот и никогаш не се предавам додека не го добивам тоа што го сакам. Сакам да работам и со Џоди Фостер и со Хилари Клинтон. Иако не е актерка, сакам да и направам претседателско клипче, зашто веруваме дека таа во 2016 година ќе биде претседател на САД.
Како ја оценувате сегашната состојба на филмската уметност во Македонија?
Бидејќи секогаш сум искрена пред самата себе и пред останатите, ќе кажам дека во Македонија не постои домашно производство. Додека нашите соседи се утепуваат од работа снимајќи серии и филмови, кај нас владее статус кво во тој домен. Пуштете ТВ и се ќе ви стане јасно! Се емитуваат купени серии, а нашите артисти синхронизираат, а монтажерите титлуваат. Ако отворате кино сали, а во нив нема нешто наше да се пушти, не знам зашто воопшто се отвораат? Нашата држава нема основа за развој на филмската уметност, а тоа е филмски град. Нема филмска опрема, се зема од соседството, зашто нашите соседи тоа одамна си го средија. Нивните актери сега снимаат домашно производство, но притоа не се ограничени, не снимаат патриотизам, тука серии кои ги извезуваат. Замислете, да снимат такви патриотски и националистички нешта дали вие би ги откупиле за да ги емитувате? Се разбира дека нема, бидејќи нивната историја нема да ве интересира. Тогаш, запрашајте се зашто ние би снимале нешто такво, и кој тоа би го гледал? Се поставува прашањето, дали заради билдање на националност внатре во државата и за перење мозоци на толпата се снимаат такви нешта кај нас?
Сигурно и заради тоа исклучок е македонскиот филм да е дел од официјалната селекција на светските фестивали наместо тоа да е правило?
Убаво прашање, на место поставено. Ако продолжиме вака да се однесуваме добро е што не примат и на второкласни фестивали. Сега е донесен нов закон кој е препишан со една одредба која постои во законот за музика, само ова е ставено во законот за филм, а тоа е дека државата нема да субвенционира проекти кои би влијаеле врз децата и младината да се развиваат во погрешна насока. Сега поставувам прашање: што се подразбира под ова? Треба некој да дообјасни дали ова значи дека не треба да има криминал во филмовите? Зошто тогаш се емитуваше Долина на волците серија која изобилуваше со насилство? Зошто такво нешто се откупува кога има закон да не се снимаа кај нас? Ако Холивуд вака работи досега ќе пропаднеше, зашто 80% од филмовите се од тој жанр. Кога ќе се престане со вакви небулози овде, тогаш може Македонија некогаш ќе има во официјална селекција на првокласен светски фестивал, како Берлин, Кан и Венеција.

Што најмногу сакате, а што мразите во работата како режисер?
Сакам да работам како режисер, зашто цело мое животно искуство на тактички начин знам да го пренесам на платно. И тоа ме возбудува. Моето живеење го живеам како експеримент кој подоцна го префрлам на платно, секое искуство секоја средба, секој настан во мојот живот многу добро знам филмски да ги обработам. Знаете, филмот е пандан на реалноста. Многу мои жени кои биле дел од мојот живот вака или онака, се нашле како инспирација во моите филмови. Затоа го сакам животот и го живеам со полн капацитет, не жалејќи за ништо, бидејќи секој еден настан од мојот живот си наоѓа место во мојот филмски свет и ме збогатува и ме прави посилна. Сите мои сценарија се производ на мојот приватен живот и секогаш моите жени биле и мои музи. Во мојата професија најмногу мразам тоа што овде е далеку од вистински пристап кон филмската уметност. За жал, живеам во средина каде што филмот не е развиен, ниту пак има некои посебни услови за работа. Со оглед на сè што се снима тука, врвот е Табановце. Може некој ќе го негира тоа, гледано вака од страна, но кога ќе видите дека опаковка не прави содржина, ќе се запрашате дали вреди да се отвора кино.
Каде најмногу сакате да ја оставате својата креативна енергија, во филм, театар или ТВ?
Филмот е мое поле кое го сакам. Во театар сум имала две престави, а сум работела и на ТВ. Сепак, филмот е тоа за кое живеам, се друго ми е незначајно во мојот живот. Под филм како креативност го сакам целиот процес и уживам посебно кога ја сум Господ на тој свет кој се нарекува филм. Како режисер кажувам кој лик како да живее, му давам животен пат и има функција на креатор на светот преку филмската дејност и тоа е многу моќно и креативно.
Kаде е љубовта во Вашиот живот? Повеќе сакате да се вљубувате или да се вљубуваат во Вас?
Јас сум човек кој знае да сака. Сум романтичен и разумен тип кој не паѓа на провокации и кој има сенс да почувствува кога станува збор за вистинска личност. Не трчам по сè што е женско, си имам остри и високи критериуми. Што се однесува до жените, ја почитувам секоја жена и ја сакам на свој начин. Но, за да бидам со некоја во врска треба да почувствувам дека е забавна самостојна и независна. Фала му на Бога, до сега се со такви сум имала работа. Не сум имала жени кои се карактерно слаби, плашливи и гушат, зашто такви ми се досадни. Кај мене не пали и не може некоја да ме фати на чувства и на самозалажување, иако има многу такви жени. Мојата поранешна жена беше силна, самостојна, професионална, нежна, романтична, забавна и ја почитуваше мојата работа. Не беше плачка и сите падови и порази знаеше да ги издржи на нога. Не сакам жените да ми се прават мачо, туку сакам секоја од нас да си ја брка својата работа и секогаш во секој момент да бидеме тука една за друга. И да, сакам љубов во двете насоки и да ме сакаат и да сакам, безрезервно.

Идни планови?
Уште малку сум на релација Скопје-Белгард-Софија, а потоа рeлацијата ќе биде на подолги патеки. Интересно ми е да работам надвор од нашава земја и многу позабаво ми е кога се среќавам со луѓе од шоу бизнисот со кои имам прекрасна соработка. Се надевам дека така ќе продолжи мојот живот во пеколно темпо, со многу замисли и проекти надвор од нашава земја, бидејќи ние сме многу мал пазар и тука нема апсолутно никаква заработка.
И.Н