29-ти октомври се одбележува како Светски ден на мозочниот удар. Бројките во светски рамки се фрапантни и загрижувачки. Со цел да обрнеме посебно внимание н превенција од мозочен удар, ИДИВИДИ разговараше со Доц. Д-р Анита Арсовска, претседател на невролозите во Република Македонија, инаку вработена во ЈЗУ УК за Неврологија во Скопје.

Зошто доаѓа до мозочен удар?
Мозочниот удар настанува поради зачепување на крвен сад на мозокот со тромб или поради прскање на крвниот сад, предизвикувајќи излевање на крв во мозокот.
Кој е најчест ризик фактори и кои се ризични возрасни групи?
Најчест фактор на ризик е покачениот крвен притисок. Останати фактори на ризик се: покачените вредности на шеќер во крвта, т.е. шеќерната болест, срцевите болести и болестите на крвните садови (на пр. каротидните артерии), заболувања на крвта, покачени вредности на масти во крвта, прекумерната телесна тежина, физичката неактивност, пушењето и сл. Најчесто, мозочните удари се јавуваат на возраст над 65 години.
Каков тип на мозочен удар има, кој е почест и поопасен?
Постојат два типа на мозочен удар, исхемичен кој се јавува во 87% и хеморагичен кој се јавува во 13% од случаите. Двата типа се подеднакво опасни, а симптомите и прогнозата зависат од местото и големината на оштетувањето во мозокот.

Хеморагишен vs исхемичен удар
Постојат ли симптоми и знаци кои може да го најават мозочниот удар?
Симптоми и знаци на мозочен удар се: искривување на едната страна на лицето, односно устата, слабост или одземеност на едната страна од телото (раката и ногата), отежнато одење, отежнато зборување и отежнато разбирање на говорот, вртоглавица, главоболка, пореметување на видот, пореметување на свеста.
После добиениот удар, дали животот на лицето завршува фатално?
Не. После добиениот мозочен удар не се умира, меѓутоа, раниот (30-дневниот) морталитет изнесува од 8-20%.
Колку брзо треба да се реагира после ударот за да се избегнат фаталните последици?
Треба веднаш да се реагира, да се повика службата за итна медицинска помош и пациентот итно да се транспортира во соодветна медицинска установа, каде со помош на соодветните дијагностички методи (на пр. компјутеризирана томографија на мозокот) треба да се утврди за каков тип на мозочен удар станува збор.
Што следува по дијагностицирањето?
Откако ќе се дијагностицира типот на мозочниот удар, се аплицира соодветна терапија. На пр. кај исхемичните мозочни удари, доколку пациентот ги исполнува соодветните критериуми, во рок од 3-4,5 часа може да се аплицира тромболитична терапија за разбивање на тромбот.
Дали по настанување на мозочниот удар медикаментозната терапија е доживотна?
Да, во зависност од присутните фактори на ризик, терапијата е долготрајна, понекогаш и доживотна.

Постои ли начин да се превенира мозочниот удар?
Секако дека постои и превенцијата се однесува на елиминирање или минимизирање на споменатите фактори на ризик. Според податоците од студиите, 1 од 12 луѓе кои доживеале мозочен удар во скоро време повторно ќе добијат мозочен удар, и 1 од 4 ќе починат во период од 1 година. После 4 години, ризикот од повторен мозочен удар изнесува 18%, а ризикот од смртен исход изнесува 41%.
На Вашето предавање по повод светскиот ден на мозочниот удар, истакнавте дека мозочниот удар се почесто се појавува кај младата популација?
Точно така. Овој факт загрижува и за тоа е одговорен начинот на живот и генетскиот фактор. Повторно ќе потенцирам, дека превенцијата и информираноста се клучни. Впрочем, еве неколку интересни податоци на кои треба да се обрне особено внимание!
- Секоја година во светот околу 15 милиони луѓе страдаат од мозочен удар, од кои 5.8 милиони умираат.
- Мозочниот удар убива повеќе луѓе отколку СИДА-та, туберкулозата и маларијата заедно.
- Во светот 6 луѓе умираат од мозочен удар секои 60 секунди.
- Во светот, секои 2 секунди некој добива мозочен удар.
- Мозочниот удар е водечка причина за инвалидитет.
И.Н