Тања Царовска

Добриот глас надалеку се слуша

„ Душа давам за гласот на Тања Царовска!“ рекол холивудскиот композитор Џон Дебни откако ја слушнал како пее за време на нивната прва филмска соработка.

Нашата пејачка и композитор, по принципот „тивка вода брег рони“, на еден суптилен, ненаметлив начин им влезе под кожа на милиони слушатели ширум светот. Нејзиниот глас провејува во врвните филмски остварувања како „Троја“ на Петерсен, со Бред Пит и Ерик Бана во главните улоги, „Исусовите страдања“ на Мел Гибсон, „Мајки“ на Милчо Манчевски каде што незаборавната интерпретација на носечката нумера „По друм одам, мајче“ е токму нејзина ... Нејзиното име веќе неколку пати е впишано во историјата на наградите „Греми“, а албумот на мега-ѕвездата Крис Боти каде што Царовска гостува со песната „Севда“, ја доби наградата за најоригинално дискографско издание за 2012 година. Неодамна Тања Царовска издаде и свој авторски албум – „No Record of Wrong“. Живее на релацијата Скопје – Лондон, компонира, концертира и продолжува да го освојува светот. Нејзиното време допрва доаѓа.

„Уживам во Бах, но и во Бадев!“



Пред вашето заминување во Лондон нè оставивте со впечатокот како за „прекрасен фестивалски вокал“. Кога точно го најдовте денешниов израз во кој се чини најдобро се чувствувате?

Не знам дали воопшто има израз во кој се чувствувам најдобро. Суперлативот „нај“ за мене може да биде моментален, краткотраен. Јас сè уште си дозволувам да бидам камелеон во музиката, ми здосадува еден израз и ми доаѓа желба да направам нешто друго. Мислам дека сум актер во музиката, сакам да влегувам во различни улоги, а тоа не секогаш е позитивно, зашто од еден музичар или пејач по традиција се очекува да не отстапува премногу од својот препознатлив стил. Јас, ете, би жртвувала големи успеси за сметка на тоа да можам секојпат слободно да се изразам. Уживам во Бах, но и во Бадев. На 17 години ја изведов мојата песна „Преку морето“, напишана во традиционален стил. Ја сакам нашата народна музика и ме фасцинира нејзината уникатност, но таа е само еден дел од мене. Не можам да склучам „брак“ со ниту еден израз.

Филмска музика



Листата на филмските остварувања во кои звучи вашиот глас е импресивна. Ќе го споделите ли со нас вашето прво искуство со филмската музика и како всушност дојде до вашиот прв поголем успех? Дали за ова беше клучна соработката со познатиот филмски композитор Габриел Јаред?

Првин почнав да изведувам и да снимам музика која беше наменета за музичките библиотеки, која е сепак најчесто употребувана за документарци или телевизиски емисии. Оттаму дојдоа понудите за филмови, па пред „Исусовите страдања“ веќе имав искуство со музика за десетина филмови и ТВ реализации низ Европа. Ако некому му должам за досегашната ангажираност, тоа е композиторот и музичар Робин Џефри од групата „Burning Bush“, кого всушност го запознав случајно, во авион. Тој ми го понуди првиот ангажман и интензивно ме препорачуваше во почетокот. Тогаш сфатив дека доаѓајќи во Лондон сум дошла на вистинското место, каде што музичарите постојат со мислата дека за секого има место и си помагаат еден на друг, а не обратно. Габриел Јаред беше само еден од моите случајни соработници и него го запознав дури подоцна, на снимањето на „Троја“. Всушност, по запознавањето со Јаред, мојот ангажман се намали, не се зголеми, затоа што станав мајка. :)

И покрај притисоците на влијателните грчки филмски работници, кои во последен момент дури издејствуваа нов саундтрак за филмот „Троја“, вам ви успеа со својот глас да ја наметнете македонската традиционална песна во нејзината најчиста форма?

Па ете, било судено. Јаред имаше десет вокалистки на својот саундтрак, а Хорнер, пак, сакаше само еден глас и ме избра токму мене. Јас тоа го сфатив како повик и одлучив да го прифатам ангажманот. Знаев дека не се случува секој ден да се чуе македонски вокал во холивудски филм, особено не на темата „Троја“.

Личното творештво како приоритет

Вашето име и глас се дел од албумот на Крис Боти, кој ја доби престижната награда „Греми“ за минатата година. Вашата интерпретација на нумерата „Севда“ му даде посебна димензија на овој прекрасен проект на мега-ѕвездата. Какви се очекувањата по ваквиот развој на настаните и дали ќе има и други интересни понуди и предизвици?

Со Крис Боти снимавме заедно во Лондон и тоа на моја огромна радост со уште еден врвен продуцент и композитор, Валтер Афанасиев (продуцент на носечката песна во филмот „Титаник“ – „My heart will go on“, и онаа на Мараја Кери – „Without you“). Секако се надевам дека ќе дојдат и други соработки од оваа, како што доаѓале и порано. Веќе има некои на повидок, но сепак за мене приоритет е моето лично творештво, мојата музика, тоа што најмногу ме радува. Нема поголема радост од тоа сам да создадеш музика. Тоа е чиста магија, а за мене е тоа врвот на задоволствата.

Неодамна излезе на пазарот и вашето дискографско авторско првенче со наслов „No Record Of Wrong“. Која идеја ве водеше во креирањето на оваа суптилна, длабокоинтимна музичка приказна?

Албумот „No Record of Wrong“ дојде сам по себе, зашто сфатив дека тоа низ што поминував може да ми биде од корист единствено ако се преточи во музика. Кога се создаде првата песна, не можев да ги сопрам наредните, сами се пишуваа! Музиката е преточена возбуда и секако дека вложив многу од моите лични чувства во неа. Уметничкото дело може да биде реализирано, но самиот уметник никогаш не може. Сфатив дека тоа е поентата, така што не очекувам никогаш да се реализирам. Со секое ново остварување сум сè погладна, или, како што вели народот - колку повеќе јадеш, толку повеќе ти се шири чкембето! :-) Така е и во уметноста – колку повеќе се реализираш, толку си понереализиран.

Остварувате и успешни соработки со „Фолтин“, Бранислав Николов гостува и на вашиот албум, со Раде Шербеџија, Џош Гробан, Дејвид Фостер, Џејмс Хорнер.... Кажете ни некој убав момент од овие искуства.

Сите соработки се возбудливи и обично има многу позитивна енергија кога се работи заедно со некого. Бранко од „Фолтин“ многу го почитувам и сум голем фан на групата. Затоа и многу се радував на нашата заедничка интерпретација на легендарната „Сузана“ на Коен.



Шербеџија го запознав уште како тинејџерка, тоа беше по филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски и бев многу возбудена. Десет години подоцна настапивме заедно. Мислам дека вокално со Шербеџија сме интересна спојка, добар контраст и уживам во дуетите со него. Со Џош Гробан не се ни сретнавме, снимавме во различни денови, но затоа пак, на таа песна работев со Дејвид Фостер во неговото приватно студио во Малибу. Фостер е мега ѕвезда во музичкиот свет со освоени 16 награди „Греми“, од вкупно четириесет и седум номинаци. Тој е продуцент на една „I will always love you“ на Витни Хјустон, „Earth Song“ на Мајл Џексон... Да се биде во студио со Џејмс Хорнер и Дејвид Фостер беше навистина незаборавно искуство! Ми беше речиси несфатливо како се најдов со нив кога до неодамна само ги гледав нивните спотови на музичките канали. Но, морам да додадам, јас отсекогаш бев свесна дека не треба да се потценувам ниту себеси, ниту нашите уметници!

Верувам дека успешните приказни не сопираат овде и дека ова е само една епизода од вашата творечка биографија. Што е извесно на музички план во периодот што следи? Ќе ве видиме ли на концерт дома?

Се надевам дека ќе има уште продолженија, поточно дека тие ќе бидат остварени... и дека ќе има некаква сценска случка во Македонија. Но, има една стара поговорка: „Посади очекување, собери разочарување“. Се трудам да садам сè освен очекувања, па ќе видиме што ќе никне.

 

Текст: Б. Костиќ-Марковиќ

Фотографии: Е. Николова-Лиере



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Се фатиле жирафа и желка. После неколку години одење, желкава ја прашува жирафата:
- Сигурно ме сакаш?
- Да, највеќе на свет!
- А де не ме сакаш поради куќата?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1574.- Во Фиренца умре Џорџо Вазари, италијански...
1858.- Со мирот во Тенцин заврши...
1941.- Унгарија и Финска му објавија војна на...
1966.- Во Тананарива, главен град на Малгашката...