Само слабите мажи се плашат од силни жени

Преземете одговорност и заборавете на изговорите

Преземете ја одговорноста за своите постапки и без изговори тргнете кон она што го сакате, е советот кој што ќе ви го даде Мади Шарма, една од најуспешните жени-претприемачи и основач на МАДИ Груп, групацијата на меѓународни приватни компании, социјални претпријатија  и меѓународна глобална мрежа на независни, непрофитни организации.  

Оваа инспиративна и одлучна дама, неодамна имаше работна посета на Македонија, која ја искористи за средби со бизнис заедницата, а воедно и за одржување на две бесплатни работилници на тема „Имам идеја за бизнис сега што?“. Во разговорот со неа откривме како е да се биде жена со визија, што е потребно за да реализирате една идеја, како и колку е значајно да имате сопствен бизнис.

Ги инспирирате луѓето од целиот свет да бидат храбри, да направат промена и укажувате дека со претворањето на страста во акција може да се постигне скоро сè. Што е тоа што Вас ве инспирира да бидете она што сте?

- Соочувајќи се со предизвикот да немам квалификации, да живеам во сиромаштија и да преживеам домашно насилство, јас сфатив дека не постои нешто што не можам да го надминам. Успехот дојде бидејќи ја превземав одговорноста за сите работи кои ми се случија и не барав изговори!

Позната изјава на Ганди вели “Биди промената што сакаш да ја видиш” а Вие на тоа додадовте “Без изговори“. Колку е тешко да се оствари тоа во деловниот свет?

- Всушност, тоа е многу лесно, откако еднаш ќе ја прифатите својата одговорност. Не можете да промените сè! На пример, не можете сами да ги промените законите во една држава, но можете да го искористите своето влијание и да иницирате промена, ако навистина го сакате тоа. Дополнително, секогаш треба да размислувате надвор од рамките за да ги надминете препреките. На крајот, тоа е дел од забавата кога сте во бизнисот, да пронаоѓате нови решенија и да ги препознаете можностите.

Да речеме дека имам бизнис идеја, но не знам како и од каде да започнам. Што е првото нешто што треба да го направам?

-Напишете ја вашата идеја на празен лист хартија и читајте си ја секое утро и секоја вечер. Дури 99 отсто од луѓето ќе застанат на оваа точка! Треба да се фокусирате, треба да останете фокусирани и правејќи го ова што ви го сугерирав ќе успеете. Откако ќе почнете да ја работите оваа вежба, следниот чекор ќе си дојде природно или ќе се откажете од идејата. Кога сте фокусирани на вашата идеја, вие точно ги препознавате луѓето со кои треба да разговарате за вашата идеја, ги превземате акциите кои се потребни и вашиот план почнува да добива форма. Бизнисот не е едноставна работа! Морате да докажете дека сте истрајни и постојани, што помеѓу другото значи дека ги правите вистинските чекори.

Вообичаено главната причина поради која луѓето започнуваат бизнис е да заработат пари, но дали тоа е вистинската причина? Дали е тоа доволно, за да се создаде нешто што ќе биде квалитетно и долготрајно?

-Главната причина поради која луѓето започнуваат бизнис не е заработката. Тоа е мит! Вистинската причина заради која некој започнува бизнис е да докаже дека идејата која ја има, со себе носи вредност, да се докаже дека другите веруваат во неа, дека ја купуваат, ја вреднуваат. Не постои поголемо задоволство, од она кога некој ќе ви понуди вистинска вредност за вашата компанија. Тоа значи дека вашата идеја била успешна. Секој од нас, во животот би сакал да си докаже дека оставил нешто на оваа планета, дека додал некоја вредност. Претворајќи ги идеите во акции и понатаму во бизнис е еден од начините на кои можеме да ја демонстрираме нашата вредност.

Дополнително, за многумина, отворањето на сопствена компанија претставува можност за ослободување од рамките кои ни ги наметнуваат работодавачите. Зошто да создавате за вашиот работодавач, ако можете да создадете за себе и притоа да уживате додека го правите тоа? Зошто да работите од 9 до 5 ако можете да работите тогаш кога сакате да работите? Претприемништвото претставува можност да го контролирате тоа што сакате, да го постигнете и да го остварите тоа.

Под импресија сум дека повеќето мажи се плашат од силни жени кои знаат што сакаат и знаат во кој правец треба да се движат за да ги реализираат своите цели. Дали сметате дека еден ден ова ќе се промени и повеќе нема да биде вредно за споменување?

-Слабите мажи се плашат од силните жени. Големите мажи, знаат дека вреднувањето на надлежностите и вештините на жената придонесуваат кон поголем економски и социјален развој на целото општество. Инклузивниот развој е единствениот одржлив модел кој можеме да го искористиме ако сакаме долготраен опстанок на планетава.

Силата на нацијата лежи во жената и од Балканската перспектива тоа може многу лесно да се увиди. На овие простори жената била таа која секогаш останувала, се грижела за домот, за земјоделието, па и за индустријата кога на пример, мажите биле во војна. Од есенцијална важност е мажите и жените во Македонија да работат заедно и заеднички да изградат силна, стабилна и одржлива економија.

Во Македонија постои висока стапка на семејно насилство, а голем дел од жртвите се жени кои немаат храброст за нов почеток. Кој е вашиот совет до нив, со оглед на фактот дека и Вие некогаш сте биле жртва која успеала да го надмине тоа?

-Најпрво, семејното насилство не е семеен проблем, тоа е проблем на општеството. Неговото влијание е штетно како за социјалниот така и за економскиот и културниот развој. Жените и мажите кои се соочуваат со насилство во домот, мораат да најдат сила да заминат или да побараат помош. Мажите од ова општество мора да најдат сила и јавно ја осудат секоја појава на злоупотреба. Владата мора да овозможи правна заштита и механизми за превенција и кривично гонење при вакви појави. Само со заедничка работа оваа појава може да се искорени.

Сите оние кои се соочуваат со семејно насилство треба да бидат свесни дека тоа не е нивна грешка, тоа не е нивен срам, тие не треба ништо да кријат и не постои причина поради која треба да се осамуваат и тивко да патат. Насилниците најпрво психички ги малтретираат своите жртви, а потоа почнува и физичкото насилство. Тие намерно ги прават своите жртви слаби и зависни од нив.

Потребна е огромна сила за да започнете одново, но секој заслужува да бидете почитуван и сакан. Денес започнува останатиот дел од вашиот живот, направете го онаков, каков што вие сакате да биде.

Според вашата проценка, дали нашата земја има потенцијал за претприемништво?

-Да! По две одржани работилници со повеќе од 40 потенцијални претприемачи, идеите, образованието, страста и визијата на учесниците, беа доволни да ме убедат дека формирањето на бизнис комплексот, кој треба да и помогне на македонската економија, е вистинскиот чекор.

Јас сум почестена што Македонија ме покани и го побара моето искуство и знаење да ги инспирира идните претприемачи, кои што ќе донесат работа, иновација, добросостојба и развој на оваа прекрасна земја.

Н. Вуковиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот

Две плавуши прават муабет за култура.
- Си го гледала оној филмот ТИТАНИК?
- Да, да , и тоа три пати.
- А која сцена ти остави највеќе впечаток.
- Онаа кога беа на бродот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на дрвјата
- Денеска е Светски ден на интелектуалната...
121.- Роден е Марко Аврелиј, римски цар...
1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар,...