Љубовта сите не врзува и сите ги спојува

„Бато“ направи земјотрес во мојот живот, понатаму сè е приказна!

Со Калиопи разговараше Бојан Бошковски

Нашата поп дива, Калиопи Букле секогаш има храброст да се соочи со предизвиците, искушенијата, но и да ни каже од каде ја црпи својата енергија со која плени наоколу. Денес таа е горда на сè што има направено и ни открива која е тајната на нејзиниот изглед, бидејќи Калиопи изгледа како да не старее.

Што прави Калиони деновиве?

Многу патувам, а кога патувам мене секогаш ми е убаво, затоа што знам дека постојано се случува нешто околу мене, во мене... Работата е таа што најмногу ме исполнува, дефинитивно едвај во декември чекам да влезам во студио повторно со Ромео и да направиме два нови сингла, едниот на македонски, другиот на српско-хрватски. Со мојот тим патуваме по градовите низ Македонија, се дружиме со фановите, со медиумите, помеѓу сето тоа подготвуваме нови материјали и се разбира креираме нови моменти за фановите. Најмногу им се радувам на концертите.

Кога сме кај Ромео, дали можете да ни откриете како беше да се работи со вашиот поранешен сопруг после 15 години?

Далеку подобро. Едноставно тргнавме да работиме со еден поинаков жар, нови инспирации, со нови познанства, со нови работи што во меѓувреме сме си ги откриле за нас. Ние имаме една неисцрпна, непресушна инспирација која се граничи со едно позитивно лудило, бидејќи човек кога после сите овие години ќе ги сублимира минато, искуствата, па и тој вакум од 15 години од неработење заедно, доведува до нови моменти, нови работи. Мислам дека е фантастично искуство, она што тој сега може да ми го даде е далеку поразлично од се досега.

Споменавте две нови песни. Дали тие ќе бидат дел од новиот албум, или..?

Ова се тотално нови песни, кои не сте ги чуле вие, не сум ги чула ниту јас. Ќе ги слушнам дури во декември. Ова ќе бидат два пилот сингла, ќе се надоврзат на приказната од Мелем, албум кој се уште трае и ја освојува публиката и надвор од границите на Македонија, како и тука. Мелем стана неверојатно слушан албум во регионот.

Како го доживувате Мелем?

Целиот албум е на Ромео, јас имам само една песна. Мелем како албум за мене беше откровение во време кога многу ми беше потребно освежување, многу ми беше потребно да отпеам нешто поинакво од она што сама го создавам. Јас бескрајно му верувам на Ромео, бидејќи знам дека никогаш не промашил ниту со музика, ниту со текст, ниту со аранжман кога сум јас во прашање. Сметам дека вистинскиот автор за мене во тој период беше токму Ромео, тој направи прекрасен албум во вистинско време.

Вашата музика нема граници. Која е тајната што луѓето ја обожаваат Калиопи?

Особено после евровизискиот настап со „Црно и Бело“ можам слободно да кажам дека имам фанови низ целиот свет. Без оглед дали пеам на Македонски, Српски, Хрватски не е важно бидејќи луѓето ја чувствуваат песната и ја чувствуваат енергијата која човек низ музиката ќе ја распостеле од себе. Што е она што луѓето ги врзува најчесто за мене? Непосредноста, едноставноста... Доколку тоа не е така нема новите генерации да ме слушаат. Многу млади деца, тинејџери, нови генерации ме слушаат и ме знаат. Навистина е феномен младите генерации да ја знаат „Бато“, тоа е нешто кое што и јас самата не го разбирам, но ако ја ставам љубовта како најголем феномен тогаш сè станува јасно. Љубовта сите не врзува, ги движи луѓето, ги спојува... Многу е лесно човек да се изгуби, но доколку си фрламе камчиња каде се движиме, како во приказната Ивица и Марица, секогаш ќе можеме да се свртиме назад, да видиме до каде сме и ако е потребно да се вратиме назад. Јас постојано си доаѓам на местото од каде што сум тргнала, бидејќи сметам дека тоа е неопходно за човек да остане нормален во сево ова секојдневие. Не смееме да го заборавиме нашиот пат. Мислам дека најважно за пејачот е да сфати дека кога луѓето ти приоѓаат, ти искажуваат восхит, почит и љубов, да сфати дека магијата треба да се доживее горе на сцената, а кога ќе се симне од таа сцена да почувствува дека е дел од нив, дел од публиката, дел од луѓето...

Која случка направила пресврт во вашиот живот?

Има многу пресврти во мојот живот и многу работи кои довеле до тоа. Еден од главните пресврти е песната „Бато“ која мене ми се случи на 18, 19 години. Низ таа песна јас пораснав, направи земјотрес во мојот живот. Тој жиг го носам до ден денес. „Црно и Бело“ направи страшен пресврт во мојот живот, секој албум направил некој пресврт во мојот живот, „Ако денот ми е ноќ“ направи голем пресврт, „Обоиме“ исто. Одредени албуми имаат клучна улога во моите животни пресврти. Зошто? Албумот е сублимат на сето она што ни се случува попатно, го доживуваме, го канализираме во животот. Секоја енергија која излага од нас ние ја гледаме. Песните ги споделуваме и тие престануваат да бидат само наши, тие стануваат дел од секого кој ги слушнал, го доживеал, ја почувствувал енергијата на пејачот... А пејачот е тој што го гледа ефектот од споделувањето на енергијата и љубовта...

Дали можете да ни одвоите омилена песна, концерт или пак турнеја која најемотивно ја доживувате?

Многу ги има, толку многу концерти кои оставиле по некој траг во мене. Ако можам да одвојам тогаш би го споменал концертот во Битола, во Хераклеа, 2000-та, 2001-ва година, мој прв концерт после подолго време во Македонија. Таму започна сè, тоа беше страшно, имав чувство како земјотрес да се случи во мене. Исклучително моќно сеќавање. Последните концерти кои беа во БиХ беа исклучително емотивни, последниот мој концерт во Сава Центарот во Белград исто, а секако тука е и мојот концерт во Скопје, Универзална Сала, 25 години од мојата кариера. Многу работи ми се вртат во глава... не знам во кој куфер, во кое сеќавање би спакувала сè, треба многу меморија за да можам сите мои сеќавања да ги складирам некаде.

Дали има некоја песна која е преслика на вашиот живот?

Да, но не само на мојот живот, туку и на туѓите животи. Јас често се потхранувам од туѓите судбини, случки... си ја потхранувам инспирацијата, бидејќи без тоа не се може. Доколку човек е фокусиран само на себе тоа не е добро. Музиката сосема поинаку би звучела доколку се гледаме  само себеси. Напротив, треба да се соживуваме со другите... Јас сум многу малку врзана за себе. Кога некој ќе видам на страна, веднаш се поврзувам со некое мое случување, мое видување на истото нешто. Многу е добро кога од страна ќе се видиш себеси. Токму во овој поглед сме многу слични со Ромео, иако тој ги кажува мислите на еден начин, стилот можеби е различен, но суштината е иста. Тука произлегуваат и моите песни...

Вие не стареете, кој е вашиот начин на живот?

Јас немам правено никакви хируршки интервенции. Ако прашувате за негата, најверојатно не постои подисциплиран човек од мене за нега на лице и на целото тело. Спортувам, особено во последните пет години наназад. Спортот ме исполнува, сакам во секој слободен момент да пешачам, да се качам на планина, се трудам да внимавам на мене. Но, тоа е последните неколку години. Она што е најважно е духот и генетиката. Јас го имам наследено генот на татко ми и мајка ми кои изгледаат исто убаво, но татко ми на свои 78 години изгледа фантастично. Има мека кожа, а ете од каде имам и јас нешто наследено. Тој знае да ми каже, Калиопи, скоро си убава како и јас...

Која е вашата омилена храна и дали Калиопи знае да зготви по дома нешто?

Уууу, јас сум страшно голем гурман, сакам да готвам и да јадам. Ја сакам нашата традиционална кујна, знам да ја зготвам, но ја сакам и европската кујна, како италијанската и француската. Би ја споменала и кинеската, бидејќи сакам да јадам и од неа нешто.

Што е она кое што сакате прво да го пробате откако ќе се вратите дома, во Македонија?

Многу сакам тава ориз, со спанаќ и со јајца одозгора, потпечено сето тоа. Да, сакам и сарми, доаѓа зимо па нив ќе ги имаме во изобилие. Тавче гравче, ајварче, парче биено сирење на жар... уфф се е вкусно... Но, морам да внимавам заради мојата става.

Каква музика слушате во слободно време, кога се возите во кола, кога одмарате...?

Искрено, најмногу музика слушам во кола, најчесто радио. Прво што правам откако ќе влезам е барањето по станиците... Имам една пасија, едно мое лудило, штом влезам во кола веднаш ги истражувам радио станиците. Кога ќе ја најдам мојата радио станица веднаш останувам на неа. Сакам музика која не ме напнува и не бара да ја анализирам. Таа треба да е тука, но да изгледа како да не е. Сакам да пеам во кола и да си денсам. Јас сум страстен возач, возам и си играм, пеам... Сакам музиката да е ралаксирачка, но не премногу. А кога сакам да пеам, тука се 80-те... Тоа е време кога се правеше најдобра музика. Сега тапкаме во место. Ако се вратиме со срцето и душата наназад, тогаш ќе сфатиме дека токму таа музика не исполнува најмногу.

Како дојде до соработка со Македонски Телеком?

Навистина сме многу среќни со Владо Јаневски што соработуваме со Македонски Телеком, бидејќи станува збор за компанија која негува една традиција, бидејќи ние негуваме наши сопствени култури, традиции, па поради тоа спојот е фантастичен. Јас одамна ја имам оваа соработка, уште од времето кога оваа компанија имаше друго име, друго лого, други луѓе. Сега има ново име, нови луѓе... Многу значи на еден уметник кога знае дека некој го препознава неговиот труд, неговото значение на пазарот, исто како што и самиот Телеком си има огромно значење на нашиот пазар. Кога ќе се поврзат две (во случајов и три имиња ако го споменеме Владо Јаневски) тоа само е симбол за квалитет, симбол за нешто кое што истите тие сакаат да и подарат на публиката, корисниците и клиентите нови моменти, ние на свој начин, Македонски Телеком на свој. Кога сето тоа ќе се поврзе има симбиоза, има значение.

Што планира Калиопи во иднина?

2015-та ќе биде година на многу концерти. Сега е важно да се сконцентрирам на новите два сингла, потоа здравје нов албум... Сега сум сконцентрирана за Нова Година, пристигнаа многу понуди, да видам што ќе одберам и потоа ќе се сконцентрирам на 2015-та, но пред сето тоа се двата нови сингла, два нови видео спотови... Во 2015-та се надевам дека ќе имам многу концерти, за мене тоа е најпрекрасното нешто.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Се фали Трпе пред другарите:
- Јас жена ми никогаш не ја тепам. Само ќе ја турнам по скали, а она сама нека се удира кај што сака!
Мујо и Хасо украле хиликоптер од СФОР. По...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
1521.- На филипинскиот остров Макатан домородците...
1791.- Роден е Самјуел Морзе, американски...
1830.- Јужноамериканскиот револуционер Симон...
1905.- Кај месноста Свиланово, во близина на...