Нов Зеланд - Нов почеток

Многу работи се чудни и извртени во овој агол од светот – непознати билки, дрвја, птици, луѓе, традиции, констелации на небо и облаци. Толку поинаку и толку впечатливо... Имав потреба да ги слушнам и доживеам новите тамошни приказни, судбини и легенди, и да си исцртам паралела со истите дома... Пиев од силен извор на инспирација.



Се затскрив од ветерот под едно дрво похутукава. Во тој период од годината, на лето, пред Божиќ, тие се вистински новогодишен украс – дар и придонес во свечената атмосфера од Нејзиното Височество - Природата. Си заседнав. Наскоро почна и да врне и така останав таму добар дел од планираното време за прошетка, под широката блескаво-црвена круна-заштитничка. Сè пред мене беше обоено со многу силни бои. Речиси и не ќе ме изненадеа капките што ги пробиваа гранките над мене, доколку и тие се обоеја во портокалова боја - разблажен сурогат на црвените жижици од похутукавата и бистриот дожд.

Луѓето беа раздвижени: си купуваа подароци за Божиќ. Шопинг трките и натпреварите за што подобра зделка во последна минута беа за момент сопрени од топлиот декемвриски дождец. Како на Вимблдон, судијата побара пауза, додека дождот запре.

Во потрагата по паралели, мислам дека не можев да најдам подобри примероци во Нејпиер од Берни, живата легенда на овој град, олицетворение на Арт-деко стилот, како и Сем, момчето кое преку лето се преобразуваше во маорски бестрашен воин и изведуваше воен танц „хака“ за патниците добронамерници кои го посетуваа неговото семејно „марае“ (место за племенски средби) близу Нејпиер.

Од пепел до Арт-деко престолнина



Било тоа не толку одамна, пред седумдесетина години, кога немирната земја на Нов Зеланд повторно го покажала својот темперамент и од градот Нејпиер направила куп урнатини - лего коцки растурени на крајот од играта на раскарани деца. Приказната на ужас сè уште е дел од секојдневието и наидуваат на разбирање кај мене – жител на град со слична судба. Градот бил подготвен за бришење од мапата на светот - тоа што не го уништил земјотресот го докусуриле пожарите што следеле. Згора на сè биле тоа времиња на економска депресија во Нов Зеланд. Но, приказната на страв и ужас добива поинаков тек. Духот и визијата на луѓето од градот, на доселениците од Европа и локалните Маори се претопуваат во една нова страстна неимарска замисла – од градот во пепел да се направи гордост на земјата пред светот. Властите впрегнати со помошта од хуманиот свет, изградуваат една од светските Арт-деко престолнини. Со нови улици, пошироки и украсени со градби со препознатлив архитектонски стил и палета на бои карактеристична за овој стил. Новото требало да го отсликува Нејпиер вратен од бездната. Од цркви, паркови, театри, училишта, ресторани, до најобичните јавни перални - од буквите на натписите за фирмите до гардеробата на граѓаните при разни манифестации, но и во обичните денови, сè е Арт-деко во овој град. Пружената шанса е искористена. Пропаста е претворена во прекрасен нов почеток на нови и поубави времиња. Поразот станал победа и величење на моќта на човечкиот гениј и визија.



Берни и Сем

Берни е во своето зрело доба. Можете да го сретнете каде било низ Нејпиер, лесно се забележува – облечен во облека од некое друго време, педантно исчешлан и среден. Тој вози олдтајмер бјуик и постојано е насмеан – изгледа нереално, како измислен лик од некој постар роман. Знае да игра свинг и да раскажува за историјата на својот град, најомилен во светот. Со гордост подвлекува дека Нејпиер е најсончевиот град во Нов Зеланд и дека тука се прави едно од најдобрите вина во земјата. И во светот! Тој е платен од градските власти да биде тоа што тој сака –пример за луѓето од некое друго време, Арт-деко господинот од Нејпиер. Неговиот лик е насекаде, на плакати и разгледници, по локалните весници, во странските репортажи за градот. Омилен мит му е тој од времето на крајот на Втората светска војна кога екипажот на германска подморница на чело со капитенлојтнантот Хајнрих Тим впловил во заливот на Нејпиер и незабележано измолзел крави во близината на градот за да си ги надополни залихите во подморницата. Тоа е Берни – живата маскота на градот и страстен раскажувач на приказните на градот, негов посматрач и хроничар, а не обратно.

Сем е крупно и силно младо момче – тинејџер. Веќе ги има типичните контури на маорските мажи. Потсетува на сумо борач со шампионски потенцијал. Тој сака поп и хип хоп музика, како и многу други млади од светот. Но, во него врие маорска крв и тој тоа не го крие. Напротив. Преку лето, за време на својот распуст, ја облекува своето машко традиционално здолниште со реси од некакви тревки и ја изведува хаката пред гостите – посетители на храмот на неговото племе. Може да го исплази јазикот прилично и со тоа на присутните да им ја долови традицијата на Маорите на овој начин да ги заплашат можните непријатели. При самата хака силно удира со дланките по градите и натколениците, додека не се појави црвенило. Мрмори зборови кои нималку не ми изгледаа благо. Маорите се силни и бесстрашни. Јасно му е секому. И мене, кој се обиде да му се приближи и да направи фотографија од поблиску.



Хонги - маорски бакнеж

Освен Антарктикот, Нов Зеланд е последното истражено копно на Земјата. Кога храбрите Маори го населиле најстудениот дел од Полинезија, формирале нова митологија и приврзаност кон Аотеароа – Земјата на Долгиот Бел Облак, како што го нарекле Нов Зеланд. Кога Џејмс Кук за прв пат фрлил поглед на најновооткриената земја во 18 век, за чие постоење претходно навестиле Холанѓаните, не бил свесен дека токму во ова затскриено ќоше на планетата ќе се создаде една од најпросперитетните и најдемократски нации во светот. Доселувањето на калливиот остров со прашуми и вулкани, толку пластично прикажано во наградуваниот филм „Пијано” на Џејн Кемпион ја велича човечката упорност и нагон за истражување, но и опстанок.

Денес сè уште селектирано пристигнуваат луѓе од светот и се растопуваат во новата т.н. Киви (Kiwi) нација. Маорите ги дочекуваат и нив и гостите посетители како мене, со хонги – традиционалниот официјален поздрав со прегратка и бакнеж во едно. Со допирање на носот и челото истовремено се верува дека се спојуваат и духовите на тие што се поздравуваат. Со хонги поздравот соочувањето е неизбежно и поттикнува искреност. Со него се менуваат животните здивови. Посматрајќи ги тие храбри и инспиративни луѓе на Нов Зеланд, било Маори, дојденци или мешанци, не можам а да не им се восхитувам и да си го посакам сличното и за мојата земја и луѓето во неа – повеќе храброст и искреност.

„Градот убав, пак ќе никне“



Шетајќи на кејот на Нејпиер посветен на маорската легенда Паниа – љубовницата на месниот племенски водич која несреќно го завршила животот во немирните води на заливот Хауки, ја пресликувам визурата на градот онаа на мојот – далеку на другата страна од планетата, и се прашувам: Дали мојот град ја искористи својата можност и дали и ние во иднина ќе се гордееме со тоа што направивме за Новото Скопје? Дали ја одбравме и раскажавме вистинската градска приказна? Се случи ли „Градот убав, пак ќе никне“, како што пеевме гордо во песните по училиштата? Го сторивме ли и го правиме ли најдоброто за секој наш град, кој и да е, каде и да е?



Текст и фотографии: Роберт Смилески



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот

Две плавуши прават муабет за култура.
- Си го гледала оној филмот ТИТАНИК?
- Да, да , и тоа три пати.
- А која сцена ти остави највеќе впечаток.
- Онаа кога беа на бродот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на дрвјата
- Денеска е Светски ден на интелектуалната...
121.- Роден е Марко Аврелиј, римски цар...
1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар,...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби