1001 ноќ сништа и цел живот спомени

Имав шест или седум години, кога до мене за прв пат вистински допреа звуците на тропарот „Во Јордање“ пеени страсно за време на Водичарските денови на славје од забревтаните битушки кумови со зацрвенети образи и растечени носови. Оттогаш, па со години нанапред, во мојата глава се нижеа замислени и измислени пејзажи од тие простори што се опеваа.



Другарски аџилак пеш

Тоа лето ние, тројцата бестрашни другари од истите средношколски клупи и браќа по чајанки од златните денови на никогаш непрежаленото „Багдад-кафе“ во скопската стара чаршија, се споивме во мисија за пополнување на празната мапа од нашите фантазии. Тргнавме по сувоземен пат, како патниците од легендите и од стриповите и така од Скопје по неколку дена пат, конечно пристигнавме. Јас и моите двајца другари сопатници стасавме до границата со Сирија. Сосе Корто Малтезе во мислите... Гледајќи го запустениот правлив граничен премин, се тешев дека поговорката „По утрото денот се познава“, не важи секогаш. Граничниот сириски службеник по првичниот студен прием, сепак, со заверените пасоши ни врачи и интензивна насмевка покажувајќи ги своите заби во три бои – црна, бело-жолтеникава и златна, од левата петка горе, која блесна на летното пеколно сириско сонце. Со утеха дека се рекло оти е важно патувањето, а не дестинацијата, втасавме во првиот голем град - Алеп, и се струполивме во првиот хотел кој изгледаше дека ќе ни ја задоволи насушната потреба за сон.



Градот во кој пророкот Мухамед не сакал да влезе

По културната и температурна адаптација и престој во Алеп, со метузалем од автобус, како што, впрочем, и и доликува на древноста што нè опкружуваше, продолживме на пат кон Дамаск, според историчарите - најстариот населен град во светот. Секогаш во историјата името на овој град се поистоветувалo со богатство; најдобрата дамаст-свила, најдобрата сабја дамаскија, и какви ли не други овоземни задоволства и потрепштини. Цезаровиот „Бисер на Истокот“ нè пречека и просто нè збуни со огромниот споменик на Крстоносците. Стануваше ли збор за некакво простување за стореното во минатото или за потсетници на некогашните војници кои пред векови внесуваа страв и трепет во срцата на жителите на Сирија и на арапскиот свет, воопшто?

Тврдината Крак де Шевалие (Тврдината на витезите) на ридот близу Хомс е една од најголемите тврдини изградени во Средниот век. Таа била дом на многу војска од Западна Европа, која речиси два века опстојувала и го контролирала патот до најсветиот од светите градови. Замислувајќи на каков висок степен на развој биле овдешните луѓе во тоа време, Крстоносците со лавји срца, но и со метални оклопи, сигурно се враќале дома воодушевени од раскошот на арапскиот свет и со опојни приказни за Шехерезада од 1001 ноќ. Токму тие, Крстоносните војни, создале многу јунаци и херои на Истокот, но пред сè на Западот, како и огромна материјална и духовна размена помеѓу двете цивилизации, толку неопходна и насушна низ вековите, па и денес...



Прошетката по Дамасковиот сук (позбиен тип на нашите чаршии), беше едно посебно доживување. Не знам дали тоа беше од мешавината на луѓето и производите што продавачите ги нудеа со невидена страст; од таинствените движења на прекрасните Сиријки во црни хиџаби кои си ги затскриваа лицата со рацете исцртани со црни арабески, од острите зраци сина светлина кои пробиваа низ издупчениот покрив на ходниците и осветлуваа нешта по случаен избор на Бога; или, можеби, најмногу од повиците на оџите измешани со тишината на дворовите на старите цркви, поплочени со остатоци од мозаици од некоја стара синагога... Старата Омајадија, некогаш маркантна црква, а сега грандиозна џамија и сè уште по малку црква, ги прима и муслиманите и христијаните да се помолат на својот Бог. Таму е погребана и главата на Св. Јован Крстителот, кого го почитуваат сите, како светец или пророк, сеедно. Во Сирија има повеќе од еден милион христијани, речиси колку и кај нас во Македонија. Соживотот помеѓу доминантните конфесии е неверојатно хармонизиран до таа мера што се открива кој на која религија и припаѓа само според последните зборови изговорени во молитвите, пред верниците да воздивнат и да се исправат за да заминат и да ги продолжат дневните обврски во суковите.



Портокалово пиле за вас, прекрасни луѓе

Во Хама сме. Веројатно тоа е најпријатниот град за живеење во Сирија и покрај пеколните јулски температури тој ден. Домаќин ни е Мазијад Објеси, од семејство кое е едно од најстарите и највлијателните во градот. По незаборавната прошетка низ градските знаменитости, следејќи го дрворедот крај реката и аквадуктот, се упативме кон една меана за вечера и средување на впечатоците. Градот живна, поднесувајќи го стоички последниот дневен светлосен и топлотен кроше. Спарнината попушта, водата на реката Оронтес околу нас емитира надеж и свежина. Таткото и купува на својата ќеркичка живо пиле во портокалова боја. Пилињата, ми рече Мазијад, овде се означуваат како симбол на милосрдието. Другите пилиња обоени во други бои кои цивкаа во кафезот чекајќи ги своите следни сопственици брзо ќе се распродадат на ваква пријатна квечерина.

Корто седи на страна и пуфка цигари, гледајќи ги огромните чкрипечки нории, иригационите тркала од далечното минато, а ние во самракот без негово присуство постиламе глобални и сеарапски теми додека вечераме. Мазијад е горд на својата земја, но и на својот пркосен град, кој во 1982 се дрзна да се спротивстави и на цврстата рака на Хафез Ел Асад... Ја запомнив и изреката која ја чув од Мазијад „Секој писмен човек на светот има две татковини: онаа во која се родил, и втора е Сирија“. Имено, угаритското писмо најдено во северна Сирија е најстарото писмо во светот, кое прво го прифатиле Фениќаните, а по нив и другите антички народи. Денес во Сирија се зборуваат, покрај арапскиот, и многу други јазици, меѓи кои е и арамејскиот, јазикот на кој зборувал Исус Христос. Беше тоа незаборавно поминат ден во Хама и одличен разговор на крајот од денот. Го поканивме Мазијад нашата следна заедничка вечера и дружба да ни биде покрај еден друг извор на светска писменост – на словенската, покрај нашите светинаумски охридски извори.

Слепиот патник Корто Малтезе



Се разделивме со Кире и Горан. И со Корто Малтезе. Јас кон југ, на пат кон „другиот дел на Сирија“, кон „Јордање“, а тие на север, кон Турција. И Корто исчезна некаде во меѓупросторот, а толку ми беше потребен, зашто само тој знаеше да ми ја разјасни комплексноста на оваа земја и регион. Сиријците и нивната инспиративна и за мене изненадувачки релаксирана земја ме затекоа неподготвен за една од оние лесни разделби со насмевка и ноншалантно одмавнување со едната рака. Ех, да беше Корто Малтезе со мене, се обложувам дека ќе се договоревме да останеме. Но, него го снема небаре никогаш и не бил. Сè што се знае е дека исчезнал во виорите на Шпанската граѓанска војна. Но, знаете, тоа што тој исчезнал не значи и дека е мртов. Имав чувство дека тој токму во тие денови беше постојано таму некаде околу нас, на некоја тајна мисија, во временските лавиринти на древната Сирија.

 

Текст и фотографија: Роберт Смилески



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Мујо му раскажува па Суљо:
"Замисли, Суљо, со Хасо бевме во шумата кога почна страшно невреме. Отидовме кај него дома, ама дождот не престануваше, па останав да преспијам. И така...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Светски ден на Црвениот крст и на Црвената...
1688.- Роден е Ален Рене Лесаж, француски...
1794.- Во Париз умре Антоан Лавоазје, француски...
1828.- Во Женева е роден Жан Анри Динан,...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби