Според извод од матична книга на родените граѓани, тој е Горан Јанкуловски. Уметничкото име му е Стиховен Калибар, а описното име му е Уникатен човек во здодевно време. По професија е социолог, а во слободно време борец за правда и вистина. Хип хоп музиката и пишувањето му се полиња на креативно празнење.

Како си што има ново?
Добро, еве нешто коленово ме врти најверојатно ќе се менува времево. А, ново е блузончето шо го земав вчера. Ефтино иљадарче го платив со 30% попуст.
Дали кога Стиховен калибар се роди знаеше точно што ќе бидеш?
Никогаш у животот не знаев што ќе бидам. Дури ни сега не знам што сакам да бидам. Знам само што не би сакал да бидам. На пример кодош не би бил никогаш. А ако добро размислам можеби еден ден би бил добар директор.
Со каков калибар располагаш?
Со страотен...и убитачно голем хаха
Тоа значи дека физички си силен?
Физички не сум корпулентен. Порано дигав сто кила на бенч ама у последно време се улежав. Сега вежбам стриктно мозочни мускули. Накај 70 килограми без алишта, а со зимска гардероба ќе забегам накај осумдеска.
Кој е твој најголем адут?
Според мене најсилен адут ми е вокабуларот. Мене може да ме зачука било кој на улица, ама вербално тешко дека некому ќе му дозволам втора рунда

Како финансиски егзистираш како хип хоп артист, блогер, писател(автор), социолог во денешно време во Македонија?
Егзистирам социјално...А, наскоро ќе чекам да го продадам и целиот тираж од книгата Двоглед, па да ги платам заостанатите сметки за парно.
Ако велиш дека нема пари, зошто го правиш сето ова?
Не велам дека нема пари. Од хип хоп има пари само треба да го продадеш сопствениот задник и да тезгариш по клупчиња. Да пееш за дојки, задници, џипови, авиони и така ќе немаш никакви финансиски проблеми, па дури и парното и струјата нема да ти ги исклучат.
А ти зашто не го продадеш задникот?
Задници обично продаваат хомосексуалци и мераклии на анално задоволство. Инаку, мојот задник особено го ценам и евентуално може да им кажам само kiss my ass!!!Ништо повеќе. П.С. Мојот задник нема хемороиди.
На сцената си 16 години. Во која област си свој на своето?
Во хип хоп музиката, на блогерајот и на фејсбук важам за бунтовник со причина. Ја презирам лагата, превртливите луѓе , преварантите и како што велам во рекламата за Двоглед „Се она што смрди”...Со други зборови борец за правда и вистина.
Во Двоглед раскажуваш приказни кои се огледало на секојдневието? Кому се посветени?
Двоглед е дијагноза на болното општество. Воедно прави и анализа на сите негови клетки. Транзицијата создаде премногу болни личности, а токму Двоглед е лекот за нив. Ја посветив на мојата изгубена генерација која успеа да преживее два различни система, неколку девалвации, инфлации, заебано детство и деградација на сите морални вредности.
Што те прави различен од на пример Слаткаристика?
Тоа што не се палат малолетнички на мене хаха и што не потпишав за Џеј Џеј.
А, кој се пали на тебе и за кого потпиша?
На мене се пали светлото у влез кога влегувам. Инаку, неодамна потпишав договор за купопродажба на недвижен имот и тоа два стана и три дуќана. Одлична зделка.

Велиш дека нема вистински хип хоп. Што е всушност вистински хип хоп, што треба да се случи за да го има?
Во моментов хип хоп музиката се наоѓа во кома и под апарати на дишење. Над него од левата страна бдеат мејнстрим квази хип хоп шарлатаните кои го гнасат на секој можен начин, а од десната страна се андерграунд его трип-траво уличарите кои наводно сакаат да го издигнат и да го кренат на нозе. Но, голем дел и од нив потајно би сакале да бидат како овие другите, па доколку им се укаже прилика веднаш би го продале со све партали. Со вакви неранимајковци хип хоп музиката нема намера да стане од кома уште долго време.
Зарем не сакаш да заработуваш?
Уф...Велат дека сум евроскептик, а немаат појма колку ги сакам еврата.
Сметаш ли дека оние кои заработуваат не се вистински хип хоп артисти, а вистинските не заработуваат?
Не е се во заработката. Дури и тие што заработуваат не се којзнае колку богати. Башка Македонија е мал пазар колку едно маало у Пекинг. Полесно ќе продадеш чорапи на пазар отколку оргинален хип хоп албум, зашто многумина ќе го симнат бесплатно. Тука се работи пред се за едукативната функција која со себе ја носи хип хоп музиката како правец. Таа се повеќе се губи зашто она што се продава кај масите сигурно нема ни милиграм од едукација, туку вулгаризирано искривоколчување на урбаната култура.