Наслов:
Тhe Artist
Режија/Сценарио: Мишел Хазанавичиус
Улоги:
Жан Дежардан, Беренис Бежо. Џон Гудман, Џејмс Кромвел
Жанр:
романса/драма
Времетраење:
100 минути
Година на издавање:
2011
The Artist е времеплов во филмската историја. Изреката „Не прават филмови како порано“, не важи за The Artist. Олдтајмер само во техниката, но свеж и иновативен во духот, The Artist e еден од најдобрите филмови на годината.
Џорџ Валентин (Жан Дежардан) во 1927 година е филмска и водвил ѕвезда од „немиот Холивуд“. За време на премиерата на последниот филм, по игра на случајноста ќе се запознае со обожавателката Пепи Милер (Беренис Бежо) и благодарение на папараците ќе ја направи девојка од насловната страна. Милер е надежна актерка која сонува за успех во Холивуд, па со новата технологија (звукот), главниот град на шоу-бизнисот, полека но сигурно ќе добие и нова ѕвезда. Но како што една ѕвезда ќе се роди, друга ќе згасне. Џорџ, засенет од Пепи ќе се соочи со професионален, финансиски и ментален банкрот. За среќа помошта ќе пристигне.

По воведувањето на звукот во филмовите, Холивуд во неколку наврати се обиде да ја врати ерата на немиот филм. Во Sunset Boulevard од 1950 година преку ликот на Норма Дезмонд имавме прилика да видиме заборавена филмска ѕвезда од немата ера, а Мел Брукс со пародијата Silent Movie од 1976 на комичен начин не потсети на оваа заборавена уметност. Но, всушност во сторијата, The Artist има најголема блискост со класиката на Џин Кели, Singin’ In The Rain.

Од друга страна пак, техниката на снимање која ја користи режисерот Хазанавичиус во The Artist е восхитувачка. Филмот го содржи дури и размерот 1.33:1, автентичната техника која била користена во 20-те и 30-те години од 20 век. Сепак, актерите имаат најтешка задача. Беренис Бежо и Жан Дежардан мора да го раскажат филмот само со говорот на телото. Нема класично сценарио, па затоа француските актери (а исто така и Џон Гудман, Џејмс Кромвел и Миси Пајн) мора да се потпираат на експресиите на лицето (кои се пренагласени) и гестовите, а не смее да се заборави и дека одлично танцуваат. Особено импресивен е изгледот на Дежардан- комбинација на Даглас Фербанкс (во мустаките) и Џин Кели (танцувањето).

Неколку сцени во The Artist се круцијални и мора да се споменат. Сцената во која Џорџ во напад на бес ќе ги изгори филмските ленти во собата е апсолутно генијална. Но, всушност најдобар е кадарот по манијата. За момент смирен, но разочаран од себе си, го гледа нередот околу себе. Потсетува на Орсон Велс во Citizen Kane особено во сцената со демолирањето на собата, и можна инспирација за Хазанавичиус. Гледајќи се во огледалото, Џорџ во една од сцените ќе го слушне звукот на чашата како ја допира масата, лаењето на кучето, но не и сопствениот глас. Слободно може да се протолкува како казна за одбивањето на актерот да ја прифати новата технологија. Клучен момент кој ќе го означи неговиот пад.

Главната тема секако е судбината на многу актери на почетокот на 20-от век. Славата од 15 минути е елегантно прикажана, а со стил е прикажано и нејзиното губење. The Artist не е филм само за холивудските ѕвезди. Тој е приказна за пријателството, љубовта, лојалноста и гордоста која тука е доблест и маана. Филмот е љубовна приказна за двајца актери, но и љубовна приказна за филмот како уметност. Апсолутно треба да се погледне.
С. Лазаревска
Гледајте го The Artist (2011) ако ви се допаднале: Silent Movie (1976), City Lights (1931), Singin' in the Rain (1952), Sunset Boulevard (1950), Modern Times (1936).