Веста за смртта на познатиот пејач Арсен Дедиќ го потресе целиот регион, поради тоа што тој успеа да ја освои цела Југославија, а сите имаат свои сеќавања, благодарение на неговите песни. Многу познати пејачи од бившите југословенски простори сакаа да го следат него и неговиот успех, да станат толку познати и многумина во него гледаа учител и идол.
Дури Ѓорѓе Балашевиќ успеа да му посвети песна, во која пее за тоа како сака да е како него, како во него го гледа својот голем ментор.
- Тој е човек кој зад себе остави толку добрини, што мислам дека таков ќе биде засекогаш. Тешко е воопшто да се коментира за тоа, изјави Оливер Драгојевиќ.
- Нè прегрнуваше една љубов, едно пријателство, незаборавно сеќавање. Сакам сите ние, не само во Хрватска туку и пошироко, да ги сочуваме сите убави сеќавања на еден великан, но и да ја зачуваме почитта кон неговото семејство, на кое сега му е потребен мир, смета Тереза Кесовија.
И на Раде Шербеџија, кој го чувствуваше како брат, му е тешко да се опрости од Арсен.
- Страшно е, ужасно, не можам да верувам и не знам што да кажам. Кога ти умира некој од фамилијата или од пријателите, тогаш тешко наоѓаш зборови да зборуваш и објаснуваш. Огромна тага и неправда.
- Единствен спој на интелигенција, талент, хумор и оригинални особености, уметник на музика и зборови, уметник кој знаеше да го испее животот и сите негови нијанси, сите убавини и оние мали моменти. Ти благодарам Арсен Дедиќ за генијалните спомени. Горда сум и благодарна на овие негови стихови, кои и јас ги пеев, напишала Vanna.
И нашата Каролина Гочева се опрости од Арсен, кој и напиша стихови за песната „Lady Godiva“.