Претседателот на Светската фудбалска централа (ФИФА) Џани Инфантино е убеден дека првото Светско клупско првенство „отвора нова ера во фудбалот“.
-Ова е историско. Малку како првото Светско првенство, кое започна во 1930 година. Денес сите зборуваат за ова ново првенство, вели Инфантино, цитиран од светските агенции.
Пред 95 години, првото Светско првенство се одржа во Уругвај, на кое учествуваа само европски и јужноамерикански земји. Сега клупското првенство им дава можност на тимови од сите континенти да учествуваат.
-Сакаме да им претставиме можност на клубовите од целиот свет. Поентата е навистина да се глобализира фудбалот. Велат дека тоа е спорт број 1 и тоа е во реалноста, но елитата е концентрирана во ограничен број клубови и земји, верува претседателот.
Инфантино се бранеше од критиките за презафатените сезони и огромниот број натпревари што ги одиграа ѕвездите на спортот.
-Убеден сум дека од моментот кога топката ќе почне да се движи по теренот, целиот свет ќе сфати што се случува овде. Ова ќе биде нешто посебно. ФИФА често е критикувана за фактот дека цените на билетите се превисоки, дека цените се ниски или дека правиме промоции за студенти. Но, кога бев студент и немав пари да гледам натпревар, ќе бев среќен ако ФИФА дојдеше да ме праша дали сакам да присуствувам на натпревар од Светското клупско првенство. Не сакаме празни стадиони, убеден сум дека ќе бидат полни, категоричен е Швајцарецот.
Џани Инфантино, исто така, го бранеше својот проект објаснувајќи дека продажбата на телевизиските права на платформата „ДАЗН“ за една милијарда долари е веќе голем економски успех, а натпреварите ќе се емитуваат бесплатно.
-Дајте ми пример за друг голем фудбалски турнир каде што ова е можно?, праша тој.
Шефот на ФИФА беше запрашан и за протестите во САД, поврзани со миграциската политика на Доналд Трамп.
-Безбедноста за нас е апсолутен приоритет. Затоа, кога има настани како оној во Лос Анџелес, ја следиме ситуацијата, сме во постојан контакт со властите и се грижиме гледачите да можат да ги гледаат натпреварите во целосна безбедност, заклучи Инфантино.