
Италијанскиот менаџер на Манчестер Сити, Роберто Манчини, планира на крајот на сезоната да се ослободи од ѕвезденото трио вредно 50 милиони фунти, а кое го сочинуваат Емануел Адебајор, Вејн Бриџ и Шон Рајт Филипс. Според пишувањата на таблоидот Сан, Манчини со продажбата на овие фудбалери планира да собере доволно пари за ангажман на голгетерот на Ливерпул Фернандо Торес и уште неколку квалитетни фудбалери. Италијанецот добил задача да го однесе тимот во Лигата на шампионите, а потоа да го засили за дуелите од елитното натпреварување но и да ја донесе титулата во Премиер-лигата.
Адебајор постигна 13 гола на 28 натпревари и тој моментално вреди 25 милиони, а што е најважно не е по вкусот на Манчини. Рај Филипс оваа сезона стартуваше на шест натпревари, а наскоро му истекува договорот, додека, пак, Бриџ доколку не ја преброди кризата од случајот со Тери и не почне да прикажува партии какви што се очекува, сигурно ќе си замине од клубот. Манчини може да го продаде и Стивен Ајрленд, кој е миленик на навивачите и е во клубот е од својата петнаесетта година бидејќи не влегува во неговите тактички замисли.
Најновите информации говорат дека Шеикот Мансур ќе му обезбеди на Манчини 150 милиони евра ова лето за засилувања. Досега сопственикот на Сити потроши околу 250 милиони со цел да го направи тимот број 1 во светот, меѓутоа решен е да не штеди и да ги реализира своите замисли. Меѓу новите засилувања се спомнуваат голманот на Јувентус Џанлуиџи Буфон и крилото на Бенфика Анхел ди Мариа.