
Еден најдобрите фудбалери на Барселона и кандидат за златната топка за 2010 година, Андрес Иниеста би можел да биде продаден во јануари или на крајот на сезоната за да се покријат долговите коишто ги има клубот. Според Американска информативна агенција тој би требало да биде продаден за сума од 100 милиони евра, а можеби и за поголема.
Како причина за продавањето на Иниеста, агенцијата ги наведува големите долгови коишто ги имаат Каталонците. Се зборува за сума од околу 500 милиони евра долг и за да може да се покрие сето ова мора да се продаде еден од фудбалерите кои важат за ѕвезди во клубот.
Иако засега никој не зборува ништо од клубот, се смета дека не се исклучува можноста Иниеста да биде продаден доколку некој даде доволно добра понуда. Другите големи ѕвезди засега се сигурни. Меси и Чави, кои исто така се кандидати за златната топка нема шанси да го напуштат тимот на Барселона и тие сигурно остануваат во клубот.
"Цената на Иниеста никогаш нема да биде повисока од сега. Оваа година беше неверојатна за него (го постигна победоносниот гол на СП во ЈАР за Шпанија), но тоа сигурно не значи дека клубот нема да се одлучи да го продаде доколку некој достави висок понуда", изјавил близок човек на клубот кој побарал да остане анонимен.
Секако потенцијален купувач веднаш е Манчестер Сити, тим кој и досега има пројавено заинтересираност за Иниеста. Доколку навистина Барселона одлучи да го продаде, тогаш Иниеста, веројатно, ќе заврши во овој тим кој нема никаков проблем со парите.
Сепак, мора да се има предвид и тоа дека Иниеста неколкупати досега има потенцирано дека сака да ја заврши својата кариера во екипата на Барселона.