Научниците во Германија испробуваат нов начин за борба против загадувањето. По една делница од автопатот во Бранденбург веќе се движат електрични камиони. Но за многу Германци, возењето на струја не е ништо ново.

Четири жици се пружаат над многу улици во Золинген. Тие снабдуваат шест линии на градскиот превоз со струја за трамваите, класични нови т.н. еколошки. Патниците се задоволни, иако за нив таквиот начин на превоз помалку е старомоден. Трамваи во Германија постојат само во неколку градови, бидејќи уште во текот на 50-тите и 60-тите години беа заменети со автобуси.
Меѓутоа, тука старомодно не значи и надминато. Германскиот совет за заштита на природната средина предлага во сообраќајот да се воведат камиони на струја. Поставувањето на жици би чинело околу два милиона евра по километар, но би го намалило испуштањето на јаглен-двооксид.

- Се работи за електрични камиони кои се снабдуваат со струја од жици, користат електромотори и подобро возат. Тоа значи дека имаат поголема сила, а не произведуваат издувни гасови директно. Голема предност е тоа што не мораат да носат сопствен извор на енергија - објаснува Берт Леркамп, сообраќаен инженер на Бергенскиот универзитет во Вупертал.
Сименс веќе врши тестирања
Тој концепт за камиони на струја звучи многу утопистички, но е изводлив: Германската фирма Сименс веќе врши тестирања во Бранденбург, северно од Берлин.
- Основниот предизвик беше да се направи товарно возило кое не ја загадува животната средина, поефикасно но и побезбедно. Затоа мора да се користи електрицитет. Тоа има смисла, затоа што електромоторите подобро ја користат енергијата и работат речиси без испуштање на јаглен-двооксид - вели Роланд Едел, технички директор на сообраќајното одделение во Сименс.
Додека процентот на искористувањето на био-масата како гориво е некаде од 7 до 10 проценти, електричната енергија од батерии се користи околу 65 отсто, а по пат на директно снабдување дури и 80 проценти.
Дојче веле - Берлин