Во летните денови кога жештините се најинтензивни, водата станува повеќе од освежување, таа е витален сојузник на телото. Но, дали само водата е доволна? Што точно му треба на организмот за да остане хидриран, енергичен и балансиран во услови на високи температури?

Во продолжение, ќе откриеме како навистина да се грижиме за хидратацијата и кои навики можат да помогнат во тоа да го поминеме летото лесно, здраво и освежено.
Колку вода ни е потребна?
Општата препорака е да се внесуваат околу 30 до 35 милилитри вода по килограм телесна тежина дневно. За личност од 60 кг, тоа се околу 2 литра вода. Но, во лето, оваа потреба значително се зголемува. Поради зголеменото потење и губење течности, телото има потреба од најмалку 2.5 до 3 литри дневно, особено ако се движиме повеќе, патуваме, вежбаме или сме изложени на сонце подолг период.
Храна која хидрира
Не мора да пиеме само вода за да останеме хидрирани. Одредени намирници се богати со вода и електролити, а покрај тоа се и хранливи и освежителни.
На пример, лубеницата содржи 92% вода и е природен извор на електролити. Краставицата, со околу 95% вода, е одлична за салати или освежителни пијалаци. Јагодите, боровинките и другите бобинки не само што хидрираат, туку се богати со антиоксиданси кои го штитат телото од оксидативен стрес. Зелената салата, целерот и марулата се одличен избор за лесни летни оброци. А ако сакаме природен енергетски пијалок, тука секогаш е кокосовата вода која е полна со природни електролити и е совршена после вежбање или напорен ден на сонце.
Знаци на дехидрација кои често ги игнорираме
Многу луѓе не ја препознаваат дехидрацијата додека веќе не се појават сериозни симптоми. Најочигледниот знак е сува уста и силна жед, но, токму тогаш телото веќе е во состојба на дехидрација. Главоболките кои се јавуваат без очигледна причина често се резултат на недостиг на течности, исто како и заморот и ненадејниот пад на енергија во текот на денот. Потемната боја на урината и реткото мокрење се уште еден индикатор дека телото не прима доволно вода. Вртоглавицата, особено при нагло станување од седечка или лежечка положба, може да биде знак дека крвниот притисок е нарушен поради недоволна хидрација.
Совети за хидратација кои функционираат
Еден од наједноставните начини да ја започнеме хидратацијата уште наутро е со чаша млака вода со лимон. Истата освежува, добра е за дигестијата и помага телото да се ребалансира по ноќта. Добра навика е да поставиме потсетник на телефонот секои два часа, за да не заборавиме да внесеме течности, особено ако сме на работа или во движење. Носењето мало шише со вода во торба или ранец звучи како ситница, но прави голема разлика. Ограничувањето на кафето, алкохолот и засладените пијалаци е исто така клучно, бидејќи тие имаат дехидрирачко дејство и можат да го зголемат ризикот од губење течности. И најважното правило - не чекајте да да ожедните. Пиењето вода треба да биде навика, дел од секојдневието, а не само реакција на веќе настаната потреба.
Домашен електролитен напиток
Ако често сте изложени на сонце и многу се потите, можете да направите природен напиток кој ќе го обнови електролитниот баланс во телото. Еве еден лесен и ефикасен рецепт:
- 500 мл вода
- Сок од 1 лимон
- Прстофат хималајска или морска сол
- 1 лажичка мед (по желба)
- Неколку парчиња краставица или нане за дополнително освежување
Овој пијалок е идеален после тренинг, шетање на сонце или како дневна освежувачка пауза.