Одбележана 12-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски

Скопје, 26 февруари 2016 (МИА) - Дванаесетгодишнината од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски денеска беше одбележана во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. 

На Градските гробишта во Бутел, цвеќе на гробот на Трајковски положија делегации од Владата, Собранието на Република Македонија, Град Скопје, Советот на Град Скопје, претставници на дипломатскиот кор, од државни институции, политички партии, членови од семејството на претседателот, здруженија на граѓани...

Во авионската несреќа покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

Според Цоне Крстевски, брат на Миле Крстевски, кој загина во авионската несреќа, смртта на претседателот е, како што рече, класичен атентат. За него сомнителни се сите околности од денот на полетувањето до падот на авионот. 

- Констелацијата на односите на сето тоа летање, од понеделникот до четвртокот има многу замки и денот на избирањето на самото полетување, враќањето на другите делегации од невремото и слично, враќањето на нашата делегација од Даблин, сето тоа оди во прилог на сомнежи. За мене лично останува дека е атентат на претседателот, а сите што со него беа колатерална штета. За жал на Македонија, можеби тоа некој го планирал од поодамна, рече Крстевски.

Јавното обвинителство на Република Македонија денеска соопшти дека не произлегуваат нови околности кои би довеле до донесување на поинаква одлука од претходно донесената Резолуција.

- Во врска со истрагата за авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски и неговите сопатници до овој момент од досега утврдените факти во предметот, како и од поднесениот извештај од Меѓународната комисија за испитување на причините за несреќата и од други во меѓувреме добиени и прибавени материјали, во досегашната компарација со претходните извештаи и докази,  не произлегуваат нови околности кои би довеле до донесување на поинаква одлука од претходно донесената Резолуција, се наведува во соопштението на ЈО.

Цвеќе пред споменикот на Трајковски положија директорот на СЦ „Борис Трајковски“ Златко Перински, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, делегација од општина Карпош предводена од претседателот на Советот Сашо Лазаревски, повеќе спортски федерации од Република Македонија, претставници на Спортско радио, претставници од УМС на ВМРО-ДПМНЕ...

Директорот Перински истакна дека Македонија се гордее со Борис Трајковски кој, како што рече, беше човек со неверојатни морални, но и професионални вредности. 

- Голема чест и обврска е да се носи името на овој наш претседател, па токму затоа СЦ „Борис Трајковски“ постојано се труди да претставува симбол за институција која на македонскиот народ ќе му донесе многу радост и ќе продолжи да биде место на големи спортски победи на македонските спортисти, тимови и репрезентации, рече Перински.

Постојано ги промовираме и семејните вредности кои, како што рече, нашиот поранешен претседател Борис Трајковски ги имаше и постојано ги нагласуваше како важни за Република Македонија. 

- Сакаме да му оддадеме почит на прерано загинатиот претседател Борис Трајковски. Тоа и во иднина ќе го правиме и се надеваме дека и наредните генерации ќе му оддаваат почит и оти секоја година ќе се сеќаваат на овој ден и ќе се сеќаваат на трагичната несреќа во која прерано заврши еден млад живот, рече претседателот на Советот на општина Карпош Лазаревски.

Цвеќе беше положено и на спомен-обележјето во Ротимље во Босна и Херцеговина.

Во авионска несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година загина претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и осумчлена македонска делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. 

За несреќата која се случи во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар, за причините за падот на „кингерот“, за тоа дали се случила авионска несреќа или било „тероризам“, од тогаш досега беа изврешени две истраги и објавени два извештаја, на две комисии со кои раководеа Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти.

И во двата извештаја, кои се разликуваат, сепак, како причина за падот на „кингерот“ се наведуват пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.

На барање на Македонија,  со поддршка од европратеникот Андреас Грос, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР беше отворена нова истрага во јануари 2013 година која ја водеше Кулиќ.

Во првиот извештај како директна причина за падот на „кингерот“ се наведени „процедурални грешки во приодот за слетување, по висина и по место, на аеродромот во Мостар, на контролиран лет“. Во вториот се наведени и системските пропусти, а е објавен и транскриптот од црната кутија односно целиот разговор меѓу пилотите и разговорот со контролата на летање.

Седум постапки во текот на летот од страна на пилотите и пет системски грешки на надлежни институции во Македонија и во Босна и Херцеговина се причините за уривање на „кингерот“, стои во новиот извештај што го презентираше Кулиќ.

Македонската страна во целост ги прифаќа наводите со дополнителни предлози кои се однесуваат на ВОР системот, самата процедура, барањето и спасувањето по падот на кингерот и формулацијата за пловидбеноста на воздухопловот. Но, за македонската страна е нејасно зошто е пренасочена локацијата каде да се бара авионот, иако Кулиќ вели дека контролорот на летање знаел каде е урнат авионот.

Сотир Костов, македонски претставник во Комисијата, изрази задоволство како е сработен извештајот во воздухопловниот дел, но рече дека во целост не се согласува со обесчестувањето на РМ во 2004 година на која и е скриена вистината за падот на „кингерот“.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
На заставник во војска му требале ситни пари за кафе. Забележал обичен војник кој бришел под во касарната и го прашал:
- Војник, дали имаш да ми раситниш 100 денари?
- Аха.
-...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1536.- Отсечена и е главата на Ана Болен, втората...
1649.- За првпат е употребен називот...
1762.- Роден е Јоахн Готлиб Фихте, еден од...
1802- Наполеон Бонабарта во Франција го...