Доделени 8 дозволи за сателитска телевизија Телевизиите А2, Канал 5, Алфа, Ера (со странска инвестиција) и Скај Нет добија лиценци за сателитска телевизија од општ формат со нова платформа. За сателитска телевизија од специјализиран формат дозволи добија Сител телевизија и два нови субјекти, од кои едниот, како што соопштуваат од Советот за радиодифузија, е “Џанго медиа“.
Меѓу апликантите за сателитска телевизија биле и “Тинекс“, групација од брокерски куќи - Инвестициски фонд, Бојо Андревски и Ѓорѓија Џорџ Атанасовски, кои и покрај тоа што ги исполнуваат условите за добивање дозвола за сателитска телевизија, појаснуваат од радиодифузниот совет, поради ограничениот број на дозволи согласно огласот за аплицирање, засега остануваат без лиценци.
Од таа причина Советот за радиодифузија донел одлука уште веднаш да се распише нов конкурс, каде предност ќе имаат овие четири апликанти, имајќи ги при тоа во предвид нивните веќе доставени документи.
“Сите кои добија дозвола ги исполнуваат условите од огласот и тие се сериозни субјекти. Истото важи и за оние кои поради ограниченоста, не добија дозволи, но затоа уште веднаш се распишува нов конкурс“, изјави за Нетпрес претседателот на Советот за радиодифузија, Илир Ајдини.
Новиот конкурс ќе треа 30 дена и условите предвидуваат да бидат доделени уште 8 дозволи за сателитска телевизија од општ формат и 5 од специјализиранм формат.
|