
Двајца полициски специјалци попладнево се повредени за време на редовната вежба на полигонот “Пенуш“ во близината на Штип. Едниот е повреден во пределот на надколеница, има прострелна рана, додека вториот има гребнатина во пределот на рамото. Тие се надвор од животна опасност.
Повредените припадници на Специјалната единица на МВР се транспортирани и хоспитализирани во болницата во Штип.
Според првичните информации причината за денешниот инцидент се рикошет на куршум, вели полицискиот портпарол Иво Котевски.
“Денеска попладнево двајца припадници на Специјалната единица на МВР се здобија со телесни повреди при редовни вежбовни активности, боево гаѓање на полигонот Пенуш. Веднаш по несреќата се префрлени во штипската болница. Едниот се здобил со гребнатина во пределот на рамото, а другиот со прострелна рана во пределот на надколеницата. Вон животна опасност се “, изјави Котевски.
Тој додаде дека Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе излезе на терен за да утврди дали станува збор за несреќен случај или евентуално влијаел човечки фактор за несреќата.