Годишна Конференција на Руската заедница во МакедонијаСкопје, 23 мај (МИА) - Во Скопје денеска се одржа годишна конференција на Руската заедница во Македонија, во организација на Заедницата на граѓани руски сонародници во Република Македонија „МР-МОСТ“, здружението „Чајка“, Руското културно-уметничко друштво „Славјанка“ и Заедницата на млади руски сонародници во Македонија, со поддршка на амбасадата на Руската Федерација во Македонија.
Присутните ги поздравија амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Владимир Солоцински, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, претседателот на Комитетот за македонско-руските односи Чедомир Цветановски и претставникот на Сојузот на малцинските етнички заедници во Македонија и претседател на Хрватската заедница во Македонија Марко Орландиќ.
- За жал, далеку сме од посакуваната и можна цивилна, црковна и државна македонско-руска соработка, која мора да продолжи и да се унапреди. Треба да сториме многу повеќе од вербализмот, таа соработка да се случува. Македонците, покрај евро-атлантските, ги преферираат и евро-азиските интеграции, посебно со Руската Федерација, истакна претседателот на СМК, Тодор Петров во својот поздравен говор.
На Конференцијата е истакнато значењето од изработка на Монографија за Русите во Македонија, организирањето на анкетен попис на Русите во Македонија, организирање на научен симпозиум за придонесот на руската интелегенција во афирмацијата на Македонија и македонизмот, регистрацијата на руска православна црковна општина „Свети Борис и Глеб“ во Охрид, откривањето на спомен-обележје во Охрид пред црквата „Света Софија“ за покрстувањето и крунисувањето на Великата Руска кнегиња Олга од Охридскиот Архиепископ Тимотеј во 955 година и покрстувањето на нејзиниот внук Великиот руски кнез Владимир од Охридскиот Патријарх Николај во 987 година, и иницијативата за изградба на Руска црква, манастир и резиденција на поглаварот на Руската Православна Црква во Охрид.
На 24 јули годинава во организација на Комитетот за македонско-руските односи, во црквата „Света Софија“ ќе се одржи свечена академија по повод 1040 години од смртта на Великата руска кнегиња Олга.
|