Промовирана книгата „Оружје за масовна деструкција“ од Иван БабановскиСкопје, 13 октомври 2010 (МИА) - Професорот Иван Бабановски денеска ја промовираше својата нова книга од областа на безбедноста и разузнавањето под наслов „Оружје за масовна деструкција - Европа таргет“.
Книгата дава конкретни и детални податоци за вгнездувањето на радикалниот ислам во речиси сите европски држави, за насилната реисламизација и создавањето на логистичка база на Џихадот за борба против ЕУ, САД, НАТО, Русија, Кина.... Содржините во книгата се појаснети со прилози и фусноти, но и со веродостојни фотографии и друга фотодокументација.
Авторот Бабановски вели дека книгата не застрашува, туку предупредува дека носителите на злото мора да бидат следени, разоткриени и оневозможени во името на правата и слободите на сите граѓани на светот.
- Книгата има не сосема пријатна содржина и наслов, меѓутоа пораката е дека злото и кога привидно напредува, еден ден дефинитивно ќе биде поразена. Таа ја носи пораката дека дефинитивно тероризмот ќе биде поразен и дека ќе доминира добрината и љубовта кај луѓето, изјави Бабановски пред промоцијата на неговата книга.
Бабановски е роден 1941 година во Куманово. Завршува економско училиште во родниот град, а во 1965 година дипломира на Правниот факултет во Скопје. Извесно време работи во Белград, а од 1966 година работи во Службата за внатрешни работи на СР Македонија каде извршува повеќе оперативни и раководни функции се до 1978 година кога е избран за виш предавач на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Автор е на повеќе книги од областа на безбедноста и контраразузнавањето.
|