Почина академик Никола УзуновСкопје, 2 ноември 2010 (МИА) - Академик Никола Узунов почина денеска на осумдесетгодишна возраст, соопшти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Академик Узунов е роден на 12 август 1930 година во село Емборе, Егејска Македонија. Основното образование го завршил во Солун, Грција, средното во Скопје, Економски факултет во Загреб, а докторирал на Економскиот факултет во Белград во 1959 година каде ја одбранил докторската дисертација на тема: „Индустријализацијата на НР Македонија и нејзиниот народен доход“.
По завршувањето на Економскиот факултет во Загреб, се вработува како асистент на Економскиот факултет во Скопје, каде подоцна станува редовен професор. Како визитинг-професор, престојувал на Државниот универзитет во Чико и на Државниот универзитет во Мисури (САД). Професор д-р Никола Узунов бил декан на Економскиот факултет, а го организирал и раководел и Одделението за научно-истражувачка работа на Факултетот.
За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1979 година. Бил секретар на Одделението за општествени науки при МАНУ во периодот 1992/1999 година. Исто така, бил избран и за претседател на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Добитник и на највисоката награда за наука и култура на Р. Македонија – „11 Октомври“ за вонредни придонеси во науката и културата.
Академик Узунов ќе биде погребан в четврток во 12 часот на гробиштата „Бутел” во Скопјет. Посмртните останки ќе бидат изложени во Капелата во „Бутел” од 11 до 12 часот.
Претходно во 9:30 часот Македонската академија на науките и уметностите, заедничка комеморативна седница ќе одржат МАНУ и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
|