Две децении од првите повеќепартиски избори во Македонија

Скопје, 11 ноември 2010 (МИА) - Република Македонија денеска одбележува 20 години од Првите парламентарни повеќепартиски избори, што се одржаа на 11 ноември 1990 година.

По тој повод во Собранието ќе биде одржана свеченост на која ќе се обратат претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, првиот претседател на Парламентот Стојан Андов, претседателот на тогашната Републичка изборна комисија и Републичката комисија за спроведување на референдумот за независност во 1991 година Никола Конески. Ќе бидат емитувани и видео инсерти од првите седници на Собранието на Република Македонија, а ќе се одржи и дебата на тема „Сонот за плурален парламент 20 години подоцна“. Во Кристалната сала на македонското Собрание ќе биде поставена и изложба со фотографии од првиот парламентарен состав.

Првите парламентарни избори одржани пред две децении, според актуелниот претседател на Собранието Вељаноски, заедно со Референдумот на 8 септември,  претставуваат заокружување на вековната идеја и стремежот на македонскиот народ и на сите граѓани земјата за самостојна независна држава, која ќе се темели врз принципите на парламентарната демократија, човековите права и слободи, владеењето на правото, почитувањето на приватната сопственост, и на пазарните законитости. Во истовреме, додава, првите парламентарни избори, а подоцна и конституирањето на првиот плурален Парламент, фактички и уставно-правно,  а секако државотворно, започнува процесот на градење на самостојна држава, на освојување и имплементација на демократските принципи, а со тоа и остварувањето на нашите стратешки определби. 

- Создавање на демократско општество во кое граѓанинот ќе биде носител на власта, понатаму вклучувањето на Република Македонија како препознатлив, но и одговорен субјект во меѓународните организации, а во тие рамки нашата стратешка определба, а тоа се евроатланските интеграции, вели Вељаноски.

Претседател на првото повеќепартиско Собрание беше Стојан Андов, кој заедно со Тито Петковски и Љубисав Иванов учествувал во сите досегашни парламентарни состави.

Одлуките за распишување на изборите и одлуката со која е формирана тогашната Републичка изборна комисија се донесени од претходниот состав на еднопартиското Собрание, а решението за изборите врз основа на таа одлука го потпишал Луан Старова, тогашниот претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

- Прв акт што го донесе Собранието на Република Македонија веќе на 25 јануари 1991 година беше Декларацијата за сувереност. Со тоа Собранието ја промовираше својата политичка програма. Се разбира, основната цел беше разрешувањето, така се викаше тогаш, на кризата во бивша Југославија со цел таа да не ја зафати Македонија и да не ја воведе земјата во воените дејствија. Тоа беше меѓу првите задачи. Потоа се ангажиравме да донесеме устав, да ги извлечеме сите документи со кои државата ќе стане независна. Распишавме референдум, донесовме устав. Во првиот мандат што траеше три години и 10 месеци фактички се извршени сите цели кои Собранието ги определи за себе, раскажува Андов.

Имајќи ги предвид своите очекувања и оние на тогашните народни избраници, тој смета дека има забавување на демократизацијата во земјата. 

- Работите почнаа да се успоруваат. Мислам дека се донесе погрешен модел на приватизација, потоа моделот на приватизацијата се искомпликува така што во Македонија не се создаде можност за странски капитални инвестиции и нов менаџмент. Таа шанса се пропушти. Предолго се остана со врските со Милошевиќ, Југославија и од тука имавме сериозни последици и тоа се одрази на економскиот развој и на меѓуетничките односи. Македонија немаше подготвеност да се разбере нужноста што произлегува од заедничкото живеење на повеќе етницитети, а не само на македонскиот народ во земјата. Сите тие околности, недоволната ефикасност, недоволното разбирање на проблемите, недоволното согледување на вистинскиот историски процес во светот тогаш доведе до некои, да речам, заостанувања и конфликти, вели Андов.

Андов, но и неговиот колега пратеник Тито Петковски, сметаат дека основните причини за политичката состојба во земјата се основата на политичкото организирање, статусот на партиите, внатрешните устројства, недостатокот на демократија и демократизација во партиите. - Тоа се пресадува потоа и од власта, која ги ограничува демократските процеси. Нема демократија, нема дијалог меѓу членството, нема можност вистински да биде информирано. Со него се манипулира, а сето тоа се пресликува во државата и во државните процеси, смета Андов. 

Македонија има дваесет години зад себе, но на планот на демократските достигнувања, вели пратеникот Петковски, немаме со што би можеле да се пофалиме дека сме ја збогатиле политичката кулутра, влијанието на граѓаните во донесувањето на одлуките, отчетноста на институциите, осмислена одговорност за тие што ги носат политичките одлуки...

- Мислам дека сме подалеку од граѓаните отколку што бевме пред дваесет години. Ќе рече некој зошто? Прво такво нешто диктираше изборниот модел. Првиот состав на Парламентот беше чист мнозински изборен модел. Јас и другите моите колеги независно дали сме кандидати на партии или независни, моравме да одиме кај граѓаните, да бараме мандат и да превземе обврска пред нив. Сега тоа го прават политичките партии бидејќи имаме чист пропорционален изборен модел. Имавме мнозински, па комбиниран, па сега чист пропорционален, потсетува Петковски.

Состојбата внатре во политичките партии, вели, е вистинско мерило за демократизација на општеството. - Ако имате до таа мерка централизирани односи внатре во партијата и се тоа е подредено на лојалноста на партискиот лидер и елитата тогаш не може партијата која ќе дојде на власт да функционира поинаку, смета Петковски.

За прашањето за името, кое се провлекува како проблем во изминатите две децении самостојна Македонија, Андов вели дека тој спор не бил спор за името, туку за опструкција на државата.

- Од почеток се покажа како обид на некои од соседите да оневозможат да не постои оваа држава. Се обидуваа да ги соберат потписниците на стариот Букурешки договор. Такви идеи имаше посебно Милошевиќ, но и некои грчки политичари. Кога видоа оти тоа есента 1991 година, по референдумот, никој не го одобрува од меѓународните фактори се пренасочија на закочување на меѓународното признавање на нашата држава. Во август 1992 година формираната Комисија на Бадентер даде тогаш позитивни предлози, но и посочи точки кои ние требаше да ги разрешиме во меѓувреме. Мислам дека кај нас не се обрна доволно внимание на тие паралелни сугестии дадени од Бадентер во извештајот што го достави неговата комисија. Тогаш беа точни укажувањата на двајцата министри, на Денко Малески и на Стево Црвенковски во која насока да се водат работите, но работите не се водеа во тој правец, а сега сме сосема оддалечени од можноста да ги решиме тие прашања, смета Стојан Андов.

Првите повеќепартиски избори на 11 ноември беа одржани  според мнозинскиот изборен систем. Територијата на Македонија беше поделена на 120 изборни единици. На првите избори учествуваа 18 политички партии и 43 независни кандидати. Првиот круг се одржа на 11 ноември 1990 година, а вториот на 25 ноември. Одѕивот на гласачите во првиот круг беше 84,8 отсто, а во вториот 76,8 отсто.

Тема што преовладуваше на изборите беше статусот на СР Македонија во југословенската федерација и прашањето дали треба да се продолжи по патот на поголема самостојност.

Мандати во новото Собрание освоија девет партии и тројца независни пратеници. ВМРО-ДПМНЕ освои 38 мандати, СКМ-ПДП - 31, Партијата за демократски просперитет - 17, Сојузот на реформски сили 18, Социјалистичката партија на Македонија четири, Странката на Југословените два и по еден мандат Народната демократска партија и Партијата за целосна еманципација на Ромите.

Конститутивната седница на првиот плурален Парламент се одржа на 8 јануари 1991 година. Првото македонско повеќепартиско Собрание ја постави правната основа на самостојна Македонија, го распиша референдумот за независност, го усвои Уставот, химната, знамето и ги избра првиот претседател на државата Киро Глигоров и првата Влада предводена од Никола Кљусев.

По првите повеќепартиски избори, во Република Македонија досега се спроведени уште пет парламентарни избори - во 1994, 1998, 2002, 2006 година и последните кои беа и први предвремени во 2008 година. Покраj шестe парламентрани, во изминатите 20 години беа одржани и четири претседателски избори – во 1994, 1999, 2004 и во 2009 година, како и пет локални – во 1990, 1996, 2000, 2005 и 2009 година. Граѓаните на Република Македонија двапати излегуваа и на референдум, во 1991 година кога се одлучија за самостојна и независна држава и во 2004 година кога се изјаснуваа за новопредложената територијална поделба.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Се фали Трпе пред другарите:
- Јас жена ми никогаш не ја тепам. Само ќе ја турнам по скали, а она сама нека се удира кај што сака!
Мујо и Хасо украле хиликоптер од СФОР. По...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен....
Верски календар
На денешен ден
1521.- На филипинскиот остров Макатан домородците...
1791.- Роден е Самјуел Морзе, американски...
1830.- Јужноамериканскиот револуционер Симон...
1905.- Кај месноста Свиланово, во близина на...