ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги намали пензиите за осум проценти, ВМРО-ДПМНЕ ги врати тие пари на пензионеритеСкопје, 11 јуни 2012 (МИА) - Партијата која што ги намали пензиите за осум проценти на пензионерите е СДСМ. Таа е партија што долго време одбиваше да им ги врати украдените пари на пензионерите и впрочем и никогаш не го стори тоа, никогаш не ги врати украдените осум проценти. Тоа го стори Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова го истакна на прес-конференција Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, во реакција на предлог мерките на опозициската СДСМ за стандардот на пензионерите.
Димовски рече дека денеска истата партија со неколку небитни и административни предлози се обидува да остави впечаток дека води сметка за пензионерите. - Тоа не е така бидејќи пред само неколку дена, пратеници и функционери од СДСМ, во Собранието и надвор од него предлагаа намалување на пензиите, посочи Димовски.
Потсети дека откога ВМРО-ДПМНЕ е на власт првпат во изминатите 20 години се зголемени пензиите за 33 проценти во просек, а за најниските пензии зголемувањето е над 40 проценти.
- Дополнително стоиме зад ветувањето дека до крајот на оваа година повторно ќе обезбедиме средства за повторно зголемување на пензиите во Република Македонија, нешто што СДСМ никогаш не успеа да го направи, рече Димовски.
Покрај тоа, додаде, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува и многу други мерки што се однесуваат на пензионерите, како намалување на цените на лековите, бесплатно здравствено осигурување, бесплатен јавен превоз во одредени денови, бесплатно бањско лекување за огромен дел од пензионерите, отворање центри за дневен престој на пензионери.
|