Бичиклиски: Граѓаните заслужуваат да знаат каде СДСМ ги трошеше парите Скопје, 11 јуни 2011 (МИА) - Граѓаните на Република Македонија заслужуваат да знаат каде завршуваа буџетските пари во времето кога СДСМ беше на власт, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Бичиклиски, кој изјавата за медиумите ја даде пред новиот кружен тек кај Католичката црква во Скопје.
- Зад нас е булеварот „Теодосиј Гологанов“, изграден во мандатот на ВМРО- ДПМНЕ. Овој булевар е еден од најсовремените решенија, со четири ленти, со нови велосипедски и пешачки патеки, хортикултурно уреден, а дополнително во делот на крстосницата со улиците „Костурски херои“ и „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ изграден е турбо кружен тек, еден од најмодерните на Балканот. Токму со овој булевар во должина од 1.600 метри е овозможено побрзо и полесно сообраќајно поврзување на општина Карпош со центарот на градот Скопје, рече Бичиклиски.
На само неколку стотина метри од тука, продолжи тој, се наоѓа и Клиничкиот Центар во кој, како што рече, Владата на ВМРО-ДПМНЕ инвестираше десетици милиони евра, само во набавка на нова медицинкса опрема, а дополнително се планира изградба на новиот клинички центар во вредност од 60 милиони евра.
- Во време на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на сообраќајниот метеж во Скопје се изградени и булеварите „Илинден“, „Св. Климент Охридски“, „Србија“, а извршена е и реконструкција на коловозот на голем број скопски булевари и улици, новите тротоари. Во градот Скопје се реконструирани мостови, а се изградени и нови паркинзи и катни гаражи што за кратко време ќе овозможат да се реши проблемот со паркирање во Градот Скопје, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Овие инвестиции, според него, ќе помогнат Скопје да добие изглед на вистинска, а европска метропола.
- СДСМ наместо да бега од реалноста и ноосновано да обвинува треба да каже зошто додека не беше на власт не инвестираше и не градеше за подобри услови за живот на граѓаните. Каде ги трошеа тие парите на граѓаните, праша Биликлиски.
|