Најмалку дваесетина лица, главно од албанската етничка заедница во Македонија, учествуваат во вооружените судири во Сирија, а уште осумдесетина и во други земји - Авганистан, Дагестан, Ирак, Ингушетија..., кои се мотивирани од верски, исламски мотиви. Загинувањето на 39-годишниот Албанец од Гостивар Расим Н. во судирите во Сирија како член на бунтовничкото движење „Јабха ел-нусрах“, поврзано со Ал каеда, е само доказ дека радикалните исламски учења наоѓаат почва и тука, по што тие се решаваат да им пристапат на верски мотивирани вооружени групи, пишува „Дневник“.

Експерти по безбедност проценуваат и дека од балканскиот регион кон Сирија и кон другите земји заминале околу илјада „исламски борци“ кои се борат за соборување на режимот на Башар ал-Асад за таму да биде воспоставена исламска држава, а потоа да се оствари и идејата за обединување на сите исламски држави како калифат врз основа на шеријатското право.
Сознанијата покажуваат дека гостиварецот во Сирија пристапил на една од најекстремните опозициски групи, која има околу пет илјади борци и чиј командант Абу Мохамед ал-Голани и искажал верност на најпознатата терористичка организација Ал каеда. Целта на оваа групација е прво да се собори режимот на актуелниот сириски претседател, а потоа да се воспостави државна власт врз основа на шеријатот. Како непријатели на оваа формација се посочуваат САД и Израел.
„Ова е само ново предупредување за тоа што се случува на балканските простори, од каде што луѓето заминуваат за да се борат во Сирија. Но оваа појава има свои специфичности поради кои безбедносните служби во балканските земји мора да бидат многу внимателни“, вели, за „Дневник“, Џевад Галијашевиќ, директор на Експертскиот тим на Југоисточна Европа за борба против тероризмот и организираниот криминал, од Сараево, БиХ.
Тој укажува дека токму ова заминување на наши сограѓани да учествуваат како борци во вакви радикални исламски формации носи многу опасности и предизвици за во иднина. Тој првенствено мисли на тоа што се случува во релациите на САД и други западни земји и Иран кога е во прашање нивниот судир, кој сега на одреден начин се одвива на балканските простори. Галијашевиќ истакнува дека се индикативни постапувањата на двете страни.
„Од една страна, САД и западните земји се уште немаат дефинитивен став за опозициските групации што се борат против сирискиот режим. Практично, тие како да се во дилема дали да почекаат прво да го урнат режимот на Ал-Асад, а потоа да се реши нивната политичка иднина или уште сега да се направи нешто со бунтовничките групации што се под влијанија на Ал каеда и се радикално-исламистички. Поради ова двоумење, овие земји како воопшто да не водат контрола кој од балканскиот регион заминува да се бори во Сирија на страна на бунтовниците. Од друга страна, Иран се обидува да создаде широка разузнавачка мрежа на овие простори, да спречи заминување на доброволците и дејствува превентивно стравувајќи дека тие ќе бидат следна цел на Западот“, вели експертот.
Тој истакнува дека токму од овие причини на Балканот се случува своевиден разузнавачки судир меѓу САД и западните земји, од една, и Иран, од друга страна. Негова процена е дека во овој период Иран располага со околу 400 разузнавачи, кои се најетаблирани во БиХ, но и кои постојано се движат во земјите во регионот, меѓу кои и Македонија. Тие, практично, ја имаат улога на контраразузнавачка поддршка на сирискиот режим.
„Ваква ситуација е опасна за земјите во регионот бидејќи во Сирија нема позитивна приказна. Луѓе што од овие простори им се придружиле на бунтовниците и кои се под големо влијание на Ал каеда по крајот на конфликтот сигурно ќе се вратат во овој регион, во своите земји. Бездруго, ќе продолжат и да го шират верското учење за кое таму се бореле, како што беше по војната во Авганистан. Од друга страна, режимот на Асад се бори против исламистички тенденции, но тој го подржува исламизмот од ирански тип и ја има поддршка на Хезболах. Етаблирањето на иранските разузнавачки служби на овие простори отвора можност за безбедносни предизвици ако следната цел на Западот биде режимот во Техеран“, предупредува Џевад Галијашевиќ.
Докази за постоењето на радикалните исламски структури во Македонија има со години. За тоа изјавуваа до пред неколку години и највисоки функционери на Исламската верска заедница. Но, од пред една година, таквите тврдења се се поретки. Од македонското МВР ни изјавија дека и нивните оперативни сознанија укажуваат дека наши сограѓани учествуваат во воениот конфликт во Сирија.
„И во земјава постојат следбеници на радикалниот ислам, но нивното досегашно однесување не е во спротивност со законот. Не можеме да знаеме каде патуваат наши граѓани кога ја напуштаат земјава. Тие се слободни во своето движење. Ние ги следиме состојбите“, велат за „Дневник“ од МВР.
Универзитетски професор Методи Хаџи-Јанев, експерт за безбедност, се согласува дека се потребни план и превенција во однос на вакви случувања и потенцијални опасности. Тој укажува дека инцидентите од минатите години покажуваат оти радикални исламски структури дејствуваат во регионот.
„Суштината на тоа треба да биде луѓето да се дестимулираат од таквото делување. Не треба да паничиме, но не и да не правиме ништо. Треба да бидеме максимално внимателни кога е ова во прашање“, нагласува тој.
На ширењето на вахабизмот на Балканот кон кој владите на земјите во овој регион покажуваат мала загриженост и реакции да му се спротивстават, предупреди минатата година и ефенди Мурат Јусуф, претседател на Исламската заедница на Романија на маргините на верската конференција одржана во Скопје.
Засега се' уште не е познато каде точно гостиварецот се задоил со исламски фундаментализам. Тој и неговото семејство повеќе години живееле во Виена, Австрија, каде што се доселите од гостиварското село Беловиште. Неговите пријатели ни рекоа дека до пред седум-осум години тој не се интересирал многу за исламот. Но, сето тоа се сменило во последните години, кога почнал да живее стриктно според строгите исламски норми, кои се применуваат во шеријатот. Од Виена најверојатно и заминал во Сирија, а во Македонија не бил во последната година. Во своето село доаѓал само неколкупати изминативе години и тоа само на куси престои.
Инаку „Дневник“ пред две години пишуваше дека Виена е град што станал своевиден центар за регрутација на радикални исламисти и во кој тие ги организираат своите акции на Балканот и пошироко. Во тој град живее и голема дел од нашите сонародници со исламска вероисповед.