Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ одбележа 22 годиниСкопје, 9 јуни 2013 (МИА) - Унијата на млади сили претставува извор на сила, енергија и кадар, кој знае да придонесе во општиот развој на државата. Тие се значајна алка во нашите заложби за постојани реформи, унапредување на процесите во земјата во секое поле и на секое ниво, за подобрување на стандардот на граѓаните, за подобра конкурентност, за можности на младите и на секој човек во државата во целина.
Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски им се обрати на членовите, симпатизерите и поддржувачите денеска, на 22-годишнината на најсилната и најуспешната младинска политичка структура во Република Македонија - УМС на ВМРО-ДПМНЕ, и нагласи дека партијата ги цени постојаните заложби да се шири и развива и да биде отворена и да го цени квалитетот на поединците.
- Пред мене гледам сила која е суштината по која сме различни од другите. Млади луѓе полни со енергија и ентузијазам, необременети со товарот на минатото, неизвалкани од времето, туку подготвени да се вложат себеси, водени од идејата да се работи, да се посвети на општото добро, да се направи нешто повеќе за сите нас, рече Груевски.
Според него, важно е да им се даде шанса на младите, на најспособните, да им се даде шанса на најдобрите, тоа е дел од успехот кога земјата ја води ВМРО-ДПМНЕ.
- СДСМ сакаат да оспорат седум изборни победи. Тие го потценуваат нашиот народ. Треба да заклучиме дека тие не се криви никако и овие од старо-новото раководство, кои немаат зад себе ниту една реформа по која можеме да ги паметиме, туку крив е народот што поддржува режим од кој се плаши - тотално забегана ситуација. Ги слушам и не можам да им се изначудам, рече меѓу другото премиерот Груевски, потсетувајќи на историската победа на последните локални избори кога резултатот беше 58 наспрема 4 општини за ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ се плаши од реалноста со која се соочува, а таа е, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека ние имаме реформи, проекти и дела зад нас, а тие само голо политиканство. Ние сме партија, подвлече Груевски, која прави реформи, која има субвенции во земјоделството, го промовираме домашниот туризам, бесплатни учебници, зголемување на пензиите, на платите, на стипендиите...
- Велат дека во Македонија има режим. Да зголемиш плати, пензии, социјална помош, да се намалат даноци, да градиш сали, да реновираш и да градиш болници и училишта, субвенции за земјоделците, да ги зголемиш правата на работниците. Каков режим е тоа, во кој режим го има тоа и кој режим може по шести пат да добие препорака од ЕК за почеток на преговорите затоа што земјата е подготвена со реформи и е подготвена за финалните преговори и конечно ги има и сите услови за членство во НАТО, појасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на новото раководство на СДСМ, Груевски посочи дека тоа се луѓе кои секогаш се во врвот на партијата, а двајца, рече, ја воделе партијата и изгубија на по два изборни циклуси.
Изнесените ставови за бранителите на Зоран Заев, според Груевски, не се новина затоа што во минатото, рече тој, тие исто ги третираа, па потоа малку глумеле, и сега, потенцира, се враќаат на старите позиции на СДСМ.
Груевски потсети дека СДСМ се согласи на територијалната организација за Кичево и за Струга да влезат во нови општински граници.
- Седнете и нешто сработотете, почитувајте го народот и не го потценувајте, престанете да бидете арогантни, му порача Груевски на СДСМ, укажувајќи им на тоа дека од освоените четири градоначалнички места, еден од нив, како што рече, ги извиси граѓаните од неговата општина со тоа што има поважна работа и оти од цела недела само еден ден ќе бил во Струмица. Другиот го решава прашањето со „една бандера“, третиот е посветен на тоа како да го сруши изграденото или она во градба, а четвртиот воопшто и не го знаеме. Тој се осврна и на кампањата од 2002 година кога со пораката „Доста е“ од страна на СДСМ беше претставено некакво наводно чудовиште, со кое, рече тој, десет години подоцна коалицираа.
Токму затоа, истакна Греувски, никој не им верува. - Јас никогаш не ви ветувам чуда, но ви ветувам напорна работа. Во Македонија воопшто не е розово, има многу проблеми и предизвици. Во Македонија е потребна силна работа и посветеност, а ние тоа го ветивме, го правиме и ќе го правиме. Решивме многу проблеми, но остануваат уште да се решаваат. Ќе продолжиме на патот на реформите и на евроатлантските интеграции, без оглед на тоа колку препреки ни се појавуваат на тој пат, нагласи Груевски. Говорејќи за прашањето за името, тој потенцира дека позициите на партијата се кристално јасни, а се објавени во изборната програма.
Груевски изрази загриженост од, како што рече, дезориентираниот противник - СДСМ.
- Кога ние ќе паднеме од власт, ќе паднеме од нас самите, а не од СДСМ. Затоа загрижен од тоа, постојано работам на одржување на мобилноста и навиката на спроведување на ветеното и висок степен на посветеност во услови на дезориентирана опозиција, истакна Груевски, предупредувајќи дека не смее да се дозволи опуштеност во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во тој контекст, премиерот Груевски најави дека до крајот на овој месец или почетокот на идниот ќе заврши анализата за „Новиот бран 2013“, со што ќе се детектираат точките каде што е потербно ново кадровско освежување.
Во своето обраќање претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Диме Спасов истакна дека градењето силна, просперитетна и развиена младина е колективен напор кон кој сите треба да придонесат. Голема е одговорноста, подвлече, да се говори во името на над 40 илјади млади во Република Македонија, кои се дел од партијата која веќе седум години по ред со поддршка на граѓаните ги креира и ги спроведува дадените ветувања.
- Партија која го почитува секое мислење, го слуша гласот на иднината и одговара на сите предизвици, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Она што се создава денес, во иднина ќе ги даде резултатите, а ние како млади луѓе имаме потенцијал да ги раздвижиме работите и храброст да ги поведеме на подобро, рече меѓу другото Спасов.
|