Марга Велеска ја доби наградата „Даница Ручигај“ за најдобра дебитантска стихозбирка за 2006 година Скопје, 27 ноември (МИА) - Збирката Тишина на 20-годишната поетеса Марга Велеска од Скопје е добитник на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра дебитантска поетска книга за 2006 година.
Книгата содржи 58 песни и според жирито е најдобро дебитантско остварување меѓу сите пристигнати творби по Конкурсот распишан во јануари оваа година.
Издавачката куќа „Пергамент паблик“ ќе ја објави наградената книга во едицијата „Награда Даница Ручигај“, во која секоја година ќе биде објавувано по едно дело на млад поет-дебитант. Наградениот автор добива диплома и повелба „Даница Ручигај“.
Наградата „Даница Ручигај“ минатата година ја востановија издавачката куќа „Пергамент паблик“ и Златица Ручигај-Поповиќ, сестра на првата македонска поетеса Даница Ручигај, која трагично загина во скопскиот земјотрес во 1963 година.
Прв добитник на наградата беше 15-годишната поетеса Надица Лешникоска, ученичка во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје, за збирката Копрена, пргласена за најдобра дебитантска поетска книга во 2005 година.
|