Усвоени измените и дополнувањата на Законот за оружјеСкопје, 28 март (МИА) - Собранието денеска го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето во кои, како што објасни заменик-министерот за внатрешни работи Рефет Елмази се инкорпорирани сите меѓународни акти кои се однесуваат на оружјето и неговата примена и носење, а земени се предвид и забелешките од невладиниот сектор и укажувањата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
- Кон предложените изменувања и дополнувања на Законот се пристапи и заради одредено нивелирање на содржината во согласност со духот на одредбите на Протоколот за борба против недозволеното производство и трговија со огнено оружје, делови и муниција, кој ја надополнува Конвенцијата на ОН за борба против трансанционалниот организиран криминал, рече заменик министерот за внатрешни работи. Одредбите на овој Закон, во значителна мера кореспондираат со меѓународните инструменти и законодавството на земјите во Европската унија, односно во содржината на постојниот закон инкорпорирана е содржината на Директивата за контрола на набавување и поседување на оружјето 91/477/ЕЕЗ на Советот на Европа. Во Законот новина е категоризацијата на оружјето идентична со Директивата за контрола, набавување и поседување на оружјето на Советот на Европа, рече заменик министерот Елмази.
Наместо Националниот каталог на оружје и муниција сега се предвидува Правилник за видовите на оружјето кои можат да се набавуваат врз основа на одобрение и Правилник за значењето на пооделни видови на оружје од „А“ до „Д“ категорија, согласно законската категоризација. Направена е измена на членот 18 и сега за набавка на нова муниција наместо чаури и проектили треба само да се доставуваат само чаури.
Во Законот има и некои суштински измени во одредбите за производство и промет на оружје и муниција, со цел да се усогласат со Протоколот за борба против недозволеното производство и трговија со огнено оружје.
Одредбите за пренесување на оружје и муниција преку државната граница во целост се усогласени со новиот Закон за полиција и Законот за преминување на државната граница. Исто така, изменета е и одредбата во членот 86 од постојниот Закон, со што граѓаните нема да треба дополнително да доставуваат докази за заменување на постоечките изминати дозволи, туку тие ќе се заменуваат по автоматизам.
Со законските измени предвидена и можност за легализација на оружје од „Б“, „Ц“ и „Д“ категрија кое граѓаните го поседуваат без дозвола, со цел тоа да се стави под контрола.
На предложените измени, забелешки имаше Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и тоа во однос на неменувањето на членот 9 од Законот кој остава можност за дискрециско право на министерот за внатрешни работи или овластени лица да одлучуваат кој моше да добие дозвола, а кој не.
- Во Законот треба да стои точно кога граѓаните ќе можат да го остварат ова право кои критериуми и услови треба да ги исполнат, а не да остане дискреционото право на Министерството за внатрешни работи да ја определува оправданоста за носење и поседување оружје. Така се прави селекција на граѓаните врз основа на произволно милење на МВР, рече Трајанов.
Собранието ја продолжува работата по 34-та седница со разгледување на ратификации на неколку спогодби и договори.
|