Тони Михајловски

Ако ме сакаат сите, значи дека нешто не е во ред со мене

„Се разбира, ако ме мразат сите е уште полошо. Тогаш нешто, дефинитивно, не би било во ред со мене, но мислам дека и покрај целата моја контроверзност, не е така. Сакам да се емоциите кон мене поделени и избалансирани. Кога е така, имаш шанси да бидеш кандидат за човек“, вели Тони Михајловски, една од најконтроверзните јавни личности во Македонија...

Но, и покрај тоа што многумина гледаат со резерва кон неговите ставови, никој не му го негира талентот и актерскиот квалитет. Тие се повеќе пати докажани, а потврда добија и деновиве, кога познатиот српски режисер Срѓан Драгојевиќ („Ние не сме ангели“, „Убавите села убаво горат“, „Рани“...) го ангажираше во својот нов филм „Парада“. Разговорот го почнуваме токму со тоа.

Деновиве имаше ангажман во филмот „Парада“, кој режисерот Срѓан Драгојевиќ делумно го реализира и кај нас. Како тебе ти помина снимањето?

Одлично. Тоа е високопрофесионална екипа, со добра продукција и организација на луѓе кои изработиле многу филмови. Македонија ги „глуми“ Босна и Косово, а јас имав два дена снимање во Битола. Интересно и прекрасно искуство. Се надевам дека ќе излезе уште еден филм од редицата на Драгојевиќ, кој докажа дека е мајстор на својот занает.

Каков е твојот лик?

Го играм Азем, Албанец од Косово, член на старата банда на главниот лик, која повторно се организира заради една „професионална задача“.

Според досега достапните информации, тема на филмот е односот на општеството кон јавното манифестирање на хомосексуалноста, на што укажува и самиот наслов. Главниот лик е хомофоб, кој ќе се најде во ситуација да ги штити хомосексуалците...

Не смеам да откривам многу детали од фабулата, бидејќи тоа треба да го направат продуцентите, но најкратко кажано се работи за хомофоб кој е натеран од својата сопруга да ги заштитува хомосексуалците, и тоа на денот на геј-парадата во Белград. Филмот ги прикажува неговите дилеми и неволји да ги обезбеди учесниците на поворката, почнувајќи од проблемот да собере екипа. Веројатно пораката е: немој да го цениш човекот според она што го гледаш пред да го запознаеш каков е навистина. Верувам дека ќе предизвика интерес.

Кога прифаќаш некоја улога, имаат ли влијание твоите лични ставови кон одредени нешта - политиката, патриотизмот, хомосексуалноста...?

За жал, ниту јас, ниту било кој актер во Македонија не сме во позиција да ги избираме улогите. Филмовите и понудите се толку ретки што тие не’ избираат нас. На крајот на краиштата, можеби и не е професионално да имаш предрасуди околу некој лик, без оглед дали лично се согласуваш со неговите ставови или си на сосема спротивната страна. Дури мислам дека е поголем предизвик да претставиш лик каков што не си и каков што публиката не очекува од тебе. Ако е нешто блиску до твојот картактер полесно ќе ги поврзеш конците да за го исплетеш тоа, а вака треба да направиш нешто поинаку. Јас не сум хомосексуалец, но имам глумено хомосексуалци во театарот, не сум ни Албанец, а еве глумам Албанци, како што сум играл и Роми, иако не сум Ром.

Глумиш и во „Панкот не е мртов“, кој наскоро ќе ја има премиерата, на Скопскиот филмски фестивал. Тоа е доминантно македонски филм. Колку се разликуваат хонорарите овде во однос на Србија?

Речиси се исти. Малку повеќе плаќаат горе, меѓутоа дефинитивно тоа е рамно на ништо. Хонорарите се она што не’ тера да ја користиме реченицата: „Сепак, ова ќе го направам од љубов“. Некаде имам играно и за беспари само за да не го земам тој навредлив износ, кој е далеку под нивото на пристојноста.

Пред малку ги споменавме ставовите кон различни теми, а твоите гледишта често знаеле да предизвикаат доста полемики. Дали тоа влијаело врз твојата работа? Колку режисерите, публиката или новинарите те гледале поинаку затоа што си изјавил или направил нешто?

Секако дека влијаело. Најеклатантен пример е мојот ангажман како портпарол на единицата за брза интервенција „Лавови“. За година и пол вкупно заработив околу 500 евра. Ако имате во вид дека една кирија (а се’ уште сум кираџија) е 200 евра, може да замислите во каква ситуација сум се наоѓал. Ако кажам дека во продавницата каде што пазарам имав сметка која не може да се изброи, јасно ви е се’. И сето тоа затоа што бев портпарол на таа единица. Повеќе од една година главните муабети беа „Не сакаме да го видиме тоа вмровчето“ или „тоа лавчето“. Ветото се однесуваше и за претставите и за ивентите. Ќе ме побараа за да ми закажат некој настан на одреден датум, па ќе ги немаше да се јават. И откако јас ќе ги побарав ден-два пред одржувањето на приредбата, ќе ми речеа: „наредено ни е да те тргнeме, не ни дозволуваат да соработуваме со тебе“. Имало режисери кои се бореле да ме ангажираат во претстава, но директори на театрите, како Сашо Миленковски или Бранко Ѓорчев, им велеле: „Мораш ли баш него да го земеш?“. Притоа немаше голема разлика дали е на власт СДСМ или ВМРО ДМПНЕ. Едните беа параноични дека сум преголем националист, а другите имаа дилема дали навистина сум десничар или шпион на СДСМ испратен во нивните редови (се смее).

А, дали навистина си десничар?

До коска. Но, мојот национализам е испреплетен со космополитизам. Што значи тоа? Не сум националист априори. Ги почитивам сите нации, сите религии, раси, сексуални определби... Националист станувам во оној момент кога некој ќе ме нападне, ќе ме негира или кога ќе се обиде да ми го наметне својот стил на живот. Тогаш веќе не сум умерен, попустлив и повлечен. Во такви ситуации реагирам, а секогаш кога отворено ќе реагираш на нешто, вниманието на јавноста се свртува повеќе кон тебе отколку додека толерантно го премолчуваш она што можеби не ти се допаѓа. Како помлад бев поекстремен и подиректен. Со текот на годините и созревањето го ублажувам ставот, сфаќајќи ја подобро неминовноста и суровоста на животот. Една од работите што ја научив по сите овие години е дека нема никаква корист од тоа да си десничар или левичар, па ни патриот. За жал, се покажа дека во Македонија патриотизмот е само лажна храна за сиромашните и наивните.

А, како да се направи корисен?

Кога ќе се врати чувството за државност кај Македонецот, тогаш патриотизмот ќе ја добие својата вистинска боја и ќе застане на пиедесталот. Дотогаш ќе биде само емотивно поткусурање и манипулирање на широките народни маси. Секој може да се прогласи за патриот, бидејќи немајќи чувство за државност, не знаш кој си, за која држава се залагаш, како таа ќе се вика... Мене лично не ми е јасно каде и зошто сме ги загубиле тие работи. Најверојатно нешто треба да откопаме од својата историја и да не се плашиме од тоа дека сме можеби навистина наследници на античките Македонци, на Александар.

Зошто можеби? Не си сигурен во тоа?

Зборувам за оние кои имаат дилема. Јас сум сигурен и мојот 20-годишен син Александар го воспитувам дека е антички Македонец, како и што го крстив со сосема јасна намера.

Но, се презива Михајловски, што е многу повеќе словенско отколку античко...

Точно, и јас немам ништо против словенството. Само сакам да укажам дека сигурно имаме подолга историја од онаа што ни ја презентираат во последните 60 или 70 години.

Колку е тоа воопшто важно, дали сме словенски или антички Македонци?

Ако нам не ни е важно кои сме биле, сигурно на Европа нема да и’ биде важно кои ќе бидеме. Сите знаат за потеклото на Французите, Англичаните, Германците... Ако го отфрлиме минатото, нема да биде битно што ќе бидеме во иднина. Она што доаѓа се потпира на тоа што било претходно. Ние не знаме какви обичаи ќе има на овие простори за сто години, но знаеме какви обичаи сме имале пред 1.000 години.

Не мислиш дека ја губиме иднината занимавајќи се премногу со минатото на овој начин? Александар ретко кога служи како инспирација.

Тоа е точно, никој не докажал дека му е Александар добра инспирација. Ние си дозволивме да не снимиме досега филм за таква личност, како ни за Филип, како ни за децата бегалци од Егејска Македонија. А, се изнаснимавме за турското ропство и за некои други работи. Македонските филмови во одреден период, особено првите по независноста, беа голем маркетинг за државата, како позитивен (помал дел), така и негативен (поголемот дел). Да си вистински инспириран од Александар, пред се’ значи да немаш предрасуди. Тој ги почитувал поинаквите од себе, создал нација од различни националности, мешал бракови, ги носел нивните носии кога освојувал нечија земјата... Ние сме овде соединети, а некој на сила се труди да не’ растури и да не’ убеди дека не размислуваме како Александар. Тој дух се’ уште постои, иако како да е затрупан некаде. Треба да го откопаме, и така ќе бидеме посигурни во својот идентитет.

Да се вратиме на секојдневието. Што ти донесе, а што ти одзеде естрадизацијата?

Ух, факт е дека јас се искомерцијализирав себеси до болка. Во 1997. дадов отказ во МНТ затоа што имав двојно помала плата од чуварот во театарот. Тој и треба да има толкава плата, но верував дека мојата мора да е повисока. А, кога ќе останеш сам, без институција зад себе, животот не те прашува како ќе се снајдеш. Желбата ми беше да останам во Скопје, и не сакав да се вратам во Куманово со подвиткана опшка. Комерцијализиаријата беше начин да преживеам. Телевизијата е медиумот кој ги прави луѓето познати, а на крајот а краишатата, еден актер ако не е популарен ништо не продава, вклучувајќи ги и своите претстави.

Дали некогаш жалиш што го направи тој избор и што твојата кариера не тргна во насока на кариерата на Никола Ристановски? Пред 15 години бевте на слични позиции.

За мене е тешко да се прават споредби, зашто јас сум расколникот во театарот. Се враќам на две години, играм претстава, ги ставам жиријата во кошмар и докажувам дека не сум заборавил да глумам. Штета е што сме затворени во некој внатрешен круг - немаме кинематографија, не снимаме доволно филмови, не продуцираме квалитетни претстави, барем во последно време. Се навежба и се изнарежира секој што го помислил тоа, а немал ни р од режија во себе. Не сакав кариерата да ми оди во таа насока што ќе бидам примерен, туку сакав да сум оној што ги кажува работите. Чувствував дека ако направам компромис некаде, ќе се изгубев на тој пат. Кариерата на Ристановски е доказ дека треба да си на вистинското место, во вистинското време, со вистинските луѓе. Неговото заминување во Белград е преку Егон Савин, кој работеше овде две претстави со Никола и го осозна како актер. Квалитетот не може никој да му го оспори, дури ни професорите, кои заедно не’ бутнаа во прва година, како „неталентирани“, па продолживме кај Владе Милчин, што е позната траги-комична приказна. Јас лично уживам во начинот на кој ми се развива кариерата. Веројатно направив грешка што не отидов во Белград, а имав добра понуда, по „Буре барут“. Можеби тогаш требаше да го направам тој потег.

Кога зборуваме за естрадизацијата, се наметнува прашањето зошто и уметниците забавата ја сфаќаат како нешто површно? Не е мал бројот на актери кои се обидоа на телевизијата, но буквално никој не го работи она што му е професија, туку сите водат т.н. ток-шоу емисии, готват јадења или коваат даски... Во тој контекст, твојата емисија „Опуштено“ е една од најконтроверзните. Зошто тоа, а не демонстрирање на актерската уметност?

Јас сум автор на „Златна буба мара на популарноста“. Тоа е моја идеја. Првите стенд-ап точки во Македонија почнаа да ги прават Гоце Тодоровски и Ванчо Петрушевски, па имаше долга пауза додека јас не преземав да се зафатам со таа работа. Значи, сум еден од пионерите во тој дел. Тоа е гранка кога кај нас сега посериозно пркнува благодарение на деца, како Гораст Цветскови, Сашко Коцев и неколку други. На времето имаше двајца дежурни водители на телевизија, Антонио Димитриевски и Иван Мирчевски. Луѓе кои немаа поминато никакво образование за дикција, говор и однос пред камера, себеси се сметаа за високопрофесионални водители. И сите мислевме дека е тоа реперот. Но, кога почнаа некои актери да се појавуваат, како Игор Џамбазов со „Дневна соба“, видовме дека водителот може да биде пријатен, па дури и да го разбереш што сака да каже (се смее). Кога почнав да ја правам емисијата „Опуштено“, на ум ги имав Али Џи и Конан О’Брајан. Значи, поекстремни водители, кои се подиректни, поласцивни и кои поставуваат понезгодни прашања. Јас сосема свесно ги допирам табу темите, зашто сметам дека само така ќе ги срушиме. На прв поглед можеби изгледа дека е сето тоа несериозно и површно, но ви тврдам дека концептот и сите прашања се однапред подготвени. Како што и водењето на „Златна буба мара“ не беше спонтано. Уште ги чувам скриптите во кои стои дека секој збор бил претходно добро осмислен и подготвен. „Опуштено“ е намерно направена да биде една од погадните емисии.

Во тоа е прашањето, зошто е гадна?

Нашите јавни личности гостуваат во сите емиси, и секаде се „прекрасни, љубезни, смирени, без гревови...“. Јас не верувам во такви „совршенства“ и сакам да ја покажам другата страна од медалот. Раскажи ми за своите пороци, за она што не го знае народот за тебе. Ако сакаш да бидеш ѕвезда и луѓето да те обожаваат, тие мора да знаат каков си навистина. Нема криење на слабостите. Јас сум признал консумирање опојни супстанци, па ги прашувам и другите за тоа. Целта е да ја донесам вистинската слика за оној што ми е гостин, да покажам дека е тој човек од крв и од месо, кој се смее, кој може да се расплаче, да се изнервира, да опцуе. Сакам да ги размрдувам работите во баруштинава, а тоа не можеш да го постигнеш со „Вујаклија“. Понекогаш мора да се спуштиш и да избанализираш нешто. Постои таа страна кај секој од нас. Дури и највозвишениот човек на моменти сака нешто банално.

Пред малку рече дека не сакаш да бидеш примерен. Сепак, имаш ли некогаш желба да си „доброто момче“, а не „опасното момче“, за каков што те доживуваат повеќето?

Не сакам да бидам „соврешен“, затоа што знам дека не можам да сум тоа. Ако се обидам, сигурно ќе кикснам во одреден момент. Јас знам каков сум, а и тие што биле со мене одредено време, исто така знаат. Немам потреба да се докажувам или да ја поправам сликата за себе со глумење вештачка учтивост. Имав случај на улица, кога на госпоѓа што возеше пред мене и’ се угасна автомобилот. Ни еден од, веројатно фините џентлмени, што беа присутни не излезе да и’ помогне, а јас се паркирав десетина метри настрана и заедно со неа ја избуткавме колата до бензинска пумпа. Жената кога ме виде мислеше дека се работи за скриена камера или некоја друга шега. И’ беше потребно време да сфати дека овој „дрзок, безобразен човек, кој само знае да се смее“, застана и единствен и’ помогна во моментн кога и’ требаше помош. Мене лично таквите случаи ми се поважни отколку додека зборувам на телевизија да ми тече мед од уста. Ако ме сакаат сите, нешто не е во ред со мене. Се разбира, ако ме мразат сите е уште полошо. Тогаш нешто, дефинитивно, не би било во ред со мене, но мислам дека и покрај целата моја контроверзност, не е така. Сакам да се емоциите кон мене поделени и избалансирани. Кога е така, имаш шанси да бидеш кандидат за човек.

Се забалежува дека како член на жирито во шоуто „Идол“ помалку ги пецкаш и ги исмејуваш кандидатите во последниве емисии. Дали е тоа по сугестија од некого?

Не, ова е еден вид стратегија. Во почетокот ги пецкавме повеќе, а сега се избраните 20, па треба да им се даде кураж. Затоа е ублажена критиката. Мојата улога од почетокот bеше да бидам bad guy, и во следните изданија ќе се врати повторно тој аспект, за да не летнат учесниците премногу во облаци.

Најверојатно се приближуваат избори. Ќе се ангажираш ли поконкретно во кампањата, ако не како кандидат на некоја листа?

Не знам. За некои мои колеги изборите значат опремување стан, или дури купување стан или кола. Мене досега тоа не ме погодило. Член сум на Обединети за Македонија, па со самото тоа и близок до нив. Но, себеси не можам да се видам ни како пратеник, ни како партиски активист. Својот политички ангажман евентуално би го нашол во културата. За таму можам да се понудам и сигурно би бил подобар како менаџер од недокваканите менаџерчиња, кои го уништија театарот во изминатите 20 години, поаѓајќи од лични причини и комплекси.

Што мислиш за проектот Скопје 2014?

Кога денес би ги прашале Ченто, Гоце, Даме, Александар и другите, што сакаат - споменици за себе или на народот да му биде подобро, сигурно ни еден нема да побара споменик. Нас не’ доведуваат во ситуација да зборуваме против своите големци, да ги негираме нивните споменици, што е многу страшно и перверзно, но за жал е така. Мене во моментов не ми треба споменик, туку ми треба живот. Сакам да живеам. Јас сум прв за тоа минатото да се стави на виделина, но не вака одеднаш, не со ваков волумен. Да беше Скопје 2034 сигурно ќе го поддржев. Стратегија за промовирање на историјата во период од 20 или 25 години е нешто сосема разумно. Но, во моментов е многу поважно да подобри сообраќајот во Скопје, да се прочисти Вардар, да се инвестира во развојот на другите градови... Според мене Скопје 2014 е фрлање и перење пари од невидени размери, кое допрва ќе се открива. А, што се однесува до старо-новиот театар, тоа е тотален концепциски апсурд. Кога ќе биде изграден, таму ќе се пресели Драмски, МНТ ќе оди во бараката на Драмски, а театар Центар ќе се урне и на тоа место ќе добиеме трговски центар. Апсурдот е во тоа што ќе се измешаат публиките. Сите знаеме дека секој театар си има своја редовна публика. И оние кои со години оделе во Карпош, сега ќе треба да го поминуваат Вардар, а тие што со години гледале претстави во Центар, ќе треба да одат во Карпош. Мислам дека подобар пример колку е лошо поставен целиот концепт.

Миодраг Мишолиќ

Извор: www.intervjua.com.mk



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Оглас:
Продавам сперма! Монтажата е бесплатна!

***
-Професоре, имам некое лошо претчувство дека син ми нема да го положи вашиот испит...
-Ајде да се обложиме во 100 евра...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на борба против астмата
1903.- Во селото Баница, Серско, Егејска...
1912.- Кај селото Фариш, во Дреновската Клисура,...
1928.- Роден е египетскиот државник Хосни...