Заврши судењето против Pirate Bay, кое го покрена филмска и музичка индустрија. Вчера обвинителството и одбраната ги имаа завршните зборови, а допрва на 17 април може да се очекува и конечната пресуда.

Четворицата основачи на Pirate Bay се обвинето за кршење на авторските и сродните права, но во текот на судењето, дел од обвиненијата беа отфрлени. Бранителите на Bay соопштија дека сервисите за размена на податоци можат да се користат и за легални и за нелегални цели, а за тоа одлучуваат корисниците, а не основачите на сервисот.
Одбраната на обвинетите истакнаа дека главен проблем е целосната интернет инфраструктура, каде голем број страници и сервиси, кои се легални, како што е Google, можат да имаат линкови и да водат до содржини со заштитени авторски права. Тие истакнаа дека и самиот Google може да се користи за пребарување торент страници.
Обвинителството се обиде да ги побие овие тврдења истакнувајќи дека преку Pirate Bay се пребаруваат само илегални материјали и оти тој не може да се споредува со останатите страници и сервиси. Дали и судот исто мисли, ќе дознаеме на 17 април, кога се очекува конечната пресуда – слобода за основачите на Pirate Bay или затвор со плаќање на оштета.