Според резултатите од неодамнешните истражувања, научниците открија дека на мозокот, интензивната заљубеност делува исто како и амфетаминот.

За оние кои имаат нежни и романтични идеи за тоа што претставува љубовта, дојде време да се отрезнат и да го дознаат рационалното објаснување за дејството на љубовта.
Имено, група на невро-научници од Лондон се обидоа да одговорат на прашањето „Што е тоа љубов?“ Се разбира, одговорот не го бараа со бесцелно филозофирање, туку ја истражуваа биологијата на љубовта токму на научен начин, со скенирање на мозокот на испитаниците.
Критериумот за учесто во истражувањето било испитаниците да бидат „искрено, длабоко и лудо заљубени“. На избраните испитаници им бил снимен мозокот со помош на магнетна резонанца, со што го мереле дотокот на крв во одредени делови на мозокот. Во оние делови на мозокот кои се поактивни дотекува повеќе крв, со што на сликите од мозокот лесно може да се види во кој момент кои центри се активирале.

Од резултатите на истражувањето се заклучило следното:
На пример, додека гледате фотографија од својот љубен или љубена, силно се активира центарот за наградување и се добива чувство на задоволство и еуфорија. Истовремено, значајно се намалува активноста во оние делови на мозокот кои се инаку задолжени за тага, страв и анксиозност. Воедно, намалена е и активноста на деловите задолжени за критичко мислење. Овој факт е особено интересен, бидејќи со него се објаснува зошто кога сме заљубени не сме повеќе во состојба критички да го набљудуваме нашиот избраник.
Она што е од особена важност за истражувањето е што иста ваква шема на активација на одредени делови на мозокот и деактивација на други може да се забележи и кај личност која се наоѓа под дејство на различни дроги кои предизвикуваат еуфорија.

До сличен заклучок дошле и американските психијатри, кои истакнуваат дека страстната љубов ги има сите карактеристики како и амфетаминската возбуда. Не само што на сличен начин создаваат подобро расположение, туку имаат и слични симптоми на апстиненциска криза кога остануваме без нив: анксиозност, страв, паника. Причината за тоа лежи во фактот што, кога ќе се заљубиме, мозокот произведува разни хемикалии, како што се допаминот, неорадреналинот и особено фенитиламинот, кои се хемиски сродни на амфетаминот.
За жал, како што ни е познато на сите, ова почетно чувство на еуфорија не трае долго. Некои успешно го заменуваат со долгорочно чувство на приврзаност и сигурност, додека пак оние кои не можат без него, скокаат од една врска во друга со цел одново да се заљубуваат и да ја чувствуваат таа природна дрога.
