Грбавите китови одамна се предмет на восхит поради нивната интелигенција и нивното однесување со другите морски суштества е детално набљудувано и документирано.

Особено е интересна навиката на китовите да се здружуваат и да дуваат меури, создавајќи прстен околу јато мали риби за да ги „соберат“ и така полесно да се хранат. Оваа ловечка соработка поттикна интересни шпекулации за природата на комуникацијата меѓу членовите на тимот.
Нова студија открива дека грбавите китови всушност создаваат и користат алатки за лов и тоа е навистина фасцинантно за гледање. Во 2021 година, тим научници од Институтот SETI спроведе „разговор“ со еден грбав кит по име Твејн. Разговорот се состоеше од пуштање китовски повици преку подводен звучник, на кои Твејн одговараше со слични повици.
Подоцна, во студија од 2024 година од истата група, повиците на китовите за време на настани на хранење со меури, кои претходно се сметаа за случајни и без некоја посебна цел, се претпостави дека имаат поспецифични цели.
Одредени повици изгледа дека служат за давање инструкции или насочени пораки до групата. Но, овие студии не се занимаваа со доброволните интеракции на грбавите китови со луѓето, односно со контакт кој не е инициран од истражувачите, ниту пак со нивното дување меури освен како ловечка стратегија. Нова студија од научниците од SETI и Универзитетот на Калифорнија, објавена во Marine Mammal Science, ги разгледува и двата аспекти на однесувањето на китовите и документира дека грбавите китови создаваат големи прстени од меури за време на пријателски средби со луѓе, што изгледа како обид за испраќање пораки.
Главната цел на Институтот SETI е да го разбере потеклото и распространетоста на животот и интелигенцијата во универзумот, па овие интеракции предизвикаа голем интерес. Невербалната комуникација, како и обидите за говор, каде и да се појават, се сметаат за клучни за понатамошно разбирање на сите облици на живот. Ова важи и за нечовечки видови на Земјата, како и за какви било разумни суштества со кои би можеле да стапиме во контакт преку истражувањето на вселената.
-Грбавите китови живеат во сложени општества, акустички се разновидни, користат меурести алатки и им помагаат на другите видови кои се вознемирувани од предатори, вели коавторот д-р Фред Шарп.
-Сега, слично на кандидат-сигнал, покажуваме дека тие дуваат прстени од меури во наша насока како очигледен обид за игрива интеракција, набљудување на нашата реакција и/или вклучување во некаква форма на комуникација.
Кандидат-сигнал е назив за интересни радио-бранови кои можат да се детектираат од длабочините на вселената и кои се предмет на бројни анализи за нивното потекло и значење. Тимот ги споредува овие обиди за комуникација од страна на китовите и напорите на истражувачите да ги разберат нивните пораки преку меурите со работата што се прави за толкување на интерпланетарни радио-сигнали.