NASA и SpaceX потпишале договор за лансирање на нешто што агенцијата го нарекува „пионерска астрофизичка мисија“ – мисијата IXPE (Imaging X-Ray Polarimetry Explorer), со чија помош еден ден астрономите ќе можат да ги разоткријат мистериите за црните дупки и неутронските ѕвезди.

Мисијата ќе чини 50.3 милиони долари и во нејзин склоп ќе бидат лансирани 3 вселенски телескопи способни за анализирање на поларизацијата на космичките икс-зраци. Со добиените податоци научниците би можеле да откријат како супермасивните црни дупки, магнетарите (специфични видови на неутронски ѕвезди со исклучително моќни магнетни полиња) и т.н „ветерни маглини“ (бури од вселенски ветер кои се креираат по создавање на супернови) се формираат.
Како прелиминарен датум за лансирање е одреден април 2021-ва, а IXPE ќе биде дел од товарот на Falcom 9 ракетата на SpaceX која треба да полета од лансираниот комплекс 39А на вселенскиот центар Кенеди во Флорида.
Ова е само едно од бројните лансирања за кои SpaceX има потпишано договори со NASA, кои ги вклучуваат и комерцијалните мисии за снабдување на Интернационалната Вселенска Станица.