Научниците детектираа бранувања во Вселената од насилното судирање на две масивни црни дупки кои кружеле една околу друга далеку од работ на Млечниот Пат.

Црните дупки, секоја со маса поголема од 100 Сонца, се судриле и се споиле во уште помасивна црна дупка, на оддалеченост од околу 10 милијарди светлосни години од Земјата.
Настанот е најмасивното спојување на црни дупки досега регистрирано од гравитациски детектори и ги натера физичарите повторно да ги преиспитаат своите модели за тоа како се формираат овие џиновски објекти. Сигналот бил регистриран кога пристигнал до ултрасензитивните детектори на Земјата, кои можат да забележат вибрации во простор-времето илјадници пати помали од ширината на еден протон.
-Ова се најнасилните настани кои можеме да ги набљудуваме во Универзумот, но кога сигналите ќе стигнат до Земјата, тие се најслабите феномени што можеме да ги измериме, изјави професорот Марк Ханам, директор на Институтот за гравитациско истражување при Универзитетот во Кардиф.
Доказите за судирот пристигнале ред 14 часот по британско време на 23 ноември 2023 година, кога двата американски детектори во Вашингтон и Луизијана, управувани од Обсерваторијата за гравитациски бранови (LIGO), регистрирале сигнал во исто време.
Ненадејната деформација во простор-времето предизвикала детекторите да се растегнат и соберат за само една десетина од секунда, краток момент што ја фатил т.н. „фаза на одзвучување“ кога новоформираната црна дупка се стабилизирала.
Анализата на сигналот открила дека судрените црни дупки имале маса од 103 и 137 Сонца и се вртеле околу 400.000 пати побрзо од Земјата, што е близу до теоретската граница за вакви објекти.
-Ова се најголемите маси на црни дупки што сме ги измериле со гравитациски бранови“, рече Марк Ханам, член на научната соработка на LIGO.
-И тие се чудни, бидејќи се токму во тој опсег на маси каде поради разни чудни причини, не очекуваме да се формираат црни дупки.
Повеќето црни дупки се формираат кога масивни ѕвезди остануваат без нуклеарно гориво и колабираат на крајот од својот животен циклус. Овие екстремно густи објекти го искривуваат простор-времето толку многу што создаваат „хоризонт на настани“ — граница од која дури ни светлината не може да избега.