Facebook проработи по најголемиот пад во историјата, но, се уште има проблеми. Од компанијата нагласија дека не се работи за хакерски напад, без да соопштат повеќе детали. Исто така, големи проблеми се уште имаат Instagram, WhatsApp и Messenger, апликации кои се во сопственост на Facebook.
Првите проблеми се случија вчера околу 17 часот. Иако Facebook се вчитуваше, многумина пријавија проблеми со објавите. Корисниците на Instagram, пак, не можеа да ја рефрешираат насловната, ниту да објавуваат фотографии. Но, утрово од Instagram соопштија дека проблемите се отстранети.
Facebook последен пат имаше вакви големи проблеми во 2008 година. Но, тогаш имаше околу 150 милиони корисници, за разлика од сега – 2,3 милијарди.
Компанијата, која претежно се финансира од огласи, соопшти дека истражува до која мерка проблемите се одразиле на огласувачите, со можност евентуално да им се вратат парите.
Меѓутоа, тоа не е единствен проблем со кој се соочи Facebook. „New York Times“ објави дека против Facebook њујоршките обвинители покренале истрага поради лични податоци кои таа социјална мрежа наводно споделувала со други технолошки групи.