Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на министерскиот панел „Shaping Prosperity – Political Leadership and Strategic Choices for Digital Economic Growth“, кој се одржува во рамки на е-гов конференцијата во Талин, Естонија.

Во своето обраќање, Андоновски истакна дека дигиталната трансформација е суштински предуслов за градење фер, безбедно и модерно општество, соопшти Министерството за дигитална трансформација
- Дигитализацијата не е изборна техничка модернизација. Таа е основа за економски раст и заштита на правата на секој граѓанин – од мајката во Скопје што не мора да чека во ред за да добие извод од матична книга на родени, до претприемачот во Кавадарци кој добива потврда за енергетска дејност без да плати мито, порача министерот.
Тој подвлече дека Македонија веќе ги реализира клучните приоритети.
- Редизајниран националдни портал за е-услуги со повеќе од 250 онлајн услуги достапни за сите граѓани; План за примарен дата-центар и хибридна консолидација на ИТ-ресурсите за посигурно и поефикасно управувањ; нов Закон за сајбер безбедност и национална стратегија за сајбер безбедност, усогласени со европската NIS2 директива; четири закони за дигитализација во рамки на Реформската агенда - Партнерство со приватниот сектор за креирање инклузивен и сигурен дигитален екосистем, посочи Андоновски..
Министерот нагласи дека политичкото лидерство е клучно за претворање на дигиталниот потенцијал во реален раст и просперитет.
- Дигитализацијата мора да ја мери својата успешност според тоа колку навистина служи на сите – не само на најповрзаните, туку на секој граѓанин кој заслужува достапност и доверба во системите, кажа Андоновски, потенцирајќи ја потребата од регионално и меѓународно партнерство, заедничко учење и споделување добри практики.
Е-Гов конференцијата 2025, која се одржува на 28 и 29 мај во Талин, е еден од водечките светски собири за дигитална трансформација. Оваа година, конференцијата собра над 600 лидери за дигитален развој, креатори на политики и донатори од повеќе од 80 земји. Организирана од е-Гов академијата (eGA), во соработка со Министерството за надворешни работи на Естонија и ESTDEV, конференцијата служи како платформа за размена на искуства и добри практики во областа на дигиталното управување.
Министерот Андоновски, најави одржување на Дигитален самит во Македонија во октомври 2025 година. Самитот ќе биде организиран од Министерството за дигитална трансформација со поддршка од партнерски организации и општествено одговорни компании. Дигиталниот самит ќе биде значаен чекор во развојот на дигиталната трансформација во Македонија и регионот, со акцент на поставување нови стандарди и поттикнување на иновации, се наведува во соопштението од Министерството за дигитална трансформација.