Британската ТВ куќа BBC е одлучна во намерите на своите гледачи да им овозможи пристап на интернет од нивните мали екрани.
Научниците од оваа корпорација работат на проект наречен Canvas, кој треба на корисниците да им овозможи со помош на својот телевизор да сурфаат на интернет, а притоа да гледаат и телевизија.
BBC со ова може да ја има главната улога во спојувањето на интернетот со ТВ технологијата. Сепак, критичарите потенцираат дека не смее британската влада да му дозволи на медиумскиот гигант да троши државни пари.
За комплет услуги, корисниците ќе мораат да платат 200 фунти (околу 225 евра), а со тоа ќе имаат пристап не само на HD и Freeview каналите, туку и на веб страниците BBC iPlayer, ITV Player, NHS Direct, YouTube и Amazon. Останатите интернет сајтови ќе мораат на адекватен начин да се „преведат“ за потребите на телевизијата, за да можат да се прикажуваат на телевизорот.
Тоа значи дека од сега нема да ви биде потребен компјутер или мобилен телефон за да сурфате на интернет. Сега интернетот е достапен само со едно притискање на копче на далечинскиот управувач.
- Ова е вистинска трансформација на телевизијата. Очекуваме нашиот проект да биде успешен, изјавија од BBC.